Фото: ЕПА

„Оној што е извонреден или што поради својот квалитет, вредност или супериорност не може да се спореди со ништо или со никого, исто како Пеле, кој се смета за најдобар спортист на сите времиња; исклучителен, неспоредлив, единствен. Примери: Тој е пеле на кошарката, таа е пеле на тенисот, таа е пеле на бразилскиот театар, тој е пеле на медицината“, пишува во записот на речникот

Бразилски речник го додаде Пеле како придавка што треба да се користи кога се опишува некој што е „исклучителен, неспоредлив, единствен“, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Објавувањето на речникот Михаелис во средата е дел од кампањата што собра повеќе од 125.000 потписи за да му се оддаде почит на влијанието на починатиот фудбалски великан надвор од неговиот спорт. Трикратниот светски фудбалски шампион со репрезентацијата на Бразил почина во декември, на 82-годишна возраст.
Записот од речникот гласи: „Оној што е извонреден или што поради својот квалитет, вредност или супериорност не може да се спореди со ништо или со никого, исто како Пеле, прекарот на Едсон Арантес до Насименто (1940 -2022), кој се смета за најдобар спортист на сите времиња; исклучителен, неспоредлив, единствен. Примери: Тој е пеле на кошарката, таа е пеле на тенисот, таа е пеле на бразилскиот театар, тој е пеле на медицината“.
Фондацијата „Пеле“, ФК Сантос, каде што фудбалската легенда играше поголемиот дел од својата кариера, и многу Бразилци ја прославија одлуката на издавачите на еден од најпопуларните речници во земјата.
– Изразот што веќе се користеше за да се однесува на најдоброто во нешто е веќе вечен на страниците на речникот. Заедно направивме историја и го ставивме името на кралот на фудбалот во португалски јазик. Пеле значи „најдобриот“ – се наведува на социјалните мрежи на Пеле.
Пеле играше речиси две децении маѓепсувајќи ги навивачите и противниците како најплоден стрелец на бразилскиот клуб Сантос и на репрезентацијата на Бразил. Н.М.