Парадоксално и необјасниво е како по сиве овие години „клучен фактор“ во македонската власт, ДУИ не успеа да ги издигне своите политички визии од тесната етничка агенда на паравоената формација од која се трансформира во политички субјект. Политичарите од оваа партија, сега веќе и „првенци“ на техничката влада, говорат за својата нестрпливост да одат во ЕУ, се промовираат како носители на „европските вредности“, а секои „пет минути власт“ ги трошат само за манифестација и промоција на етнички триумфализам и самоволност во моќта. Со такво однесување не се работи на интеграција ниту во македонското општество, ниту на Македонија во ЕУ, во регионот, на меѓународен план
Уште првиот „настап“ на Талат Џафери по преземањето на мандатот за премиер на техничката, т.н. пржинска влада, со одењето на кафе на плоштадот во Скопје и паркирањето на службениот автомобил пред самото кафуле (инаку во пешачка зона), даваше сериозни индиции дека премиерот и неговата партија ДУИ, доделените 100 дена „владеење“ со Македонија ќе настојуваат да ги искористат како за во шоуто „Вашите пет минути“. Иако таквиот формат на сто дена техничка влада пред избори е од „специјален вид“, уставно контроверзен и е со ограничена надлежност во носењето одлуки, пред сѐ во насока на организирање фер, демократски и кредибилни избори, во ДУИ тоа го видоа како шанса за спроведување на својата етничко-партиска агенда како државна политика. Овој стодневен миг на чело на извршната власт, колку и да е привремен, максимално е пропагандно експлоатиран во изборната кампања – дека партијата ДУИ успеала да го исполни ветувањето од претходните парламентарни избори за прв премиер Албанец на Македонија. И се чини дека за функционерите од оваа партија во Владата и не е толку важно дали некој од гласачите што се нивна цел верува во нивната пропаганда, туку важно е дека тие самите поверуваа во своите „неограничени“ државни надлежности во овој технички период. Таквата „самоувереност“ се промовира дури и на меѓународен план, па без консултации со другите државни институции и политички чинители, министерот за надворешни работи Бујар Османи (секако од ДУИ) објави дека Македонија ќе биде коспонзор, заедно со Германија, САД и други земји, на Резолуција во ОН за прогласување на 11 јули како меѓународен ден на комеморација и сеќавање на геноцидот во Сребреница, БиХ, во 1995 година и одбележување на истиот тој секоја година. Оваа сензационалистички објавена одлука на Османи (очигледно во миг на воодушевеност од слоганите во неговата претседателска кампања), предизвика инстантно револтирана реакција од политичкото милје на соседна Србија, што навестува нарушување на пријателските билатерални односи на Македонија со оваа соседна земја. Препораката на Османи и Србија да гласа за оваа резолуција, за која ја понудил Македонија како коспонзор, од неговиот српски колега и в.д.премиер, беше кратко оценета како – дрскост.
Така, за личната амбиција за меѓународна самопромоција на македонскиот министер за надворешни работи Османи, желбата да придонесе за етничката агенда на својата партија, па и да манифестира посветеност на некакво регионални сеалбанско заедништво… во залог беа ставени регионалните односи на Македонија, како и интересите на државата на меѓународен план.
Темата за резолуцијата на ОН за Сребреница е особено чувствително меѓународно прашање, зад кое се вкрстуваат различни геополитички интереси, но и контроверзии околу детерминирањето на извршеното злосторство во 1995 во војните при распадот на Југославија, како геноцид. Со таквата можна детерминација, Србија смета дека би била стигматизирана како геноцидна држава, што секако е непријатна меѓународна квалификација. Македонија, која има сложени и контроверзни односи со соседите, кои на различни начини го опструираат нејзиното меѓународно позиционирање, мора мошне внимателно да ги одмерува одлуките и чекорите што ги презема во меѓународните иницијативи. Во таков меѓународен контекст, Македонија мора да се води пред сѐ од сопствените државни и национални интереси, не заземајќи страна во туѓи билатерални спорови, особено во соседските. Иницијативноста на министерот за внатрешни работи поврзана со резолуцијата за Сребреница, која многу наликува на „самоиницијативност“ без консултација на државно ниво, непотребно ги доведува во криза односите на Македонија со една соседна земја, кои се веројатно најкоректно пријателски од целото соседско опкружување, и тоа во предизборен период, кога се очекува за дваесетина дена да биде изгласана политичка влада. Всушност и во описот на мандатот на техничката влада е да не презема сериозни надворешнополитички чекори, кои би ѝ создале обврски на политичката влада. Впрочем, општиот дипломатски принцип и предизвик е да се градат еднакво добри односи со сите соседи, но не во корист и интерес на еден, а на штета на друг.
Самоперцепцијата за „владеење со Македонија“, што си ја проектираат од ДУИ, се чини дека во уште поголема мера ги има понесено и во внатрешнополитичките амбиции, и тоа за по изборите. Па преку соопштение им порачуваат на најголемите партии во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, дека „сакале тие или не – претседателот на државата ќе се избирал во Собранието“. Имено, изборот на претседателот да биде во Собранието е главна точка на платформата што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ја истакна во промоцијата на Бујар Османи за претседател на државата. Исто така потсетуваат од ДУИ дека „како што се оствари првиот премиер Албанец, така ќе биде и првиот претседател Албанец“, „а „Европскиот фронт (што го предводи ДУИ) ќе биде клучот што ги отвора вратите на Владата во следниот мандат“.
Колку и да се настојува да се пронајдат аргументи за одговорни и сериозни политички пораки во вакви соопштенија на партија што дваесетина години партиципира во извршната и законодавната власт во Македонија, секое разумно толкување излегува бесмислено. Парадоксално и необјасниво е како по сиве овие години „клучен фактор“ во македонската власт, ДУИ не успеа да ги издигне своите политички визии од тесната етничка агенда на паравоената формација од која се трансформира во политички субјект. Политичарите од оваа партија, сега веќе и „првенци“ на техничката влада, говорат за својата нестрпливост да одат во ЕУ, се промовираат како носители на „европските вредности“, а секои „пет минути власт“ ги трошат само за манифестација и промоција на етнички триумфализам и самоволност во моќта. Со такво однесување не се работи на интеграција ниту во македонското општество, ниту на Македонија во ЕУ, во регионот, на меѓународен план. Инфантилното инатење и „покажување сила“ во политиката и животот никогаш не се во интерес на заедничкиот прогрес на општеството, ниту на сериозно меѓународно позиционирање на државата.