Пораката што треба да ја прочитаат учесниците на претстојните претседателски и парламентарни избори од засилениот меѓународен надзор на изборниот циклус е дека со сила, со насилство ниту се освојува ниту се останува на власт во демократски држави. Изборните резултати секогаш се одраз на одлуки, решенија и дејства што политичките субјекти ги правеле меѓу два изборни циклуса. Што е направено, направено е – на изборите одлучуваат граѓаните!
Од денеска, 4 април 2024, официјално, како што е предвидено со роковникот на Државната изборна комисија, започнува предизборната кампања за седмите претседателски избори во Македонија, чиј прв круг ќе се одржи на 24 април. Иако македонската јавност веќе со месеци го слуша „предизборниот екот“, од денеска се „свири стартот“ за претседателските кандидати и нивните патувачки карвани низ земјата. Ден-два пред почетокот на кампањата шестмина од седумте претседателски кандидати повеќе протоколарно го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, потврдувајќи со потпис дека „ќе ги почитуваат сите закони и нема да користат говор на омраза“. Еден од кандидатите, кој не го стави својот потпис, сепак изјави дека ќе го почитува Кодексот, но нема да го потпише доколку ДИК не гарантира дебати, имплицирајќи дека уште пред почеток на кампањата одредени кандидати се медиумски фаворизирани. Но и двете дами учесници во претседателската изборна конкуренција чинот со потпишување на Кодексот го оценија како „церемонијален“ и „празно парче хартија во кое не веруваат“. Меѓусебниот сомнеж во коректноста на кампањите на учесниците во изборот за претседател се потврди неколку часа подоцна по потпишување на Кодексот во ДИК, кога двете најголеми партии што номинираат свои претседателски кандидати, а ќе учествуваат и на парламентарните избори, почнаа јавно да се обвинуваат за фабрикување лажни анкети и фалсификување документи како доказ за лажното обвинување. Истовремено, беше објавено дека за идејата за одржување мегадебата со сите претседателски кандидати, на неутрален терен, со еднакви пропозиции за сите учесници – едноставно не постојат услови да биде спроведена. Имено, одредени кандидати го условувале своето учество со неучество на други кандидати…
Дека зад сцената на официјалните кампањи за претседателските и парламентарните избори се одвиваат паралелни и дури поинтензивни кампањи, фокусирани пред сѐ на дискредитација на противниците, веќе е одамна преминатиот Рубикон на политичката коректност во македонскиот политички амбиент. Само двете афери со објавување прислушувани аудиоматеријали во 33-годишниот плурализам во независна Македонија сосема пластично ја илустрираат состојбата на „надминати табуа“ кога станува збор за почитување и придржување барем до базичните етички и морални вредности во политичката борба за освојување на власта. Понекогаш, всушност многу често, во јавноста се чини дека партиите и сите политички субјекти многу повеќе вложуваат и финансиски средства и интелектуален капацитет во таквите заднински вербални и интригантски пресметки отколку во инвентивноста на политичките програми со која треба да се изборат за довербата на граѓаните. Повеќе се говори и се прават пресметки за преземање гласови едни од други отколку за политичка понуда што ќе одговори на реалните барања, потреби и очекувања на граѓаните, па програмите личат на наддавање со ветувања, без оглед дали се реални или нереални можностите за нивно исполнување по изборите.
Пред одржување на претстојните претседателски и парламентарни избори, „традиционалната“ набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР најави дека ќе ги „здружи напорите“ со делегациите од парламентарното собрание на Советот на Европа, како и со делегацијата на парламентарното собрание на ОБСЕ за парламентарните избори. Тие ќе ги набљудуваат отворањето на гласачките места, гласањето, броењето на гласовите и табелирањето на резултатите. Дури и Јавното обвинителство на Македонија најави дека ќе се координира со преостанатите институции за обезбедување фер и демократски изборен процес. По 33-годишно практикување демократија, десетина парламентарни изборни циклуси, шест претседателски и уште толку избори за локална самоуправа, толкавата заинтересираност на меѓународните (па и на домашните) институции за спроведувањето фер и демократски избори во Македонија, наведува на првична помисла за загриженост за безбедноста на изборниот процес. Таквата концентрација на набљудувачи го наметнува прашањето – колку изборни циклуси во Македонија треба да поминат без насилни инциденти за да ја уверат меѓународната заедница дека демократските избори во Македонија можат да се одржуваат без надзор. Насилните инциденти во предизборието, иако лидерите на политичките партии тврдат дека немаат политичка, туку „само“ криминална заднина, секако ја поткрепуваат таквата туторска загриженост на меѓународните фактори. Последниот оружен инцидент со нападот врз градоначалникот на Арачиново (по претходните два пријавени во текот на една година), па демолирањето во неколку наврати на црквата во Тетово, како и неколкуте убиства, со претходни киднапирања на жртвите… колку и да се „мијат рацете“ на надлежните институции за нивно решавање од какво било поврзување со политичкиот контекст, се чини таквите толкувања не се доволно уверливи за безбедносните капацитети при спроведување фер и демократски избори, според стандардите на меѓународната заедница.
Пораката што треба да ја прочитаат учесниците на претстојните претседателски и парламентарни избори од засилениот меѓународен надзор на изборниот циклус е дека со сила, со насилство ниту се освојува, ниту се останува на власт во демократски држави. Изборните резултати секогаш се одраз на одлуки, решенија и дејства што политичките субјекти ги правеле меѓу два изборни циклуса. Што е направено, направено е – на изборите одлучуваат граѓаните!