Но дури и да е мојата перцепција крајно изместена, како што честопати нѐ убедуваат некои ликови дека она што го гледаме и слушаме всушност не го гледаме и слушаме, туку е виновна нашата перцепција, една работа не можам да преџвакам. А тоа е независноста на нашето правосудство. Нели, тоа е еден од основните постулати во кој сите се колнеме – дека власта е поделена на три независни дела, од кои едниот е судската власт
Државата граби во светлата иднина со крупни чекори напред. Нашата администрација, колкава е толкава е, наша си е, велат дека се дигитализирала, иако ние тоа не го гледаме. Тоа е до нашата перцепција, ќе нѐ подучат нашите скромни лидери. И така и ни треба кога не ги перципираме работите исправно. Зарем не гледаме дека добивме и дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција? Па малку ли ни е тоа како доказ дека сме во чекор со светот? Знам сега злите јазици ќе кажат дека здравството ни е за никаде, образованието катастрофално, судството бедно. Но зошто би ги слушал злите јазици што имаат искривена перцепција? Јас си судам по мое, по она што јас го гледам и го слушам.
И затоа решив да му верувам само на она што лично ќе го исперципирам како што е ред. А не како што некој сака да ми наметне.
И така, додека размислував позитивно, ми дојде до рака една снимка од седница на Судскиот совет, за која во прв момент си помислив дека е некоја епизода на скриена камера, ама потоа се распрашав лево-десно и луѓе ме убедуваа дека тоа е вистина, дека се тоа вистински ликови што навистина имаат толку високи функции како што се претставени во снимката.
А, впрочем, не помина многу време, сите можни телевизии ја емитуваа снимката во ударен термин, во главните информативни емисии, како вест на денот. На таа снимка убаво може да се види како наши угледни судии (добро, не се сите судии, повеќето се дојдени по партиски клуч и биле нешто друго претходно, но тоа не е изгледа толку важно, институцијата само случајно се вика Судски совет, веројатно) седат на една голема маса и како дискутираат. Е сега, од тоа што присутните ликови се расправаа така што никој никого не слушаше, сите викаа, а богами имаше и кренати раце за убедување, за закани… Сфатив дека работата е сериозна.
Начинот на кој целата работа се разви до степен да дојде до невидена кавга во Судскиот совет, и тоа поради некое писмо што довчерашната претседателка го криела, па дошло до нејзино детронизирање, навистина ме подзамисли. Ако е ова највисокото тело на нашиве судии, па што да очекуваме ние обичните смртници што со години чекаме да ни се реши еден најобичен банален предмет. Ова ли е кремот на нашето судство? Или повторно ми е изместена перцепцијата?
Но дури и да е мојата перцепција крајно изместена, како што честопати нѐ убедуваат некои ликови дека она што го гледаме и слушаме всушност не го гледаме и слушаме, туку е виновна нашата перцепција, една работа не можам да преџвакам.
А тоа е независноста на нашето правосудство. Нели, тоа е еден од основните постулати во кој сите се колнеме – дека власта е поделена на три независни дела, од кои едниот е судската власт.
Значи независноста. Тоа е она кога највисоките носители на власта, па и оние малку пониските, се колнат дека никако и под никакви услови не влијаат врз одлуките на правосудните органи, дека кај нас судовите одлучуваат по сопствена волја итн. Ја знаете веќе таа мантра. Е сега, во едни такви ептен независни судови дојде писмото од американската амбасадорка во кое таа уште еднаш укажува дека иако е туѓинка, многу добро ги разбира нашиве гревови, па и покрај тоа што истурила вреќи со пари, ние не сме нашле начин барем малку да се подоправиме. Дури и на полошо ја тераме работата.
Така приближно ми преведе мојот судски преведувач, мислам не буквално преведувач, туку толкувач, поточно човек добро упатен во правосудните релации кај нас. Иако, мора да признаам, не му верувам докрај. Си велам, да не е грешка во неговата перцепција. Кој ли ќе знае.
Но не сум битен јас или мојот пријател судија, туку е многу поважна независноста на судската власт. Ако секојдневно и судиите и обвинители, потоа разни државни функционери од највисок маштаб се колнат дека нема никакво политичко влијание во независното судство, од каде сега ова. Едно писмо на американска амбасадорка до толку да го растресе судството за да дојде до бура во Судскиот совет, а претседателката да биде разрешена од функцијата, по кавгите што траеја речиси четири часа. И тоа не е крајот. Уште не беа стивнале емоциите од монтипајтоновската седница на Судскиот совет се огласија и од скопска апелација. Тие соопштија дека одржале седница на која „се дискутираше прашањето за постапувањето по сите видови предмети по кои судот постапува, вклучително и предметите од висок профил и од висок јавен интерес, со акцент на зголемување на ажурноста во постапувањето на истите, а притоа имајќи ја предвид моменталната состојба и намалениот бројот на носители на судиска функција во судот“.
Значи, барем за апелација е потврдено дека пораката од писмото е примена. Судскиот совет ја прими и ја реализира. Сега останува уште другите судски органи и тела во нашето независно судство да си ја завршат домашната задача и можеме сите мирно да спиеме. Во земјата на независното судство.
Лека ноќ.