Радикалните напади врз познати уметнички дела низ европските музеи ја отворија дилемата дали воопшто на ваков начин може да се придонесе кон посериозен третман на горливите еколошки прашања и катастрофи со разурнувачка моќ, дали ќе почнеме повеќе да го вреднуваме човечкиот живот (повеќе од едно уметничко дело, како што сакаат да порачаат активистите), или (тезата што веројатно на многумина им е поблиска) тука станува збор за мерење немерливи работи, споредување на неспоредливото
По полевањето на Вангоговите „Сончогледи“ со супа од домати, сликата што беше прва цел на климатските активисти, второ на нишан беше делото „Стогови сено“ на Клод Моне, изложено во германскиот музеј „Барберини“ во Постдам. Активистите овој пат ја испрскаа сликата со пире од компири, за да предупредат на драматичните климатски промени. Деновиве се случи уште еден од серијата напади низ европските музеи. Италијанските активисти за заштита на животната средина фрлија чорба од грашок врз сликата „Сејачот“ на Винсент ван Гог на изложба во Рим, а потоа се залепија за ѕидот со лепило.
Целта за овие инциденти, според активистите, е да го потсетат општеството дека трката по фосилни горива и глобалното затоплување сите нѐ убива. Објавените видеоснимки од својот протестен чин ја носат следната порака – зарем треба да се фрли пире за да нѐ сослушате, оваа слика нема да вреди ако мораме да се убиваме за храна!
Иако полеаните слики со храна беа заштитени со стакло и не претрпеа оштетувања, дилемата е дали ваквите радикални акции воопшто може да придонесат кон посериозен третман на горливите еколошки прашања и катастрофи со разурнувачка моќ, дали ќе почнеме повеќе да го вреднуваме човечкиот живот (повеќе од едно уметничко дело, како што сакаат да порачаат активистите), или (тезата што веројатно на многумина им е поблиска) тука станува збор за мерење немерливи работи, споредување на неспоредливото. Ми се чини дека ваквите акции, можеби засега без трајни последици, во иднина можат да бидат поттик некој некаде и вистински да уништи уметничко ремек-дело, а сепак тоа ништо битно да не промени – секојдневното уништување на човечките животи ќе продолжи, секако. Овие акции се класичен чин на спектакл, сензација, комплетно неоправдан и без никаков ефект. Има милион други начини да се привлече вниманието врз глобалните проблеми, но овој сигурно не е еден од нив! Ваквото варварство (според поддржувачите тоа е „само еден кечап“ врз уметничко дело!) е неоправдано, затоа што какво и да е, варварството води кон деструкција.
Вистина е дека цели популации на растителниот и животинскиот свет исчезнуваат поради тековниот екоцид. Драматичните климатски промени – суша, пожари, поплави – станаа наша секојдневна реалност и тие продолжуваат да се влошуваат. Сите треба да бидеме повеќе вознемирени од ова и тоа е неспорно, ама ваквата форма на активизам освен што привлекува внимание, не дава никакви резултати. Доколку овој активизам е насочен кон конкретна цел, која е изворот на проблемот, наместо кон едно уметничко дело, кое на никаков начин не е поврзано со овие барања, можеби сето ова и ќе имаше некаква смисла. Затоа не го поддржувам ваквиот начин на водење на борбата против уништувањето на животната средина. За мене вистински пример на таа борба беше едно сиромашно семејство во Тајланд, сосема случајно го сретнав, кое спаси слон, го чуваше и едвај составуваше крај со крај да го прехрани. Го шетаа на плажа и собираа ситни прилози за да купат банани да го прехранат. Инаку, слонот живееше слободно, во природна околина, без пранги и не го дресираа за атракција, како што е таму случај со поголемиот број на овие животни. И никој не знаеше за ова прекрасно семејство и за „нивниот“ слон. Ни медиумите, ни јавноста… Доста е од симболични чинови што немаат реален ефект, освен да привлечат медиумско внимание. Се воодушевувам само на вистински подвизи, па дури тоа да е спасување еден слон некаде таму на некоја тајландска плажа.