Вознемирување

Уметноста, особено книжевноста, треба да си поигрува и со најсензитивните теми или токму со нив, понекогаш преку големи историски теми, но понекогаш и преку „мали обични“ приказни. Токму ние на Балканот можеби најсилно го чувствуваме проклетството (или благослов) да создаваме уметност во „интересни времиња“. Понекогаш ни пречи што остатокот од светот таа специфика на регионалната книжевност ја смета за егзотика, но можеби токму тоа ѝ дава смисла и длабочина на уметноста (книжевноста) што се создава на овие простори. Па, наместо да се бодеме како рогови во вреќа, да ја афирмираме регионалната книжевност како нова енергија на уморната културна Европа

„Ве молиме вознемирувајте“ (Please Do Disturb), оваа преиначена фраза од оригиналната (која содржи негација, а вообичено нѐ пречекува закачена по кваките на хотелските соби) е искористена како мото на годинашното издание на тековниот фестивал на европска литература „Букстар“. Таа реченица ја искористи и писателката Лидија Димковска како водилка во своето исцрпно и многу инспиративно излагање на отворањето на фестивалот, укажувајќи, во нејзиниот својствен крајно досетлив и занимлив стил на искажување и пишување на неопходноста од ангажман во книжевноста и уметноста, воопшто, кога ја опишува стварноста. А таа стварност, како што вели Лидија, „нѐ урива како земјотрес, нѐ гори како пожар, нѐ разнесува како цунами, нѐ топи како санта мраз, нѐ повредува како сообраќајна несреќа, нѐ измачува како неизлечива болест, нѐ убива како војна…“
Во истиот дух и на истата тема (дали книжевноста треба да забавува или токму спротивното, задирајќи длабоко во болните бразди на стварноста – да вознемирува) течеа и другите обраќања и разговори на сцената во МКЦ, уредена според фестивалските потреби, за сите заедно (гостите од неколку европски и балкански земји, заедно со нашите автори, учесници, публика…) премолчено да се согласат дека уметноста не може да остане надвор од она што се случува наоколу и дека токму во тоа се нејзината моќ и сила, но и нејзиното терапевтско дејство (со алузија на фразата „Уметноста треба да ги вознемирува смирените, а да ги теши вознемирените“ на Цезар А. Круз).

И тука се потсетив на една друга фраза што ја искористив како наслов на мојата книга колумни: „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња“. Во оваа збирка културолошки ставови и искуства, избор од осумдесетина авторски колумни пишувани во последниве десетина години, речиси без исклучок темите се однесуваат на невеселата сегашност. Кога ја конципирав, не се обидував да форсирам одреден поглед на светот, но секако сакав да испратам порака зошто уметноста и културата како документација на една временска епоха треба да се сфатат сериозно. Насловот на книгата „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња“ (преземен од еден од вклучените текстови во книгата, а по повод темата на 58. Венециско биенале на уметност) беше алузија на познатата англиска фраза, долго време погрешно цитирана како стара кинеска клетва, која се однесува на периодите на несигурност, кризи и превирања, на лажни вести и уништени вредности, на „интересните времиња“ какви што се овие што ги живееме и денес. Ова можеби е момент кога треба да застанеме и да преиспитаме некои референтни поими: расата, родот, уметноста и културата, филмот и литературата, медиумите и технологијата, како и прашањата на слободата и стравот, популарноста и вредностите, како клучни обележја на денешницата. Мојата намера низ овие текстови, но и воопшто низ целото мое досегашно новинарско пишување, не е само критика на овие сѐ уште нерешени егзистенцијални прашања, туку повеќе е поттик за конструктивен дијалог и проширување на менталниот и духовниот капацитет да се види светот како што не се гледал досега или како што некои не сакаат да го видат, со цел тој да се промени.

На посреден начин сакав да создадам своевиден водич за тоа како може да се живее и мисли во „интересни времиња“ и како да почнеме да гледаме подалеку од очигледното.
Уметноста, особено книжевноста, треба да си поигрува и со најсензитивните теми или токму со нив. Понекогаш преку големи историски теми, но понекогаш и преку „мали обични“ приказни. Ваквите размисли понатаму на отворањето на фестивалот се пренесоа и во разговорот, кој во фокусот ја имаше регионалната книжевна сцена. Токму ние на Балканот можеби најсилно го чувствуваме проклетството (или благослов) да создаваме уметност во „интересни времиња“. Понекогаш ни пречи што остатокот од светот таа специфика на регионалната книжевност ја смета за егзотика, но можеби токму тоа ѝ дава смисла и длабочина на уметноста (книжевноста) што се создава на овие простори. Па, наместо да се бодеме како рогови во вреќа, да ја афирмираме регионалната книжевност како нова енергија на уморната културна Европа.