Во предвечерјето на уште еден голем празник, 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, веројатно најмногу прилега една ваква револуционерна колумна. Но со наратив кон иднината, а не кон историјата. Зашто Македонија од ден на ден станува сѐ позависна и позаробена држава во секој сегмент и неопходни се револуционерни чекори и идеи да се ослободиме од тие пранги
По 11 Октомври, Денот на оруженото востание на македонскиот народ, во предвечерјето сме на уште еден голем празник, 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
На овој датум, пред 129 години, во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун, се собрале шест луѓе да ги постават темелите на тоа што подоцна ќе стане симбол на борбите на Македонците за слобода. Тогашното формирање на Македонската револуционерна организација од страна на Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев значи почеток и на организираното македонско револуционерно движење, кое преку Крушевската Република и Илинден во 1903 година, потоа преку НОБ и АСНОМ во 1944 година и референдумот за независност од 8 септември 1991, резултира со создавање современа самостојна македонска држава. Затоа, 23 октомври го симболизира целиот тој континуитет на македонската борба за независност. Борба што продолжува и денес и не е завршена. Затоа пред еден ваков празник во октомври, како најреволуционерен месец во македонската историја, веројатно најмногу прилега и револуционерна колумна. Со наратив кон иднината, а не кон историјата. Но и со сиот ризик поинаку да се протолкува, во зависност кој што подразбира под поимот револуција.
Затоа, еве, веднаш да разјасниме дека во колумната воопшто не станува збор за каква било форма на револуционерна борба со бунт или насилство, туку на револуција со современи мирнодопски и демократски алатки. Би рекол многу повеќе еволуција отколку револуција, иако поимот револуција е во функција на симболиката и во конотација со празникот.
На револуција што во својата суштина треба да биде идеолошка, културолошка, прогресивна, мисловна. Револуција што ќе се темели на конкурентни идеи, предлози и стратегии што ни се неопходни во секоја сфера. Револуција на умот што ќе нѐ оттргне од лагите и заблудите во кои сме западнати и ќе нѐ врати на вистинските вредности.
Зошто велам револуција во сите сегменти? Па, затоа што државата не е ослободена и осамостоена во целост и во вистинска смисла на зборот. Потиснати, зависни и заробени сме во многу области. И тоа е видливо на секој чекор. Впрочем, да не одиме подалеку, и во извештаите на Европската комисија се користи терминот заробена држава. Македонија од ден на ден станува сѐ позаробена држава и неопходни се револуционерни чекори и идеи да се ослободиме од тие пранги.
Еве, да тргнеме по ред. На планот на надворешната и безбедносна политика.
Македонија денес, иако е членка на НАТО, се соочува со отворени закани и нагласени територијални аспирации од некои од соседните земји. Повторно оживуваат сеништата и духовите од минатото и излегуваат карти на големи држави, кои и понатаму сонуваат да ја делат и парчат Македонија. Е, такво нешто не може да се премолчи. Уште помалку да се дозволи. На ваквите обиди мора да се одговори револуционерно. Со вистински аргументи и одбрани зборови. Не вели народот попусто дека јазикот е поостар и од сабја. Македонскиот јазик е уште посилен и помоќен. Бидејќи е искален низ вековите и има свој континуитет низ просторот и времето. Затоа на каков било обид за негација, навреда, омаловажување на македонскиот народ, идентитет, историја, култура, треба да се возврати енергично. Со реакција, демарш, протестна нота, резолуција, декларација, што и да е. Преку писмен документ или директно говорно обраќање. На македонски јазик, се разбира.
Вртење на другиот образ веќе не помага. Тоа и нѐ доведе таму каде што сме.
Одиме понатаму. Не сме осамостоени и независни ниту на економски и енергетски план. И тоа е видливо и со голо око. Сиромашни сме како црковен глушец.
А кога сте економски и енергетски зависни, тоа ве прави и политички зависни, а со тоа и лесно ранливи и подложни на секакви можни влијанија и манипулации. Не случајно сега пак ни се најавува доаѓање на некои европски емисари, кои ќе ни нудат некакви економски и енергетски пакети, очекувајќи од нас да направиме нови политички отстапки на штета на македонскиот народ.
Има една изрека што вели дека револуцијата секогаш ги јаде своите деца. Можеби затоа ретко кој се нафаќа на какви било револуционерни промени во која било област кај нас. Од страв самиот да не биде отпишан и проголтан. Но велат и дека среќата ги следи храбрите. А за револуционерни промени се потребни и двете. Можеби многу повеќе храброст, отколку среќа
Затоа, и тука се неопходни револуционерни промени. Реорганизација на економските политики и стратегии, драстични промени и во сегментот на енергетиката и вртење кон сопствените потенцијали. За вистински да се осамостоиме и да застанеме цврсто на нозе.
Да не го заборавиме образованието. Тука цело време мислевме дека правиме некаква револуција со експериментални проекти и програми од типот на Кембриџ, Болоња, деветолетка, но наместо револуција, излезе само дисолуција и разградување. Изреката уништи го образованието и ќе ја уништиш државата, Македонија најдобро ја почувствува на своја кожа. Затоа денес имаме голем број училишта и факултети, но немаме кадар за стопанството. Ни недостигаат квалификувани работници во сите струки. Поради тоа неопходни се револуционерни промени во сегментот на образованието. Целосно ресетирање и преструктурирање.
Има една изрека што вели дека револуцијата секогаш ги јаде своите деца. Можеби затоа ретко кој во Македонија се нафаќа на какви било револуционерни промени во која било област. Од страв самиот да не биде отпишан и проголтан. Но велат и дека среќата ги следи храбрите.А за револуционерни промени се потребни и двете. Можеби многу повеќе храброст, отколку среќа.
Револуцијата, како општествена појава, како и еволуцијата, како природен процес, никогаш не завршува. Освен доколку самите не се откажете од нив и изберете да останете заглавени во времето и без визија за иднината.
Нека ни е честит празникот. Да живее Македонија.