Марија Милошевска, уметница

Уметницата Марија Милошевска, инспирирана од најстарото пишано сведоштво за потеклото на вештачката рибарска мушичка, во светот позната под името Macedonian fly, го создава брендот „Мамка“, кој го прикажува филигранскиот концепт како пристап, практика за накит и критички дискурс во креирањето на културата. Оваа колекција го истражува изработувањето на накитот како начин на размислување и толкување преку иновативен и применлив пристап во различни дисциплини. Изложбата беше поставена во Музејот на Македонија, како и во Етнографскиот музеј во Белград.
Милошевска завршила студии по етнологија и антропологија во 2004 година. По завршувањето на студиите почнала да се занимава со филигран, како и со користење различни медиуми, за да го пренесе процесот на техниките на изработка на филигран.

Како вештачката мушичка влезе во вашиот креативен дискурс и ве поттикна да создавате уметност од накит?
– Спектарот инспирации од инсектите во уметноста е огромен и е практикуван уште од дамнина. Тие се инспирација за скулптура, сликарство и применета уметност и се одличен потсетник или асоцијација дека тие виреат само таму каде што има живот. Нивната симболика и смисла се вткаени преку нивните форми, бои, преобразби, времето кога настануваат, каде припаѓаат и кога исчезнуваат. Уметност или природен процес. Човекот, пак, преку уметноста се труди да ја имитира сета природна убавина, па дури и најситните и невидливи мушички. Движењето е акција и кај мушичките и во среброто. Вештачката мушичка носи во себе имитација на нешто природно, а за да може да се изработува и/или употребува, човекот мора претходно да ги совлада природните закони и практики, сѐ со цел да ја надмудри природата, односно рибата.
Создавањето креативен дискурс со филигранското дело и неговите симболи и значења, во комбинација со вештачката мушичка, е една нова игра на хармонија и на нештата што се чини дека е невозможно да се поврзат, а всушност имаат многу слични допирни точки. Во миговите кога набљудувачот го разбира, односно го препознава филигранското дело во неговото внатрешно единство, ненадејно е присутно нешто општо, нешто што се подразбира само по себе.
Филигранската мрежа е свет од нераскинливи делови, соединети со помош на оган, чија маестралност лежи во балансот и држењето на деловите едни до други, за да опстојат, а не да се стопат. Присутноста на воздухот е додаден елемент, кој исто така дејствува на среброто, односно седиментираното знаење за филигранот е пресликано преку неговата патина (оксидација) на среброто.
Во него е содржана меморијата за времето, за човекот, за материјалното и духовното. Вештачката мушичка е поврзана со техниката на ловење риби, позната како мушичарење. Маестралноста на оваа техника, пак, постои во балансот и движењето на конецот (кој имитира лет на мушичка) до совршениот чин на допирот на водата, каде што рибата ја проголтува мушичката, мислејќи дека ќе се нахрани, а всушност е фатена на мамката создадена од човекот. Оваа имитација на природата е само тенденција до совршеноста, заборавајќи дека таа лежи во самото движење, односно постоење. Нашите желби да светиме повеќе од сонцето, да останеме вечно млади, со вештачката интелигенција да прошетаме до Марс или на Месечината, или да испуштиме некоја атомска бомба, всушност покажуваат колку ние самите сме се оддалечиле од нас, од природата, од сетилата. Затоа тука се инсектите, кои со еден мал убод навистина може да ни го променат животот.

Каква симболика носи со себе вештачката рибарска мушичка?
– Ловењето риба е многу повеќе од хоби и занимација, тоа е најстариот начин на доаѓање до храна, тоа значи опстанок. За да се надмудри пастрмката што го демне својот плен, човекот ја создава вештачката мушичка, која првпат се спомнува од римскиот патописец Клавдиј Елијан, за денес да е дел од светското културно наследство. Во своето дело „Де натура анималиум“, тој прв ја опишува употребата на рибарската мушичка. Неговиот текст вели дека, помеѓу денешните Солун и Воден, во римската провинција Македонија, постоела река Астреј, каде што рибите се хранеле со мушички, со изглед помеѓу пчела и мува, кои месното население ги нарекувало хипоурос. Кога човечката рака ќе ги допрела, тие се распаѓале, а пак инстинктот им кажувал на рибите дека ваквите мушички веќе еднаш биле уловени, па рибите не сакале ниту да им се приближат. За да ги намамат рибите, рибарите на јадица намотувале црвена волна и за волната врзувале два пердува со златновосочна боја, искубани од ресата на вратот на петелот. Ваквата мамка била и е позната во светот под името Macedonian fly. Оваа мамка ја закачувале на конец што бил долг 1,8 метар, исто колку и рибарскиот стап. Денес познатата вештачка мушичка е „оживеана“ преку „Мамка“, која е директно поврзана со моментот на опстанок, кој преку филигранското дело и техниката за изработка на вештачки мушички за рибарење се оживува во сегашното време како момент на постоење, низ практичен и уметничко-научен пристап. Културата, како начин на живот, претставува обид што ги вклучува значењето на егзистенцијата, светот на објектите и секојдневните практики што го произведуваат материјалниот живот, на тој начин што ни нуди модели за комплексна евалуација.

Кога би требало да го опишете вашиот накит, како би го направиле тоа?
– Накитот е битна алка или синџир (слободно можеме да го наречеме како сакаме, а сепак ги содржи двете значења: метафоричното и материјалното значење на алка, синџир) во креирањето на културата, преку верувањата, култот, значењето и обичаите што се нанижени на жицата и ги поврзуваат накитот и човекот. Накитот што го создавам емитира многу љубов и магија. Со моите прстени имаат клекнато многу мажи што си ги барале своите девојки за жени, на многу новороденчиња се подарени мемории од нивните баби и дедовци за да си го знаат потеклото – коренот, многу обетки, ѓердани биле дел од специјални изненадувања за многу другарки, пријатели и колешки. Накит што поврзува светови.

Што сакате да прикажете преку „Мамка“?
– Мамка сме самите ние, а и сѐ наоколу нас е мамка… И сите знаеме што се случува наоколу и во светот, ама само мижиме, молчиме и заобиколуваме. Проголтани сме од системот, а страв ни е да мрднеме, затоа што ќе нѐ боли ако пробаме да ја „извадиме јадицата“, бидејќи, за жал, сме сраснале со болката.
Како што вели Фридрих Ниче: „За секој човек постои мамка на која тој не може да ѝ одолее, а да не ја проголта.“ Исто така, преку „Мамка“ ги поставувам прашањата за нашите искушенија, односно дали сè уште сме природни или стануваме вештачки, дали со имитацијата црпиме од природата и со тоа ја пренесуваме пораката за нејзина заштита или е уште еден начин за нејзино уништување, дали сме примамени од самата „мамка“ или од чувството на „загризување“ на мамката?

Велите дека ова не е само накит, или изложба туку природна потреба за творење или живеење, колку тесно се поврзани творењето и живеењето?
– Секој наш збор е творба на животот. Едно „добро утро“ содржи еден цел универзум на постоење, будење, емоција, живот, раѓање на денот. Кога би се запрашале колку често, искрено и присутно сме ги посакале овие зборови, или тие се само дел од машинеријата на некои стари навики или практики?
Битисувам значи постојам, творам значи живеам. Неопходни ни се, би кажала, искрени творби. Малку ја запоставивме искреноста во целокупната смисла на животот. Земете како пример еден продукт на кој пишува органско или природно, а на заднината веќе имате листа на вештачки додатоци. Во денешниот виртуелен свет доволен е само еден touch – допир, за да бидеме/добиеме тоа што ќе посакаме. Истовремено, се воодушевувам и се шокирам од брзината на случувањата, изборот што го правиме и резултатите што ни се однапред сервирани, уште пред да го „допреме копчето“, односно да ја загриземе мамката. Филигранската творба, пак, на некој начин му се спротивставува на консумеризмот и во мало може да се почувствува дел од природата, односно патот на среброто, воздишката, симболот и времето кога настанало, за да сведочи во иднината за неговото постоење.