„Јас се чувствувам нераскинливо поврзан со судбината на македонскиот народ и како бугарски пролетерски револуционер и како син на семејство што потекнува од Разлог – долината на историското Илинденско востание. Македонското движење има многу непријатели, меѓутоа најопасниот негов внатрешен непријател се агентите на бугарскиот империјализам, бугарскиот монархизам, бугарскиот фашизам и, пред сѐ, бандата на Ванчо Михајлов“, пишува Георги Димитров во писмо од 1934 година
Израснав со приказните за моите предци, кои директно учествувале во борбата на македонскиот народ за самостојност, за сопствена држава, за независна Македонија. Ќе ви раскажам една од нив. Семејството на татко ми е од селото Лешко, Благоевградско, во Горна Џумаја, Пиринска Македонија. Сите се декларирале како Македонци. По дедо Деспод Таушански, во Делчево (тогашно Царево Село), каде што подоцна се преселил со семејството, и денес постои Таушанско Маало, а во полето има и еден Десподов Дол. Тој бил член на дружината на Јане Сандански и учествувал во киднапирањето и чувањето на американската протестантска мисионерка мис Елен Марија Стон, попозната како Мис Стон, и на нејзината придружничка Катерина Цилка, што се случило на 3 септември 1901 година.
Додека Мис Стон патувала низ Македонија со придружба од петнаесетина луѓе, некаде помеѓу Разлог и Горна Џумаја, во месноста Предел, Пиринска Македонија, денешна Бугарија, комитите ги ослободиле луѓето од придружбата, а ги заробиле само неа и нејзината придружничка Катерина Цилка. Тие шест месеци биле задржани од комитите и криени од Турците на Малешевските Планини и на Пирин Планина. Биле ослободени на 23 февруари 1902 година, со откуп од 14.500 турски лири во злато, со кои македонските револуционери купиле оружје. Мис Стон била задоволна од односот на комитите и народот кон неа, па подоцна за тоа кажувала и во интервјуа за американските весници.
Кога жените се селеле од едно село во друго, неколкупати дедо Деспод го носел во рака и бебето на Катерина, родено меѓу комитите. Во некои документи се вели дека тоа се случило во селото Ратево. На Катерина при породувањето ѝ помогнала баба Миропа, за што таа, со писмо што го испратила од САД, специјално ѝ се заблагодарила, бидејќи се случило во многу тешки услови.
Секогаш кога го гледам македонскиот филм „Мис Стон“, снимен во 1958 година, кој фала богу сѐ уште не е забранет на нашите телевизии, си спомнувам за дедо Деспод и за сите храбри Македонци што не жалејќи го својот живот се бореле за светите идеали. Можеби некој ќе рече доста со патетика, ова е друго време на компјутери и на глобализација, но секој има право да знае од каде е, каде припаѓа и кои се неговите корени.
Татко ми раскажуваше дека во една пригода врховистичката дружина на некој војвода Гошир, која исто така дејствувала во Горна Џумаја, тогашна Бугарија, ги уапсила дедо Деспод и неговиот чичко, кого пред неговите очи го погубиле. Деспод бил толку присебен, што за да преживее рекол дека сака да зборува насамо со Гошир. За чудо, му дозволиле, а тој рекол дека всушност е од нивната страна и само го уфрлиле во дружината за да дознае какви се плановите на централистите. Му поверувале и го пуштиле.
Се вратил дома, каде што сите плачеле и за чичко му и за него, верувајќи дека е мртов. Ете, тоа бил неговиот реципроцитет, во желбата да преживее се спасил со итрина. И понатаму бестрашно одел низ Пирин Планина со Јане Сандански и со своите другари, со комитите, бидејќи, како што велел, ако требало да се загине за Македонија, сакал тоа да биде во борба.
А поделбите што од памтивек се присутни меѓу Македонците, порано ете на централисти и врховисти, на бугарофили, србомани и гркомани, сега повторно се вратија на политичката сцена.
Големиот Јане Сандански токму за овој проблем при средбата со врховистите во Серско истакнал: „Ние сакаме Македонија да биде автономна, независна, слободна, Македонија на Македонците. Вие ја сакате слободата на Македонија како средство, како етапа за идно завојување и присоединување, а кај нас слободата, автономијата на Македонија е легална во основа како цел. Ете каде е големата разлика меѓу нас. Врховистите отсекогаш биле луѓе на бугарската влада и на Фердинанд, тие не се бореле за самостојна и независна Македонија, туку за бугарска Македонија“.
Петар Поп Арсов, еден од основоположниците на македонската револуционерна организација, велел дека борбата против врховистите требало да биде многу порешителна: „Ние имаме голема одговорност пред историјата, оти не бевме решителни за една храбра борба против врховизмот, ами се маткавме во една магливост, без една прецизна и строго определена принципиелна тактика во однос на нашите национални интереси, па дојде до оваа катастрофа, до поделбата на Македонија“.
И Георги Димитров, Македонец по потекло, премиер на Бугарија од 1946 до 1949 и прв човек на Коминтерната од 1935 до 1945 година, жестоко ги осудувал злоделата на Ванчо Михајлов и на неговите банди.
„Јас се чувствувам нераскинливо поврзан со судбината на македонскиот народ и како бугарски пролетерски револуционер и како син на семејство што потекнува од Разлог – долината на историското Илинденско востание. Македонското движење има многу непријатели, меѓутоа најопасниот негов внатрешен непријател се агентите на бугарскиот империјализам, бугарскиот монархизам, бугарскиот фашизам и, пред сѐ, бандата на Ванчо Михајлов. Не може да има успешна борба против националното угнетување, за ослободување на македонскиот народ без конечно изолирање на македонските маси од таа опасна банда на Ванчо Михајлов, без целосното елиминирање на нејзината јудинска улога во македонското движење и во внатрешниот живот на Бугарија. Само единствената револуционерна борба на македонскиот народ во најтесен сојуз со работниците и селаните во Бугарија, Југославија и Грција може да доведе до победа на македонската ослободителна револуција“, напишал Георги Димитров во писмо од 1934 година.
Но што и да велат денешните душегрижници и домашни продадени души, Пирин Планина ќе остане симбол на македонскиот непокор. Таму и каменот има душа, а песните народни македонски сѐ уште раскажуваат за храброста на нашите предци.
Блаже Конески велеше јазикот е нашата татковина, а Македонија е секаде каде што се зборува на македонски јазик, колку и да сака некој да го негира тоа.
Македонија е и во Горна Џумаја, Благоевградско, од каде што потекнуваат татко ми, дедо ми, прадедо ми, Македонци од Пиринска Македонија со кои се гордеам. Но македонски се зборува и во Еленово, Бело Поле, Разлог, Петрич, Старчево, Димидово, Банско, Неврокоп, Свети Врач, Кресна, Рожен, Мелник… како и во Егејска Македонија и во Мала Преспа..
И по сѐ што се случувало и што ни се случува, зборот реципроцитет, кој денес често се употребува за некаква (не)соработка меѓу македонската и бугарската страна, звучи смешно, но истовремено и тажно.
„Каков е тој реципроцитет, европски вредности и договор за пријателство кога Бугарија може да се меша во внатрешните работи на Македонија, да налага уставни промени и да диктира малцински права, а Македонија мора да молчи и да ги игнорира правата на македонското малцинство во Бугарија, кои сѐ де факто и де јуре прекршени“, се прашуваат Македонците, но, за жал, не сите.
За големиот проблем на малата Македонија пишуваат и медиумите во регионот, па, така, неодамна хрватски „Вечерњи лист“ објави статија во која, меѓу другото, се вели: „Македонија испи многу пелин, српски, албански, грчки, но бугарскиот е најгорчлив. Никако да постигне политичка стабилност каква што имаат другите бивши југословенски републики, константно е во позиција на нерешена приказна…“.
Но има критични текстови и од бугарски интелектуалци, а во еден од нив, оној на Ивајло Дичев, кој го објави „Дојче веле“, пишува: „Нема ништо поразорно од понижувањето – всушност, главното нешто што ги навредува нашите соседи е асиметријата во предложениот договор – Бугарите наредуваат, тие извршуваат“.
Денес во светот не постои ниеден народ, освен македонскиот, кој е подготвен да прима лекции од странство и слепо да ги извршува. Како да се врати времето од пред 120 години, кога Македонците беа изложени на поделби, манипулации, уцени, но над сѐ желба за обезличување, на газење на сѐ што е свето.
Доказ за тоа е и неодамнешното демолирање на неодамна поставениот споменик на Григор Прличев во Охрид, што се случи непосредно по регистрацијата на бугарското здружение „Цар Борис“ во овој град. Претходно беше регистриран и наводно културен дом „Ванчо Михајлов“ во Битола, а наскоро, според најавите, во Богданци ќе се формира и здружението „Цар Фердинанд“. Што се случува со нашата земја, зарем тука, на ова слободарско парче земја, ќе се повампирува нацизмот?
А токму Григор Прличев рекол. „Меѓу народа ќе сејат несогласје и раздори, да се мрази син со татка и брат со брата“…
И навистина не сакав овој текст да биде патетичен, па, нели, ова е свет на компјутери и глобализација или…?