Министерот за образование Јетон Шаќири деновиве пронајде „уникатна формула“ за детектирање и валоризирање на грешките во учебниците според веќе добро познатиот метод на „правична“ процентуална застапеност. Така, според оваа негова „формула“, прагот на грешки, или народски кажано лаги во некој учебник, е дефиниран на над 30 проценти. Министерот сега може да го патентира овој свој нов изум и да го приложи и за Гинис. Но само ако таму постои графа за најголеми светски небулози
Во животот постои една движечка максима секогаш да се стремите кон повеќе и подобро. Пред сѐ во смисла на човечко и професионално надградување, напредување, стекнување на нови знаења и вештини, но истовремено и воспоставување некаква посакувана психофизичка урамнотеженост и духовен мир. И тоа е добро и пожелно. Секој треба да се стреми кон повеќе и подобро. Почнувајќи од себе, со постојана надградба на сопствената личност, па потоа и кон се друго. За жал, во Македонија како да стана вообичаена пракса, на која веќе се навикнавме, секогаш да го добиваме токму спротивното. На граѓаните постојано да им се нуди и помалку и полошо, и тоа се претставува како некаква вообичаена норма на живеење. Без разлика дали станува збор за политичката сцена, образовниот систем, правосудството, економијата…, едноставно во сите сегменти се нуди и помалку и полошо.
Преголемата партизација, клиентелизмот, отсуството на мериторни системи за вреднување на знаењето, како и немањето контролни механизми за постојана проверка на (не)сработеното го направија своето. Затоа непријатни изненадувања и шокови ни се случуваат речиси секојдневно, при што секое следно е потрауматично и поапсурдно од претходното.
Најнов апсурд без преседан е небулозниот политички обид на министерот за образование за процентуално дефинирање на лагата како некаква меродавна вредносна категорија. Да слушаш и да не веруваш. Па зарем и ова е можно? Дали нашиве политички „големци“ се слушаат што говорат? Или барем тие што се до нив да им кажат, да подзастанат малку, да земат здив, да стават прст на чело. Но нејсе. Да се вратам на поентата и поводот за овој текст.
Деновиве историчарите и стручната јавност беа згрозени од многубројните грешки и погрешни содржини во новиот учебник по историја и општество за петто одделение. Сите се едногласни дека учебникот изобилува со погрешни информации и неосновани констатации и дека таков каков што е ќе нанесе непроценлива штета за образовниот процес и за учениците.
Без да навлегуваме во детали во однос на грешките, кои ги има премногу, доволно е само да се спомене дека во учебникот воопшто не се користи зборот Македонија, а придавката македонски е употребена само на четири места. Како да е пишуван или диктиран од некој друг центар и наменет за некои други необразовни цели. По бурните и сосема оправдани реакции на стручната јавност и на историчарите во однос на сите погрешни факти, или народски кажано многубројните лаги во овој учебник, се огласи и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, инаку кадар на ДУИ. Притоа тој најави дека до второто полугодие ќе има решение за учебникот по Историја и општество за петто одделение. И внимавајте, сега следува „бисерот“, „откритието на векот“.
Еурека извикал Шаќири пресреќен што пронашол решенија како да се надмине проблемот со грешките во учебникот. А решението да ти било во „магичната формула“ наречена 30 проценти. Ако се утврдело дека грешките во учебникот се повеќе од 30 проценти, Министерството ќе заземело став? Значи прагот на толеранција е над 30 проценти грешки, лаги и небулози. Сѐ што е до 30 проценти е дозволено?! Еве, да речеме може да има 29 проценти грешки и тоа ќе биде во ред?! Иако останува нејасно како ќе се пресметуваат и изразуваат овие грешки во проценти. Еве, на пример, ако се промаши цела една ера, или се изоставени зборот Македонија и придавката македонски, или е претставена некоја погрешна мапа – колку проценти носи тоа? Влегуваат ли овие грешки во прагот на толеранција до 30 отсто или го надминуваат истиот тој?! Шаќири сигурно знае и ќе чекаме да каже во второто полугодие.
Како и да е, со оваа негова „логика“ добивме нова политичка дефиниција за таканаречена „правична“ процентуална застапеност на лагата во образованието?! Таа, според изјавите на министерот, би изнесувала 30 проценти. Министерот може да го патентира овој свој нов изум и да го приложи и за Гинис. Но само ако постои графа за најголеми светски небулози.
Или можеби Шаќири ги помешал малку бројките и процентите. Мислел на рамковни вработувања и посакувана процентуална застапеност од 30 проценти за членовите од неговата партија. Па потоа овие 30 проценти ги пресликал за учебникот по историја. Е па, министре, не оди тоа така. Погрешна ви е математиката. Вакви процентуални егзибиции не познаваат ниту статистиката, ниту математиката, а уште помалку логиката.
Поигрувањето со историјата и образовниот процес не е дозволено, како што е недозволиво да се трујат и контаминираат децата со неточни и погрешни содржини, со лаги и со политички манипулации. Своевремено Сигмунд Фројд, таткото на психологијата и психијатријата, има кажано дека детето е татко на човештвото. Но какви деца ќе произлезат од образовен систем во кој третина од содржините во некој учебник се неточни и погрешни? Каква иднина ќе има тоа македонско општество со така индоктринирани и погрешно насочени млади генерации?
Имаат ли иднина образовен систем и општество каде што прагот на толеранција за направени грешки е над 30 проценти? Па каде го има тоа? Секаде стандардно или маргинално отстапување, или таканаречена статистичка грешка може да биде еден-два проценти, па дури и тоа е многу. Во образовниот процес не се дозволени никакви грешки. Лаги и манипулации уште помалку.
Но ова е само уште една потврда дека алармот е вклучен, чашата е веќе прелеана и дека граѓаните и јавноста повеќе немаат намера да ги толерираат незнаењето, произволноста и самоволието на политичарите и функционерите. Зашто на крајот на краиштата од тоа страдаме сите и последиците ги трпи целата држава. Претходно веќе споменав дека целиот овој јавашлак е поради преголемата партизација, клиентелизмот, отсуството на мериторни системи за вреднување на знаењето, како и немањето контролни механизми за постојана проверка на (не)сработеното. Токму ова последното треба да ни биде и патоказ за излез од тунелот. Да се воспостават сосема нови вредносни системи, според кои, на функција ќе се доаѓа само со знаење и квалитет, а паралелно со тоа да функционираат и регулаторни и контролни механизми, институциите и инструментариумот на државата. Само така ќе се воведе ред во владеењето, ќе се воспостави ред во државата и ќе можеме да ги превенираме и да се бориме против сите негативни појави, каде и да се појават.