Кој барем еднаш ја гледал претставата „Буре барут“ на Дејан Дуковски сигурно се сеќава дека во драмата треба да има едно пет-шест убиства. Но во една претстава на „Буре барут“ на режисерот Сашо Миленковски, во моментот пред да се егзекутираат жртвите, престана пукањето на сцената и публиката не ги виде егзекуциите.
Одговарајќи на прашањето зошто го направи тоа во претставата, Миленковски одговори дека правејќи ја претставата постојано мислел на тивките луѓе, на вредните домаќини, на архитектите, градителите… на срамежливите. На оние што имаат поинаква семејна ситуација. Според Миленковски, во бучни времиња тивките луѓе, кои се мнозинство, се најчесто безгласни. Но, според Миленковски, кога ним ќе им пукне филмот, може да стане опасно за сите.
„Оваа претстава е токму за тие тивки луѓе во моментот пред пукање. Нив нема да ги видите во претставата токму од тие причини. Ги запираме во последниот момент пред да се егзекутираат“, изјави режисерот Сашо Миленковски.
Денес ние сме сведоци не само на голем број секојдневни поединечни егзекуции во кои се убиваат невини луѓе за игра, песна, нива, бразда, за наследство, за паркинг-место, невратени ситни долгови, туку и на масовни убиства, во кои гинат стотици и илјадници луѓе. Денес се случуваат убиства и во училиштата, каде што децата треба да се воспитуваат и образоваат. Убијци стануваат и малолетници, со неполни 13-14 години. И тие своите емоции или фрустрации ги решаваат со тоа што посегнуваат по оружје и ги убиваат своите другарчиња, врсници, соученици.
– Погледнете низ улици колку омраза има во луѓето. Во едните, во другите, во третите… во десеттите. Крв низ очи ни излегува – ни вели еден наш соговорник.
Тоа што особено боли е што во ова време-невреме човечките жртви станаа ништо друго, туку статистичка бројка. Човечките жртви веќе никој и не ги брои. Тоа што особено загрижува е што најголемиот број од нив станаа безимени и се закопуваат како бројка.
Војната меѓу Русија и Украина веќе однесе стотици илјади жртви. Колкав е бројот на повредените и унесреќените лица веќе никој не знае, бидејќи не ги брои. Никој не знае ни колкав е бројот на раселените лица, но се претпоставува дека нивниот број изнесува неколку милиони.
И додека денес ние, како главните ликови во претставата „Буре барут“ на режисерот Миленковски тивките луѓе, вредните домаќини, архитектите, градителите, срамежливите, се прашуваме кога ќе престане војната помеѓу Русија и Украина, на Блискиот Исток, кој многумина мислат дека е далеку, дојде до уште пострашна и посурова војна помеѓу Израел и Хамас, која се заканува да се прошири и во соседните земји и да го запали целиот регион. Светот никогаш не бил поблиску до трета светска војна.
Тоа што особено загрижува во овој момент е што во светот барем засега како да нема мудри и паметни глави, кои со својот авторитет, мудрост и знаење би се избориле да им се стави крај на војните меѓу Русија и Украина или Израел и Хамас.
Напротив, наместо за смирување на ситуацијата и залагање за ставање крај на војните, светските политичари распалените огнови во овие земји ги „гасат“ со бензин. А кога огновите се „гасат“ со бензин, пожарите брзо се шират на нови простори и територии.
По секоја иницијатива за ставање крај на војните и посредување за мир, следуваат нови барања за вооружување со дронови, проектили, гранати… Војните буквално се водат до истребување не само на вооружените непријателски формации туку и на цели држави. Сега бурето барут не е само на Балканот. Буре барут сега е безмалку цел свет.
За иронијата да биде поголема, додека илјадници луѓе во земјите зафатени со војна секојдневно умираат од испукани дронови, ракети, бомби… Во оваа напатена планета Земја секојдневно од глад и немаштија умираат милиони луѓе, а парите што во печатниците се печатат во три смени, наместо да се трошат за достоинствен живот на луѓето и граѓаните што живеат на планетата Земја или за храна и помош на гладните, се трошат за вооружување и муниција.
Земјите од светот, а што е загрижувачки за нас, и од соседството, од своите буџети издвојуваат огромни пари за купување оружје.
Иако Македонија како членка на НАТО е под колективниот безбедносен систем на Алијансата, сепак треба да нѐ загрижи тоа што земјите од соседството, Србија, Бугарија, Албанија, Косово, Грција…, од кои некои се исто така членки на НАТО, издвојуваат огромни средства за вооружување.
Деновиве српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека Србија годинава ќе издвои најмалку 740 милиони евра за набавка на воена према. На таквите најави реагираше и Косово, кое исто така најави значајни издвојувања од буџетот за безбедносните сили, а САД му подарија 246 противтенковски ракети. Во трката за вооружување со вклучи и Бугарија, која најави набавка на нови 198 оклопни транспортери „страјкер“. Значајни средства за вооружување издвоија и Романија и Хрватска. Некои од овие држави, како Србија и Хрватска, веќе размислуваат да го вратат во игра и задолжителното служење на воениот рок, барем за период од најмалку четири месеци.
Речиси сите земји, не само од Блискиот и Далечниот Исток, туку и од нашето блиско соседство, драстично ги зголемија буџетите за одбрана.
Во таа трка за вооружување, сакала или не, мора да се вклучи и Македонија, која иако има безбедносни гаранции како членка на НАТО, сепак е принудена и сама да размислува за својата безбедност. Во таа смисла Македонија мора да ги усогласува своите безбедносни политики според новите услови што се случуваат во светот. Но тоа што како држава треба и мора да го направиме, а за што не се потребни издвојувања на буџетски пари, е како граѓани и политичари да ги негуваме вредностите на ликовите на дрмата на Дуковски, „Буре барут“, и да престанеме со своите запаливи политички реторики да ги потпалуваме огновите што би придонеле бурето барут кај нас непотребно да се запали.
Се наоѓаме во година на избори, кога партиите во намерата да ги освојат срцата на гласачите не избираат средства и начини за дискредитација на политичките противници и за потпалување на политичките огнови, кои лесно прераснуваат во граѓански. Затоа, во ова време-невреме, кога во многу земји во светот живите им завидуваат на мртвите, потребни ни се мудрост, разбирање, почитување… Затоа што бурињата полни со барут во секој момент можат да експлодираат, а после нема кој да ги гаси.
Сега за сега сите на овој или оној начин сме исправени пред ѕидот на плачот, од кој, за жал, не извлекуваме поуки.