Напорите што ги вложува „Нова Македонија“ за продолжување на континуитетот на непосредна комуникација со Македонците во поблиското и подалечното соседство добиваат уште поголемо значење. Во моментов е најважно да ја одржуваме комуникацијата, да разменуваме квалитетни информации што пофреквентно, да ги информираме нашите читатели за достигнувањата на нашите Македонци низ Европа, за нивните потреби и барања, а наша обврска е да ги издигнеме нивните барања на повисоко ниво, за оние што се задолжени за тоа да се обидат да ги реализираат
Македонија е веројатно единствена земја во светот што еднострано се откажа од своите сонародници што како малцинство живеат во соседните земји. Со потпишувањето на Преспанскиот договор се направи преседан со кој ние како држава прифативме дека ние во границите на државата не сме Македонци туку „граѓани на Северна Македонија“, како што може да се прочита во нашите нови пасоши, за чие предвремено обновување ви требаат челични нерви и натчовечки напори. Во таква констелација, потписниците на Преспанскиот уште полесно се откажаа од нашинците што живеат од другата страна на границата.
Со слични барања во форма на ултиматум се јави и Бугарија. И таа, по истиот рецепт, злоупотребувајќи го фактот дека е земја членка на ЕУ и дека секоја земја поединечно мора да даде согласност за прием на нови членки, испорача еден куп барања што значат наше целосно обезличување. Почнувајќи од фактот дека сме биле и сѐ уште сме еден народ што живее во две држави, кој зборува ист јазик и има заедничка историја, ако се спроведат барањата и условите што ги поставува Бугарија на македонскиот евроинтегративен пат, ќе треба да прифатиме и дека терминот Македонец има само регионално значење, а терминот македонско/македонски/македонска ќе има регионално географско значење. Токму двете последни барања се според грчкиот рецепт, кој се покажа како успешен кога ни го зготвија меѓународните готвачи, а нашиве потписници како гладни сирачиња од приказните на Чарлс Дикенс или Виктор Иго ја исркаа чорбата.
И за да биде приказната комплетна, под бугарски притисок нашиве политичари нѐ подготвуваат дека не би било толку лошо да ги прифатиме сите овие барања плус она од почетокот на колумнава, имено дека со потпишувањето на договорот, во истиот момент, се откажуваме од какво било прашање за малцинство во Бугарија. Што значи, во најмала рака, фрлање во вода на пресудите на меѓународните судови за прашањата на организираноста на македонското малцинство во Бугарија, но, уште пострашно, се брише и целокупната историја на Македонците во пиринскиот дел.
На тој начин Македонија не само што ја пропушта шансата да се грижи за своите сонародници во најблиското опкружување туку испраќа и многу лоша порака за сите оние што се раселени низ светот, а уште полоша за нас што живееме овде.
Непостоењето на Македонците во соседните држави е само чекор до тврдењето дека не постоиме ниту во Македонија. Ако не можеме да се грижиме за своите во најблиското опкружување, тоа значи дека ни за нас не можеме да се грижиме.
Во една таква атмосфера, напорите што ги вложува „Нова Македонија“ за продолжување на континуитетот на непосредна комуникација со Македонците во поблиското и подалечното соседство добиваат уште поголемо значење. Последниот таков проект беше гостувањето во Сплит, Хрватска, по покана на македонското културно здружение „Стоби“ од Сплит, во рамките на програмата „Македонската култура низ вековите“. На овој убав настан пред македонската дијаспора и пред хрватската јавност беше промовирана збирката текстови „Културолошки точки на Македонија“ од м-р Александар Јорданоски, а во рамките на програмата беше презентирана поезија од македонски автори, додека впечатлив настап имаше и мандолинскиот квартет „Стоби“.
Во рамките на фреквентната комуникација со нашите сонародници во соседните земји, наскоро се планираат слични активности со презентација на културно-уметнички содржини и во Србија, Албанија и во Бугарија, а се разгледува можноста и за гостување во неколку подалечни европски земји во кои живеат Македонци во поголем број, а кои веќе неколкупати ги испраќаат своите покани.
Во секој случај, гостувањата ќе се реализираат кога ќе се создадат поволни услови за тоа, во моментов е најважно да ја одржуваме комуникацијата, да ги информираме нашите читатели за достигнувањата на нашите Македонци низ Европа, за нивните потреби и барања, да се запознаваме подобро, а наша обврска е да ги издигнеме нивните барања на повисоко ниво, за оние што се задолжени за тоа да се обидат да ги реализираат.