Тоа што Македонките предничат во науката по бројност во однос на нивните машки колеги, односно дека Македонија има највисок процент на жени научни истражувачи во Европа, е ветувачки сигнал за родовата балансираност во нашето општество, барем во оваа област, но секако не е показател за степенот на развиеност на науката кај нас, ниту пак за висока бројност на научните кадри. Постојат повеќе критериуми по кои се мери развојот на науката во една држава: бројот и факторот на влијание на објавените научни трудови, научноистражувачките проекти, бројот на научници, рангот на универзитетите и научните институции, па оттука за да зборуваме за развиена наука, потребно е многу повеќе, а најмногу од сѐ сериозни вложувања во неа, нешто што кај нас е запоставувано со години
Со векови конзервативните идеи за „природата на жените“ (жената насочувана од емоциите, а не од разумот) се употребувани за исклучување на жените од многу области на општествениот живот. Се претпоставувало дека жените инстинктивно се склони кон домот и мајчинството. Феминистичката традиција на спорење со биолошките теории за женската природа од крајот на 18 век инсистира на ставот дека жените и мажите имаат една, заедничка, човечка, природа, односно дека домаќинството и мајчинството се научени улоги и дека женскоста и машкоста се ефекти на културата, а не на природата. Во наредните два века не се успеваше докрај да се изврши влијание врз промена на долго таложените стереотипи, па жените останаа невидливи во многу општествени сфери и професии. Сепак, се чини современоста конечно почнува да се менува. И тоа особено во Македонија и во регионот, иако во овој дел од светот сѐ уште е доминантен патријархалниот модел.
Кон овој заклучок ме доведе последната направена статистиката за родовата застапеност во науката направена од Институтот за статистика на УНЕСКО, според која, процентот на жени во науката во вкупниот број на истражувачи генерално се зголемува, а интересно е што графиконот покажува дека Македонија со 52, 3 проценти е прва на листата. По неа доаѓаат Летонија со 52,2 и Литванија со 51,6, па земјите од регионот: Србија со 50 проценти, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Босна, Албанија. Последни на листата се развиени земји како Австрија, Луксембург, Германија, Франција и Холандија.
Тоа што Македонките предничат во науката по бројност во однос на нивните машки колеги, односно дека Македонија има највисок процент на жени научни истражувачи во Европа, е ветувачки сигнал за родовата балансираност во нашето општество, барем во оваа област, но секако не е показател за степенот на развиеност на науката кај нас, ниту пак за висока бројност на научните кадри. Постојат повеќе критериуми по кои се мери развојот на науката во една држава: бројот и факторот на влијание на објавените научни трудови, научноистражувачките проекти, бројот на научници, рангот на универзитетите и научните институции, па оттука за да зборуваме за развиена наука, потребно е многу повеќе, а најмногу од сѐ сериозни вложувања во неа (нешто што кај нас е запоставувано со години), и тоа не само преку издвојувањето буџетски средства за научните истражувања туку и преку долгорочни одржливи политики, вклучување во големи проектни тимови и користење средства од меѓународни програми. Во моментов, ниту еден од овие предуслови не е исполнет докрај, па единствено со што можеме да се пофалиме е што напредуваме во однос на вклученост на жената во научната област.
Според некои постари податоците на Организацијата на Обединетите нации (ООН), пак, поместени во книгата на Глен Џордан и Крис Ведон, „Културна политика“ (2000 г.), жените на планетата главно не поседуваат земја, но ја обработуваат; немаат капитал, но работат повеќе за помалку пари, особено кога ќе се земе предвид бесплатната работа, која во светската историја непогрешно се идентификува со робовската работа; според бројноста, тие се мнозинство од избирачите, но несоодветно претставени во власта; имаат помал пристап до културните добра и медиумите, иако ликот на жените во тие области масовно се злоупотребува; просветните, здравствените и академски институции нудат многу помалку пропустливост за жените… Се чини две децении подоцна идејата за еднаквост меѓу половите, промоција на женските квалитети и славење на женскиот придонес во развојот на човечкиот род, конечно се доближува до своите цели. Намалувањето на родовиот јаз сигурно уште повеќе во иднина ќе ги поттикне жените да продолжат со кариерата во науката, технологијата, инженерството и математиката. Сепак, не е сѐ толку розово. Според податоците на УНЕСКО, во науката сѐ уште постои родовата нерамноправност, која се гледа низ тоа што научничките објавуваат помалку трудови, добиваат помалку пари за истражувањата и помалку напредуваат во кариерата, не со оној интензитет со кој тие би сакале или во споредба со тоа што го добиваат нивните машки колеги. Оттука, борбата не завршена. Владејачката култура сè уште го задржува традиционалниот модел на однесување на родовите, но денес жените наидуваат на значително помалку пречки во остварувањето на општествените позиции. Жените во современиот капитализам живеат во општество битно различно од она во кое израснале нивните мајки, баби или прабаби. Живеат во постфеминистички свет во кој феминистичките идеи и претпоставки не исчезнале, туку станале дел од културата, а повеќето моќни и влијателни мажи ги прифаќаат, барем јавно! Сексизмот денес се смета за негативна појава. Тоа не значи дека е мртов или дека наскоро ќе изумре, ама секако значи дека значително се намалува и се маргинализира како нешто лошо.