Неизбежноста да се биде дел од современиот свет, на функционално ниво во Македонија се наметнува како предизвикот на дигитализација на општеството. На тој план се прават понекогаш помали, понекогаш поголеми чекори, главно „бомбастично“ најавувани доколку се проект на Владата, но речиси секогаш таквите процеси на осовременување на живеењето на граѓаните, во реалноста се судираат со стекнатите навики и менталитет во функционирањето на корисниците на дигиталните услуги, но уште почесто со воспоставените практики на владеење во партизирано општество
Нешто заради сопствена удобност, но во голема мера и поради „силата на околностите“, речиси пред десетина години ја прифатив со радост предноста на дигиталното плаќање сметки за комунални услуги – струја, водовод, телекомуникации… Мотивот за пристап во „дигиталниот свет“ беше изнуден од фактот што поштарите едноставно престанаа да носат пошта во нашата улица, наводно од страв од домашните миленици на соседите. Тоа значеше дека секој месец мора да се бараат исписи од сметките на пунктовите на секое од комуналните претпријатија, за да се исполнат граѓанските обврски за редовно плаќање на услугите. Од практичен аспект, тоа значеше дека барем еден работен ден (зашто овие претпријатија функционираат само во работни денови и во работно време од 8 до 14, евентуално до 16 часот) треба да се изгуби само за плаќање сметки. Некако во тој период се отвори и можноста за електронско плаќање на сметките, преку интернет, и од немајкаде на тој начин почнав да функционирам во „дигиталниот свет“. Инаку, поштар сѐ уште не влегува во нашата улица!
Но сепак неодамна, министерот за информатичко општество Азир Алиу ексклузивно најави дека инфраструктурата на националната пошта ќе се користи за да се даваат административни услуги за граѓаните на 333 (триста триесет и три) локации во земјата. Сегашната „Една точка за услуги“ што функционира само на пет локации (Скопје, Куманово, Битола, Охрид и Тетово) ќе се прошири низ целата земја, со користење на просторните и кадровските капацитети на поштата. За шест месеци се планира во подружниците на поштата да има налепница со информација за граѓаните дека им се на располагање услуги од администрацијата.
Според министерот за информатичко општество, сега се трошат многу ресурси за постојните пет точки: плаќање за кирија, струја, вработени… Тие ќе се затворат и сите такви места ќе функционираат во рамките на поштата. Сегашниот закон пропишува пристап до „Една точка за услуги“ (ЕТУ) да имаат само вработените во МИОА, па тој ќе се дополни, за таков пристап да имаат и вработени во АД Пошта. Се смета дека овој проект ќе ѝ помогне финансиски на АД Пошта, која е хроничен финансиски загубар и товар на државата и општеството.
Неизбежноста да се биде дел од современиот свет, на функционално ниво во Македонија се наметнува како предизвикот на дигитализација на општеството. На тој план се прават понекогаш помали, понекогаш поголеми чекори, главно „бомбастично“ најавувани доколку се проект на Владата, но речиси секогаш таквите процеси на осовременување на живеењето на граѓаните, во реалноста се судираат со стекнатите навики и менталитет во функционирањето на корисниците на дигиталните услуги, но уште почесто со воспоставените практики на владеење во партизирано општество.
Со години се зборува дека особен, дури политички предизвик е дигитализација на јавната администрација. Кога политичарите зборуваат за дигитализација, најчесто истакнуваат дека е докажано „како со дигитализација на процесите се подобруваат услугите за граѓаните“. Но сега сѐ почесто се нагласува дека со дигитализација на процесите ќе се намали ниската корупција.
Високата корупција, сепак, и понатаму не е во доменот на можностите на дигитализацијата, но се смета дека може да ја реши т.н. „шалтерска корупција“ или административна ароганција со која граѓаните се принудени да се соочуваат за извршување банални административни процедури, како еден вид „данок на негативна традиција“.
Но дигитализацијата, сепак, претставува поголема стапица за партизираниот начин на функционирање на администрацијата, односно терен на кој вирее партискиот клиентелизам. Логичното прашање што се наметнува е: Ако дигитализацијата ги поедноставува процедурите, тогаш зошто не се преполови и онака тромавата администрација, за што постојано во извештаите на Европската комисија ни доаѓаат опомени од Брисел? Можат ли партиите да се откажат од опцијата за вработувањата во администрацијата на партиски членови и следбеници, доколку се дигитализираат повеќето административни процеси? Или, повторно, и покрај дигитализираните процеси, трошоците на енормниот број административци, кои без оглед што ќе немаат што да работат, и понатаму ќе земат плата, ќе останат врз грбот на граѓаните? Впрочем веќе имаме едно такво долгогодишно искуство, со феноменот на т.н. рамковно вработени, кои со години не се појавуваа на работа (дури и не знаеја каде се вработени), но редовно добиваа плати, придонеси и сите привилегии за стекнат работен стаж. Предизвикот на дигитализацијата во Македонија не е во менталитетот, незнаењето или неприфаќањето на граѓаните да ги користат опциите што, секако, ќе им го олеснат и унапредат квалитетот на живеењето. Вистинскиот предизвик е политичкиот менталитет на партизирано владеење, преку кој секоја можност за економски, технолошки и општествен развој се манипулира и изопачува во интерес на политичко-партиските потреби.