Силни женски гласови скриени зад шифра

Според некои истражувања, во Македонија најинтересен е токму случајот со наградите за расказ „Живко Чинго“ и „Нова Македонија“, каде што машките и женските добитници биле изедначени (последниве години предничат) – само поради тоа што овие конкурси се анонимни. Би сакала да верувам дека сѐ поголемиот број наградени жени последниве години на Конкурсот на „Нова Македонија“ е можеби резултат на фактот што родовата распределба на овие награди е своевидно охрабрување на овој дел од творечката популација

Откако го напишав претходниот коментар за родовиот дисбаланс на најпрестижните награди, Нобеловите, кои сѐ уште во нивната 120-годишна историја имаат само околу пет отсто жени меѓу лауреатите, во изминативе две недели заедно со писателот и професор Александар Прокопиев работевме како жири на Конкурсот за краток расказ што традиционално го распишува „Нова Македонија“. Беа пристигнати рекордни над 250 раскази, а како што е познато, Конкурсот е анонимен. Деновиве го комплетиравме списокот на добитници за оваа година, па откако авторите на избраните приказни се јавија во нашата редакција и си го открија својот идентитет, нѐ чекаше вистинско изненадување! И коинциденција, истовремено (со претходниот мој текст со наслов „Нобелот веќе не е стар бел маж“). Сите наградени автори на Конкурсот на „Нова Македонија“ годинава се женски! Шест од шест!
Родовата нееднаква застапеност кај книжевните награди во светот, како и кај нас, отсекогаш била поразувачки податок што можел да се сфати како доказ за систематско занемарување на жените. Меѓу наградените на нашиот конкурс тоа не било случај, особено во последниве години, што можеби би можело да се припише на неговата анонимност, или на сѐ поголемото учество на женски автори на краток расказ. Според некои истражувања, во Македонија најинтересен е токму случајот со наградите за расказ „Живко Чинго“ и „Нова Македонија“, каде што машките и женските добитници биле изедначени (последниве години предничат) – само поради тоа што овие конкурси се анонимни. Би сакала да верувам дека сѐ поголемиот број наградени жени последниве години на Конкурсот на „Нова Македонија“ е можеби резултат на фактот што родовата распределба на овие награди е своевидно охрабрување на овој дел од творечката популација.
Авторка на првонаградениот расказ „Кажи му на кучето“ е Симона Јовановска, втората награда ја доби Ивана Смилевска за „Герника“, а третата – Моника Стојановска за расказот „Розов еж“, а откупните награди ги добија: Бјанка Станковиќ за „Морска“, Силвана Димитриевска за „Вода“ и Емилија Тодорова за „Големиот чекор“. Освен што сите шест награди ги добија авторки, како што се покажа, повеќето од нив се новинарки или завршиле компаративна книжевност.

Сето тоа можеше да се види и во ракописите, кои се напишани стилски многу јасно и точно, сите шест приказни во себе носат една свест за краткиот прозен израз и посебен шарм во пишувањето. Интересно е што додека ги читавме и разгледувавме расказите, во ниеден момент не можевме да претпоставиме или да насетиме за каков профил на автор станува збор. Ние како жири, нормално, секогаш сме заинтересирани за тоа кој стои зад избраните ракописи, затоа што конкурсот е анонимен и тоа му дава посебна вредност, но истовремено и го скокотка нашето љубопитство. Вообичаено меѓусебно погодуваме дали избраните ракописи се напишани од помлад или повозрасен автор, од искусен пишувач или почетник, дали станува збор за машки или женски ракопис… Овој пат не успеваме да погодиме, веројатно затоа што сите избрани раскази беа напишани од автори што суверено го владеат прозното писмо. Тоа е доказ всушност дека такво нешто како што е „женско“ писмо (што често добива и негативна конотација) не постои. Во добрата и квалитетна литература нема место за такви категоризации ни размислувања што ја намалуваат нејзината вредност. Меѓутоа, реалноста и статистиките покажуваат дека и во литературата, како и секаде на друго место, за жал, сѐ уште важат принципите на едно патријархално и закоравено општество. Во времиња во кои се зборува многу за родовата еднаквост и диверзитет, кога овие прашања сѐ уште не се докрај апсолвирани, ниту решени, вистинска радост и за нас како комисија, но уште повеќе за лауреатките годинава, беше сознанието дека зад шифрите на најдобрите раскази стојат жени.
Симона, Ивана, Моника, Бјанка, Силвана и Емилија, ви честитаме, многу среќа и на наредните „неанонимни“ конкурси!