Треба ли потрага или се знаат загрозувачите на идентитетот и кочничарите на процесот за евроинтеграции? / Фото: Принт скрин

Без оглед на мнозинскиот став на граѓаните во врска со уставните измени и нивната неприфатливост, министерот Османи настојува да ги апстрахира таквите мислења и ставови, загрозувајќи го македонскиот национален идентитет, при што ги прогласува ставовите на мнозинството граѓани за „загрозувачи на прогресот“ и отфрлачи на европските вредности

Историјата ќе ги препознае имињата и презимињата на вистинските кочничари на Македонија

Една од „ценетите вештини“ во политикантската прагматичност е – вината за сопствениот неуспех да му се префрли на друг, по можност со име и презиме. Навистина, оваа „препорака“ не може да се сретне напишана во посебна рубрика „Како не треба…“, во кодексите и практикумите за однесување на политичарите, но, за жал, таа и ненапишана често се – применува.

Откако Европската комисија даде разочарувачки извештај за напредокот на реформите во македонското општество, во однос на усогласување со стандардите и критериумите на ЕУ, а наближува и времето за втората меѓувладина конференција за почеток на преговорите со Унијата, за која услов е спроведување на уставните измени, т.е. внесување на Бугарите во македонскиот устав, министерот за надворешни работи Бујар Османи се чини реши да игра на „картата“ – барање виновници по име и презиме.
– До последниот здив, до последниот камен што е пред нас работиме да ги направиме уставните измени… Но, ако не успееме, ќе треба со име и презиме да ги кажеме тие што ја загрозуваат европската иднина, што ги кочат просперитетот на оваа држава, реформите, владеењето на правото, што го кочат стандардот на граѓаните и ги тераат да заминат надвор од Македонија. Тие луѓе со име и презиме ќе треба да бидат спомнувани во јавноста – одговори Османи на новинарско прашање во контекст „дали може и официјално да кажеме дека земјава нема да го исполни барањето за уставни измени и дека во декември нема да можеме да преминеме во втората фаза од преговорите со ЕУ, отворање на поглавјата“.
– Усвојувањето на уставните измени е единствена домашна задача што нѐ дели од забрзаната евроинтеграција, која сѐ повеќе станува императив за самата Европска Унија во дадениот геополитички момент – рече Османи и додаде дека „не може од сега да каже дека ја пропуштаме шансата“.

Без оглед на мнозинскиот став на јавното мислење за уставните измени и нивна неприфатливост поради активирање на преговарачката рамка со вградени асимилаторски уцени од Бугарија, која не го признава македонскиот народ (ни кај себе, како малцинство, ниту во Македонија како мнозински државотворен народ), министерот Османи настојува да го апстрахира она што претставува стапица за македонскиот национален идентитет, прогласувајќи ги таквите „загрижености“ (!?) за „загрозувачи“ на прогресот и „загрозувачи за прифаќањето на европските вредности“. Но кога веќе ќе се бараат виновници со име и презиме за „загрозување на иднината“, реалните состојби во Македонија ги наметнуваат и прашањата за одговорност за досегашното „кочничарење“ во спроведувањето на реформите и опструирањето во владеењето на правото во државата.

Пред да бара одговорни за изгледното неспроведување на спорните уставни измени, дали министерот Османи можеби со име и презиме ќе ги каже тие што 20 години земаат плата, а не одат на работа, кои не плаќаат данок, а бараат пари од државата, кои не плаќаат струја и живеат на грбот на оние што плаќаат, кои градат споменици и музеи на други држави? Ќе ги каже ли Османи со име и презиме тие што нарачуваат судски пресуди, оние што не гонат организиран криминал, тие што си ги присвојуваат државните институции и играат фудбал и слават родендени во нив? Ги знае ли Османи точното име и презиме на вистинските кочничари на оваа држава?
Сите овие прашања се специфично ендемичен феномен за игнорирање на владеење на правото, од групи и поединци со име и презиме, кои систематски ја дерогираат правната држава во Македонија, нејзиниот економски развој, ги саботираат европските реформи… и се докажани кочничари со дведецениски стаж на европската иднина. Обидот на Османи да ја префрли вината за сопствената дипломатска неумешност да ги заштити националните интереси на државата чиј министер е, прогласувајќи ги за кочничари тие што сакаат да си ги заштитат сопствениот идентитет, јазик и историја, е лицемерство и неуспех, дури во примена на непишаните препораки за политичарите за префрлање на одговорноста. Впрочем и спроведувањето на уставните измени не гарантира дека нема да има понатамошни опструкции во евроинтегративниот процес од Бугарија и дека нема да биде загрозувана македонската иднина.