На крајот на краиштата, на народот навистина не му е важно кој е во право, а кој во криво. Она што народот го интересира е функционален јавен превоз поради кој тој нема да добие намалување на плата поради доцнење на работа како последица на нередовен автобус или неоправдан во дневник затоа што автобусот не пристигнал навреме. „Мој термин“ никогаш досега не чекал да дојде пациентот што доцни поради автобусот во кој не можел да се качи затоа што едноставно немало место. Овој систем е прецизен. Секој си има одреден термин за себе. Ако го пропуштиш, ќе чекаш неколку месеци за следниот
По неколкумесечното натегање на приватните превозници и градските власти, во кое најголемиот стап го изедоа граѓаните корисници на градскиот превоз, конечно се гледа светло на крајот од тунелот.
Градот оствари средба со приватните превозници, на која конечно беше постигнат договор помеѓу нив. Од една страна градските автобуски линии да се исполнат со автобуси како што тоа беше вообичаено некаде до ноември минатата година, а од друга страна Градот да им го исплати долгот на приватните превозници за реализираниот автобуски превоз.
Сагата траеше неколку месеци, сценариото од овој неколкумесечен хорор-филм најмногу влијаеше на корисниците на автобускиот превоз. Како последица на меѓусебно (да го наречеме така) инаетење граѓаните останаа извисени, трчаа по автобуси, се туркаа во малкуте достапни автобуси, доцнеа за на училиште, на работа и за извршување на секојдневните обврски, на лекарски прегледи….
Резултатот беше ист низ целиот град. Имаше страшен револт од страна на граѓаните поради автобускиот хаос.
На почетокот кога се случија првите „препукувања“, приватните превозници бараа ЈСП, односно Градот, (бидејќи ЈСП е градско претпријатие), да им го исплати долгот од 1,5 милион евра за извршените автобуски услуги. Откако тогаш градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, јавно истакна дека Градот нема никакви долгови кон нив, приватните превозници со повеќе од 300 автобуси го закочија целиот град со цел да покажат дека се сериозни во своите намери и оти од своите пари немаат во план да се откажат. Сепак, по неколкудневни протести покажаа солидарност кон скопјани, па ги тргнаа автобусите, бидејќи сфатија дека на тој начин дополнително го разгневуваат народот.
Градоначалничката тогаш ги обвини дека продавале автобуски билети, а заработката не ја пријавувале, на што тие повторно возвратија дека тоа е невозможно, бидејќи валидаторите на билети не се нивни, туку на ЈСП, а плаќањата на билетите лесно можат да се проверат во ЈСП.
И покрај тоа што граѓаните на социјалните мрежи јавно говореа дека проблемот со автобускиот превоз е доста сериозен, а притисок вршеа и медиумите, градските власти тврдеа дека ЈСП одлично го менаџира јавниот превоз и оти нема никакви проблеми.
Сепак, иако според Градот автобускиот превоз функционираше беспрекорно, во јануари годинава, градските власти објавија нов повик за избор на приватни превозници што требаше да одржуваат пет линии. На повикот беше наведено дека има потреба од 48 автобуси и 103 возачи на автобуси. Овој повик пропадна бидејќи никој не се пријави да врши јавен автобуски превоз во метрополата.
Сега, конечно, Градот и приватните превозници соопштија дека ја обновуваат соработката и оти се договориле за решавање на проблематичната ситуација. Градот се согласил да им го исплати долгот за кој тврдеше дека не постои, а приватните превозници задоволно изјавија дека на новиот повик ќе се пријават сите бидејќи им одговарале условите.
Сега она што сите нас нѐ интересира е зошто одеднаш се смени ставот на Градот, па прекуноќ се реши неколкумесечниот проблем со јавниот градски превоз? Што се смени во целата оваа ситуација, што го премисли Градот да го омекне ставот и да попушти под притисокот на јавноста?
Дали конечно се услишија апелите на народот дека возењето во автобусите на ЈСП претставува кошмар поради доцнењето и метежот што се случуваше во нив, бидејќи едноставно, јавното претпријатие немаше капацитет за да ги задоволи реалните потреби на граѓаните или, пак, Градот сфати дека сепак некаде попатно ја згреши работата што дозволи неговите граѓани да поминуваат низ автобуска тортура секојдневно?
На крајот на краиштата, на народот навистина не му е важно кој е во право, а кој во криво. Она што народот го интересира е функционален јавен превоз поради кој тој нема да добие намалување на плата поради доцнење на работа како последица на нередовен автобус или неоправдан во дневник затоа што автобусот не пристигнал навреме. „Мој термин“ никогаш досега не чекал да дојде пациентот што доцни поради автобусот во кој не можел да се качи затоа што едноставно немало место. Овој систем е прецизен. Секој си има одреден термин за себе. Ако го пропуштиш, ќе чекаш неколку месеци за следниот.
Градоначалничката фотелја со себе носи многу одговорности. Да се биде мајка или татко на градот значи носење еден огромен товар на грбот. Одговорноста на самата позиција е одговорност за безмалку 600 илјади жители на главниот град. Оваа позиција бара многу компромиси и отстапки и сето тоа во интерес на граѓаните и во име на граѓаните.
Дали со новопостигнатиот договор помеѓу Градот и приватните превозници конечно ќе се стави крај на колапсот во автобускиот превоз и конечно граѓаните ќе добијат јавен превоз каков што заслужуваат, останува да видиме во периодот што следува.
Дотогаш на скопјани им порачуваме да се вооружат со трпение и да излезат од дома порано од предвиденото за да стигнат навреме каде и да одат.