Уставните измени, односно внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, и започнувањето на преговорите со Брисел нема да им ги решат егзистенцијалните проблеми на граѓаните. Поголем број академици, универзитетски професори и аналитичари во повеќе наврати нагласија дека е потребна развојна стратегија што ќе биде поддржана од сите чинители во македонското општество. Впрочем, само на овој начин ќе се унапреди животниот стандард на граѓаните и ќе се создадат услови за интеграција на Македонија во Европската Унија. Точно е дека промената на Уставот ќе овозможи започнување на преговорите со Брисел, но уставните измени по автоматизам нема да нѐ внесат во Европската Унија
Деновиве во македонските медиуми најактуелна тема се уставните измени, односно внесувањето на Бугарите во нашиот устав, како услов за започнување преговори со Брисел и евентуално зачленување на Македонија во Европската Унија. Многубројните политички активности за уставните измени и можноста за широка влада што ќе го овозможи тоа, како да фрлија сенка врз најновата анкета што ги посочува проблемите со кои се соочуваат македонските граѓани. Доколку внимателно ги проследиме информациите од споменатото истражување, можеме да заклучиме дека граѓаните и политичките движечки сили како да се на различна фреквенција или бранова должина!
Но што точно вели анкетата? Од вкупната бројка на испитаниците, 56 отсто изјавиле дека Македонија како држава се движи во погрешна насока, додека 11,1 отсто изјавиле дека се движиме во правилна насока. Како главни причини поради кои нашата држава се движи во погрешна насока, граѓаните ги посочиле ниските плати и пензии, животниот стандард, криминалот, корупцијата, зголемувањето на цените, како и инфлацијата. Информациите од анкетата потврдуваат дека економските проблеми доминираат, поточно животниот стандард и ниските примања се на врвот на листата, додека, пак, интеграцијата во Европската Унија и отвореното прашање со Бугарија се на петто место, при што само 6,7 отсто од испитаниците изјавиле дека тоа е најважен проблем. Информациите од анкетата исто така покажуваат дека 58 отсто од граѓаните се многу загрижени за намалениот животен стандард, а речиси 48 отсто од испитаниците изјавиле дека често или повремено имаат тешкотии да ги платат сметките на крајот од месецот. Оние што живеат во рурални населени места, односно 53 отсто, изјавиле дека имаат поголеми тешкотии да ги покријат трошоците за живот.
Анкетата потврдува дека граѓаните се песимисти за иднината, речиси 40 отсто од испитаниците веруваат дека економската состојба и животниот стандард ќе се влошат во наредните 12 месеци. Оттука, седум од десет анкетирани граѓани, односно 71 отсто, ги поддржуваат оние политики, кои се насочени кон подобрување на економијата, односно животниот стандард.
Спомената анкета потврдува дека македонските граѓани сѐ повеќе запаѓаат во политичка летаргија, национална апатија и размислуваат за странски пасоши со цел да ја напуштат Македонија, а причините се од егзистенцијална природа, односно како да му се помогне на семејството.
Да се насочиме кон суштината! Уставните измени, односно внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, и започнувањето на преговорите со Брисел нема да им ги решат егзистенцијалните проблеми на граѓаните. Поголем број академици, универзитетски професори и аналитичари во повеќе наврати нагласија дека е потребна развојна стратегија што ќе биде поддржана од сите чинители во македонското општество. Впрочем, само на овој начин ќе се унапреди животниот стандард на граѓаните и ќе се создадат услови за интеграција на Македонија во Европската Унија. Точно е дека промената на Уставот ќе овозможи започнување на преговорите со Брисел, но уставните измени по автоматизам нема да нѐ внесат во Европската Унија.
Доколку промената на Уставот ја разбираме како средство за постигнување на целта, односно интеграција на Македонија во ЕУ, тогаш мора да знаеме дали навистина уставните измени како средство нѐ водат кон целта.
Никола Милошевиќ, истакнат филозоф и писател, вели дека целта не го определува средството, туку целта го одредува средството. Во оваа конотација, средствата што можат да нѐ внесат во Европската Унија се борба против корупцијата, владеење на правото, функционално здравство, подобар животен стандард итн.
Истовремено, сѐ додека граѓаните се соочуваат со ниските плати и пензии, како и тешкотии за да ги покријат трошоците за живот, Македонија како општество и држава ќе нема потпора во граѓаните за националните и државните проблеми што ни се наметнуваат однадвор. Кога граѓаните се во политичка летаргија и национална апатија поради егзистенцијалните проблеми, државата нема ефикасна надворешна политика, затоа што со полн стомак се кројат поефикасни надворешни политики.