Сè што е за Македонија – вреди!

Помина и оваа тешка и мачна 2023 година. Дека била таква најдобро говорат изразите на лицата на луѓето на улиците, летаргијата и резигнираноста што се чувствуваат во секој нивен збор, рамнодушноста кон празниците на кои некогаш сите им се радуваа, а сега ги гледаат само како обичен слободен ден. Постои еден збор што најдобро би го опишал сето ова – очај.
Лицемерно е да зборуваме за „најлудата ноќ“, кога пред само еден месец целото општество беше погодено од еден траорен настан во кој згаснаа соништата на еден млад живот, а сега сите да се правиме како ништо да не се случило и задоволни да се подготвуваме за новогодишната ноќ, празничната атмосфера и стандардната порака оваа година да биде подобра. Потфрли нашиот систем и тука нема простор за оправдувања и наоѓања изговори кој си ја завршил добро и брзо работата, оти нема добро завршена работа ако неповратно е изгубен млад живот. Попусто една година Македонија раководеше со ОБСЕ и се грижеше за европската безбедност, кога не успеа да ја зачува домашната безбедност така што ќе ги заштити најранливите.
Претходно цела година енергијата се трошеше на уставните промени и двотретинското мнозинство, без ништо друго да се придвижи во државата. Сè застана. Институциите се распаѓаат, корупцијата и криминалот цветаат, правосудство нема, обвинителство уште помалку, економијата дише на жабри, а екологијата воопшто и не дише. Во едни такви домашни состојби, работата дојде до ставање на Бугарите во Уставот. Најпрво вицепремиерот за евроинтеграции преку телефон ќе ги убедувал пратениците од опозицијата за бенефициите од уставните измени, потоа кога му се вклучуваше „секретарка“ на мобилните, најави дека сега ќе се среќавал со нив во четири очи, за на крајот да не испадне ништо од сето тоа. И министерот за надворешни работи беше доста убеден во успехот на мисијата наречена „двотретинско мнозинство“. Па, велеше во јануари ќе има мнозинство, па во мај, па во јуни, па во септември, ноември, за на крајот да каже дека шанси има до последен момент. Не кажува само на која година мисли. Добро е кога имаме министри што се оптимисти, ама лошо е кога имаме министри што прават погрешни процени. Нивните лоши процени ја турнаа државата во подредена улога, за жал.

И губејќи го така беспоштедно времето исклучиво на обезбедување двотретинско мнозинство за уставни измени, ни стигна пред извесно време и извештајот на ЕК за напредокот на земјава. Да беа некои министри што реално ги согледуваат состојбите, а не низ розова диоптрија, ќе кажеа „зини, земјо, голтни ме“, но со оптимистичкиот пристап на нашите министри и вицепремиери се наоѓа напредок и таму каде што го нема, па не во едно или две поглавја, туку во 80 отсто од извештајот имало напредок. Барем малку усул да се имаше со оптимизмов…
Во меѓувреме човек и не може да се сети на сè лошо што ја снајде земјава во изминатава година оти аферите не се на месечна, туку на дневна основа. Скандалот со Онкологија, недовршениот автопат кон Охрид, кој ако некогаш биде завршен, лично сметам дека треба да се вика автопат „Бесконечност“, потоа автопатиштата од коридорите 8 и 10, кои половина и повеќе ги плативме, а не е фрлена ниту лопата, се дел од годинешните скандал-настани. Не треба да се заборават ниту заострената реторика со Бугарија, повторното заживување на големоалбанските идеи и најавите за инфилтрирање косовски политички субјекти на македонската политичка сцена. И да не заборавиме, фамозното членство на земјава до 2030 година во ЕУ, кое само домашните политичари од власта го гледаат, а ЕУ нема поим. Еден памет, ќе заборавев и на американската црна листа, од која најмалку им се стемни на оние што се најдоа на неа, оти знаат дека „Далеку, далеку е Америка“, како што своевремено пееше ЕКВ, поранешен култен југословенски бенд. За нив добра си е и Македонија, тука сите се нафатираа и продолжуваат генерациски да си уживаат во тоа што беше ограбено од народот. А за да ни ја доближат Америка, нашиве ќе ги преправаат законите, така што американските санкции ќе се применувале и кај нас, врз нашите државјани. Веќе на човек просто не му е јасно дали сме Македонци или Американци? Ете алтернатива за министерот Османи, кој е убеден дека немало друга алтернатива. Ако не нè сака ЕУ, тогаш да влеземе во САД. Тие нема да бараат да ги менуваме идентитетот, јазикот и историјата, згора на тоа и името може да си го вратиме, оти Американците нè признаа како „Република Македонија“, па да поштедиме илјадници мачни души што секојдневно стојат во редици на студ и загадување за да вадат нови лични документи затоа што државата потфрли тоа да им го обезбеди кога требаше, а сега повторно им ги краде парите со што им ја наплаќа сопствената неспособност.
Арно ама има една филозофија што вели дека човекот иако знае дека е смртен, сепак целиот свој живот гради нешто, се обидува да остави некаква трага зад себе, не ѝ се препушта на рамнодушноста, и тоа е она што е праисконски всадено во него, што би рекле, печат од Бога.

Така треба да биде и за нас како општество. Пред нас е нова година, следува нова техничка влада, а потоа и претседателски и парламентарни избори. Неколку работи се клучни за овие процеси, а тоа е во предизборниот период да не се закрвува и дели општеството, оти работата е отидена дотаму што прагот на толеранција е никаков. Луѓе се тепаат за минорни сообраќајни прекршоци, не помагаат на човек што ќе го најдат легнат на тротоар туку го прескокнуваат небаре е куче (кучето барем некој чат-пат ќе го погали), роднини повлекуваат пиштоли едни на други, семејното насилство станува секојдневие, не постои веќе грам емпатија за ништо. Затоа е потребен еден културен предизборен процес во кој конечно партиите ќе почнат да се натпреваруваат со програми и идеи, а граѓаните ќе бидат на еден вид панаѓур, да одберат што е најдобро за нив и за нивната држава.
Без оглед кој ќе ги добие изборите, треба едно да му е јасно. Кредит за изигрување на довербата на граѓаните нема повеќе никој. Народот не погрешил никогаш, погрешиле само политичарите, кои заслепени од моќта на функцијата и парите забораваат на обичните граѓани и живеат во тие четири години како повеќе да го зголемат личното богатство, да си обезбедат бизниси за себе и за своите деца, да издејствуваат неказнивост, да си донесат свои луѓе, кои утре нема да ги гонат ниту за криминал, а уште помалку за корупција, и така без да им фали влакно од главата да ги уживаат бенефициите стекнати врз грбот на осиромашениот народ.
Тој филм заврши. Граѓаните можеби се очајни и летаргични, но не се глупави. Никој нема двапати да ги изигра, така што сега нема никому да му дадат бланко-доверба да продолжи да владее, што би рекол Ахмети, „како досега“, без да испорачаат резултати со кои видно ќе се подобри народната живејачка. Тоа значи повисоки плати и пензии, подобри социјални политики, непартизирани и функционални институции, редуцирана и вредна администрација, но и можности и шанси за сите оние што вредат нешто да покажат и за тоа да бидат наградени. Тоа значи и резултати на национален план, кои во прв ред значат враќање на достоинството на македонскиот народ и враќање на Македонија како држава на темелите на АСНОМ и Илинден. Ова не е ничија губернија за некој да нè дели според (племенски) заедници, туку матична држава на македонскиот народ и на сите малцински заедници, која води сметка за правата на македонското малцинство и во соседните земји, исто како што им дава права на нивните малцинства тука. Тоа треба да го има на ум секоја партија што претендира да ја освои власта на следните избори. Сигурно ќе се притиска да се направат уставните измени, и нека се направат, но под наши услови, за да не бидеме повторно „зафркната странка“, да не употребам повулгарен збор. Понатаму, надворешната политика не е ничија приватна сопственост, не се ниту државните институции, за во нив да се слават родендени и да се игра фудбал. Државната политика треба да се води преку институциите. Приоритетните прашања секогаш да се договараат консензуално, а не поединци да ги договараат далеку од очите од јавноста, како што беше случајот со преговорите со Бугарија. Да имаше договор и вклученост на сите, тогаш немаше да помине ваков „бугарски“ предлог завиен во некаква европска обланда. Немаше ниту да се прифати ваква преговарачка рамка во која државата е ставена во подредена улога во однос на друга држава, за што во некои развиени демократии се одговара за велепредавство.

Неодамна Македонија доби 40 препораки како да ги среди состојбите во правосудството. Нека ги спроведе сите, тоа не е тешко за да се покажат резултати. Прашање е дали се сака да се направи такво нешто, оти многу татини и мамини синови и ќерки ќе отпаднат од правосудниот систем во кој се напикаа преку Академијата за судии и обвинители, оти, нели, „и нивните синови и ќерки имале право на тоа“. И за корупцијата има лек. Посебни независни тела, меѓусебно поврзани, кои бескомпромисно ќе гонат висока корупција и криминал, без пардон, без никакви политички влијанија и опструкции. Таа борба мора да биде институционализирана и радикална, оти ако не се преземат вакви длабоки резови, тогаш корупцијата целосно ќе ја уништи државата.
Понатаму, македонското ткиво мора да се помири и да се обедини. Сите може да не се согласуваат за идеолошки прашања, одредени програмски решенија и политики, но кога станува збор за државотворноста на македонскиот народ, неговиот идентитет, јазик, унитарниот карактер на државата, химната, знамето, уставот, секуларизмот, нема преговори со никого и по никоја цена. Времето на уцени на македонскиот народ помина, сега треба тој да почне да поставува услови онака како што нему му одговара, во согласност со националните интереси и интересите на сите граѓани.
На тој начин Македонија ќе почне системски да се регенерира, при што етничкото и процентуалното ќе почне да се заборава, а во прв план ќе бидат квалитетот и способноста. Најмногу се противат на укинувањето на процентите оние што немаат да понудат квалитет, оти знаат дека крадењето завршува, а богами и казната ќе стигне за сè што е незаконски стекнато. И да завршам, ако она исконското во човека е постојано да гради иако знае дека е смртен, тогаш да го разбудиме исконското во Македонецот, одново да ја изгради Македонија онаква каква што од секогаш ја замислувал, вечна и горда! Човекот е смртен, но Македонија е бесмртна и за неа вреди да се потрудиме.