Не смееме да дозволиме пред очи да ни пропадне еден од најзначајните објекти на Скопје, кој го китеше градот повеќе од половина век и кој покажуваше дека
љубовта може да смени сѐ. А поединци за само неколку години успеаја да го упропастат, да го згазат и уништат. И, еве, пред наши очи не можат да се договорат дека е исклучително важно Универзалната сала повторно да блесне во солидарниот сјај како некогаш
Никогаш никаде, во ниту една земја, не сум забележала еден народ толку многу да е патриотски силен на зборови, а на дела да е толку апатичен. И таква ни е праксата за сѐ. Последното во низата патриотски разочарувања е негрижата за еден од монументалните објекти, симболот на Скопје, едно од главните обележја на солидарноста, мотивирана од разорниот земјотрес што го уништи главниот град во 1963 година – Универзалната сала.
Разорниот земјотрес го поврза Скопје со целиот свет. Речиси и да нема земја што не ни подаде рака кога најмногу ни беше потребна. Метрополата почна да се обновува, да застанува на нозе со помош на пријателите од целиот свет.
Човечката солидарност дојде до целосен и безрезервен израз на сите полиња од животот. Во областа на културата тоа се изрази преку „Средбата на солидарноста“, која се реализира уште во првата година по земјотресот. Културно-уметничката манифестација „Средба на солидарноста“ е од посебно значење за градот, неговото постземјотресно траење и развој.
Во разрушениот град веднаш се појавува проблемот со простор за организирање на овие манифестации, односно започна да се размислува за една таканаречена „универзална сала“ во која ќе можат да се организираат културно-уметнички, но и помали спортски манифестации.
Со голема желба, љубов и идеја, Дирекцијата за комунална и станбена изградба на Скопје носи одлука за изградба на еден ваков објект што ќе биде од монтажен карактер. И конечно, во 1965 година никнува објектот Универзална сала.
Сите тие напори и желби, битки и борби денес паѓаат во вода благодарение на сите политички ентитети во земјава, во централната и во локалната власт. Благодарение на нив, Универзалната сала веќе трета година по ред го чека денот кога повторно ќе блесне во стариот сјај.
Додека властите се менуваат, советниците исто така, додека сите мислат дека нешто работат, споменикот на Скопје пропаѓа сѐ додека еден ден не остане ништо од него.
Се чини дека политичките пресметки се поважни од сѐ друго. Најважно е кој ќе собере повеќе популистички идеи, кој ќе му направи сопка на другиот само за да не оствари нешто што е добро и нешто од кое добивка ќе имаат сите. Со самиот ваков однос кон салата станува јасно колку, всушност, била важна таа, па и сѐ друго во земјава.
Солидарноста ни е на последно место. Така искажуваме почит кон солидарноста и помошта што сме ги добиле од нашите пријатели.
Зарем толку сме немарливи, зарем толку немаме никаква грижа кон нашите историски обележја, кои толку многу значат за историјата на градот, кои ставаат еден посебен печат кон сето она што е Скопје, па и ние со него?
А сѐ беше подготвено за да се реконструира овој споменик што сведочи за едни поубави времиња. Каде застана, каде закочи работата?
Не може и не смее смената на градоначалници и советници да влијае на проектите што се клучни за главниот град. Не може само затоа што еден е од една, друг од друга партија да си прават лични пресметки на штета на граѓаните.
Не може и не смее да се остави Универзалната сала да пропаѓа и да се распаѓа.
Целата јавност веќе е до толку апатична што веќе не ни реагира на овие теми. На народот веќе му е прекуглава од празни ветувања, од популистички политики што не даваат никакви резултати, освен краткорочни позитивни вибрации од денес за утре. На тоа се сведовме. Купи ден – продај. Затоа и дојдовме дотука.
За нас најмногу важи поговорката „да му умре козата на комшијата“. Ние се ситиме, ние уживаме во тоа кога некој не успева, ние сме тие што сакаат да изговорат „ако, така му треба“. Па, се прашувам, кому така му треба?
На Скопје, на граѓаните, на земјава? Кому му треба Скопје да ја изгуби можната титула европски град на културата? Кој би имал придобивки од тоа? Кој се сити на таква катастрофална загуба?
Зад таа апликација стои токму Универзалната сала, како симбол на културата и културниот живот на Скопје. Каков град покажуваме дека сме ако аплицираме за нешто што всушност го немаме или свесно го оставаме на забот на времето? Зад нашата апликација стои разрушен објект, објект што пропаѓа и тоне, безмалку исто како и нашиот севкупен општествен живот во земјава. Единствено нешто што кај нас со брзина на светлината ита кон целта се лагите, политичките манипулации и беспарицата. Само тоа никогаш не ѝ недостигало на земјава, секогаш сме имале за извоз.
Не смееме да дозволиме пред очи да ни пропадне еден од најзначајните објекти на Скопје, кој го китеше градот повеќе од половина век и кој покажуваше дека љубовта може да смени сѐ.
А поединци за само неколку години успеаја да го упропастат, да го згазат и уништат. И, еве, пред наши очи не можат да се договорат дека најважно е овој објект повторно да блесне во солидарниот сјај како некогаш. Можеби заборавив, политичките опоненти не познаваат меѓусебна солидарност… во борба сами против себе, до самиот крај.