Има многу причини за таквиот неодговорен однос кон природата и кон животната средина. Неукоста на граѓаните е само видливата санта мраз во целиот проблем. Апелите од надлежните за тоа дека зад себе не треба да се остава смет не помагаат и воопшто не допираат до повеќето. Потребна е едукација од мали нозе, дома, во училиштата, потребно е издигање на екосвеста, па и на личната култура. Локалната власт, еколошките друштва и екоорганизациите исто така мора многу повеќе да се ангажираат, бидејќи не се доволни само декларативни заложби, туку треба да се дејствува и суштински ако сакаме да ги зачуваме животната средина и природата
Првомајскиот, традиционално студен празничен викенд ја донесе истата слика на излетничките места во околината на Скопје, но и речиси насекаде низ Македонија, зачадени скари, гласна музика, весели друштва и расфрлан смет наоколу. Оваа практика постојано се повторува, небаре природата сама ќе се справи со насилството што се врши над неа. Таа некако и се справува, но прашањето е до кога, бидејќи тоа насилство не само што не се намалува туку и се зголемува. Комуналците допрва ќе ги објават податоците колку тони отпад собрале од рекреативните центри покрај реките, езерата и на планините, но бројките сигурно ќе се мерат во десетици тони. Празните ќесиња со отпад им се тешки за враќање, а полните со намирници што ги влечкаат дотаму, не. Малкумина најлонските ќесиња ги носат и ги фрлаат во најблиските контејнери, а камоли, ако тие се преполни, да ги вратат назад со себе!
Факт е дека еколошката свест кај граѓаните за чување на животната средина е на доста ниско ниво и оти на таа проблематика ќе треба многу да се поработи. Насекаде околу нас, буквално на секоја празна лединка има понекоја дива депонија. Ги има на падините на Водно, на Скопска Црна Гора, по течението на Треска и на Маркова Река, за Вардар да не говориме.
А природата постојано нè потсетува и нè опоменува дека треба да внимаваме на неа и оти ќе ни возврати со иста мера. Наместо да ја чуваме и да ја негуваме, ние (повеќето) ја загадуваме, понекогаш и намерно, којзнае од какви побуди. Има многу причини за таквиот неодговорен однос кон природата и кон животната средина. Неукоста на граѓаните е само видливата санта мраз во целиот проблем. Апелите од надлежните за тоа дека зад себе не треба да се остава смет не помагаат и воопшто не допираат до повеќето. Потребна е едукација од мали нозе, дома, во училиштата, потребно е подигање на екосвеста, па и на личната култура. Локалната власт, еколошките друштва и екоорганизациите исто така мора многу повеќе да се ангажираат, бидејќи не се доволни само декларативни заложби, туку треба да се дејствува и суштински ако сакаме да ги зачуваме животната средина и природата. Загадувањата во Скопје, посебно наесен и во зима се посебна приказна и тема, но и неизбежна за спомнување, бидејќи станува збор за „убивање“ на чистиот воздух преку согорување којзнае каков отпад, за што сведочат и мерењата, според кои, главниот град е меѓу најзагадените во Европа и во светот.
Неразумното сечење на шумите, соголувањето цели планини, преградувањето на малите реки за изградба на мини-хидроцентрали исто така се голем, засега (не)решлив проблем, затоа што никој како да не сака да го реши. Едноставно станува збор за пари, за брза заработка, но и за долготрајна загуба што ќе ја платиме сите ние со уште повеќе пари и со уништени природни богатства.
Свежи се сеќавањата за катастрофалната поплава во Скопје и околината во август 2016 г., која предизвика големи материјални штети и во која имаше и човечки жртви. Една година порано нешто слично му се случи и на Тетово.
Прашањето што се поставува е дали можеше да се избегнат вакви катастрофи, односно да се намалат последиците. Одговорот е не, имајќи ја на ум нашата севкупна негрижа кон природата, која ни враќа за безобѕирното однесување и за злоупотребата. И ретко кој го признава својот дел од вината. Тетовци и тогаш и сега фрлаат цврст отпад во реката, а надлежните нередовно го чистат коритото на Пена и на помалите реки. На падините на Скопска Црна Гора неконтролираната сеча на дрвјата подолг период направи пустош, па големата вода при обилните врнежи, без каква било природна заштита, заврши во блиските села.
Неодамна и заедничката акција на нуркачи од Македонија, Хрватска и од Србија покажа колку е загадено Охридско Езеро, од чие дно беа извадени купишта отпад. Трагична е состојбата и со Преспанско Езеро, кое не само што исчезнува пред нашите очи туку се загадува со пестициди, кои се влеваат преку подземните води, уништувајќи го сиот жив свет.
Изливањето на водата од каналите во околината на Скопје, но и во другите делови од земјата, особено во Прилепско и во Битолско, при поголеми дождови е редовна појава. Причините најчесто се нечистите канали, во кои се фрла сè и сешто. И ретко, или никогаш не извлекуваме поуки, туку постојано вината си ја префрламе од еден на друг. Едноставно, како да научивме да се давиме во отпад, надвор во природа, на улица, насекаде, во очекување надлежните да си ја завршат работата за која ги плаќаме. Но дури и без тоа, клучно е ние како граѓани да сфатиме дека имаме одговорност да ја чуваме природата, оти во спротивно, таа ќе возврати на начин што најмалку го очекуваме.