Модерните „глобалистички иновации“ го нарушуваат карактеристичниот систем на македонскиот јазик, кој ја има создавано својата посебност (и од групата на словенските јазици на кои им припаѓа и воопшто во лингвистиката) низ својот милениумски развој во писменоста уште од 9 век. Стандардизирањето на јазикот е начин преку кој тие очигледно неизбежни глобалистички влијанија треба да се адаптираат на постојниот систем на македонскиот јазик, а не да го нарушуваат
Од пред три години во Македонија се одбележува 5 Мај, како Ден на македонскиот јазик. Веќе шести пат, Институтот за македонски јазик организира манифестација во вид на отворени денови, каде што учесниците, научници лингвисти дискутираат за историскиот, но и современиот развој на јазикот, кој Македонците го сметаат за свој мајчин јазик. Можеби ваквите одбележувања во чест на македонскиот јазик на најголемиот број родени говорители на македонскиот јазик им изгледаат премногу академски, па и научно херметички, што дури понекогаш ги чувствуваат како настани каде што мора да се зборува исклучиво на стандарден јазик, според „строги граматички правила“. Таквата претстава за „задолжителност“ во одбележувањето на македонскиот јазик често создава предрасуди дека тој „граматички јазик“ не е истиот што се зборува во секојдневниот живот. А во секојдневниот живот се зборува на различни дијалекти, жаргони, со различно акцентирање, без интерпункција, понекогаш и во седумосмински такт… и не секогаш според правилата на стандардниот јазик. Но има добра вест – сето тоа е современиот македонски јазик! И се зборува секој ден во Македонија, не само во „свечени“ денови! Таквата состојба на стандардизираност, но и функционалност надвор од стандардите го прави македонскиот јазик жив јазик, подготвен да се справува со предизвиците на современоста и иднината.
Политичкото проблематизирање на евроинтеграциите на Македонија длабоко е навлезено во национално-идентитетски теми, каде што еден од главните аргументи за македонското национално постоење е автентичноста на македонскиот јазик. Токму затоа и на спецификите на македонскиот јазик, кои вообичаено треба да бидат предмет на интерес на лингвистичката наука, сѐ повеќе им се дава внатрешнополитичка, па дури и надворешнополитичка тежина. Во секој случај, македонскиот јазик е официјален јазик на територијата на цела Македонија, како и за надворешнополитичка комуникација. Но македонскиот јазик е и основно средство за комуникација во секојдневието на македонското живеење: во образованието, медиумите, администрацијата… сѐ до обичната меѓучовечка интеракција. Исто така, македонскиот јазик е стандардизиран со норми и правила, кои многу често во практиката се пренебрегнуваат како формални стеги на „филозофијата“ дека „јазикот е сепак жива материја“. Секако дека јазикот како „жива материја“ трпи влијанија од современоста, од контактот со другите јазици, од технолошкиот напредок…, но стандардизираните норми постојат токму за јазикот да ги зачува идентитетот и интегритетот во напливот од влијанија, што често може да биде збунувачки и за родените говорители на кои македонскиот јазик им е мајчин.
Еден од контроверзните примери на тенденцијата за нарушување на системот на македонскиот јазик е „модата“ женскиот род во женските презимиња да се изедначува со машкиот род. За разлика од некои други јазици, во системот на македонскиот јазик граматички јасно се издиференцирани машкиот, женскиот и средниот род. Обидите за манифестирање еманципација преку изедначување на граматичкиот род меѓу машките и женските презимиња не покажуваат дека водат кон целта, туку само повеќе ги нагласуваат комплексите од нелогичните трендови
Збунувачкиот ефект во секојдневната говорна и писмена употреба на македонскиот јазик многу често се случува како трендовско влијание од странските јазици. Обично е од англискиот, но не се исклучени и трендови од други поблиски и подалечни јазици. Тоа е особено забележливо во писмената форма, кога во една реченица се мешаат кирилското писмо на македонскиот јазик и некој збор или цела фраза напишани на латиница на друг јазик. Натписите на фирми со странски имиња на латиница се чини дека се вообичаена практика со која тешко се излегува накрај, дури и со повеќе обиди за законско регулирање. Но сѐ поприсутен феномен кај помладата генерација е мешаната употреба на македонски и англиски зборови во говорното изразување, како наводно прифаќање на некаков глобален тренд, „оправдан“ со аргументацијата дека „побрзо им доаѓа на јазик англискиот збор“.
На таквите глобализаторски трендови не се имуни ни другите светски јазици, што секако не е аргумент што ја олеснува или оправдува таквата мода во колоквијалниот говор на македонскиот јазик. Особено кога таквите „иновации“ го нарушуваат карактеристичниот систем на македонскиот јазик, кој ја има создавано својата посебност (и од групата на словенските јазици на кои им припаѓа и воопшто во лингвистиката) низ својот милениумски развој во писменоста уште од 9 век. Стандардизирањето на јазикот е начин преку кој тие очигледно неизбежни глобалистички влијанија треба да се адаптираат на постојниот систем на македонскиот јазик, а не да го нарушуваат.
Еден од контроверзните примери на тенденцијата за нарушување на системот на македонскиот јазик е „модата“ женскиот род во женските презимиња да се изедначува со машкиот род. За разлика од некои други јазици, во системот на македонскиот јазик граматички јасно се издиференцирани машкиот, женскиот и средниот род. Обидите за манифестирање еманципација преку изедначување на граматичкиот род меѓу машките и женските презимиња не покажуваат дека водат кон целта, туку само повеќе ги нагласуваат комплексите од нелогичните трендови.
Отпорноста од таквите влијанија што го нарушуваат системот на македонскиот јазик и ја засилуваат самодовербата на Македонците во својот мајчин јазик, докажано е дека се гради во образовниот систем. За жал, со години е забележлива една линија на помал отпор во образовниот систем, каде што се запоставува важноста на образованието, т.е. наставата по предметот Македонски јазик, повторно со неформалниот аргументот дека „не им е потребен на децата, кои својата иднина ја гледаат надвор од Македонија“. На таквиот контекст се надоврзува актуелната реформа на наставата по предметот Македонски јазик за шесто одделение во основното образование, од каде што е изоставен историскиот дел за развојот на македонскиот јазик, односно за делото на сесловенските просветители Кирил и Методиј и нивните ученици Климент и Наум. Тоа се прави со образложение дека ќе им биде најдено соодветно место во наставната програма за повисоките одделенија, до кои образовните реформи сѐ уште не се стигнати.
Македонскиот јазик како еден од елементарните атрибути на македонското народносно постоење е носечкиот столб на македонскиот национален идентитет. Денешните состојби на македонскиот јазик се само современа отсечка на стандардизирано битисување на македонскиот јазик во долгата линија на временски континуитет, која се протега до времињата на создавањето на првото словенско писмо, глаголицата во 9 век од сесловенските просветители Кирил и Методиј.
И конечно, ако не го познаваме и не го говориме правилно мајчиниот јазик, големо самозалажување е дека подобро можеме да се изразиме на друг светски јазик.