Ако за закочувањето на добивањето датум за преговори со Европската Унија вината можеме да ја припишеме на бугарското вето, тогаш причините за застојот на реформите во сите сфери на македонското општество треба да ги побараме исклучиво во нашиот двор, односно во неподготвеноста на претставниците на власта и на опозицијата да изнајдат заеднички решенија за клучните проблеми што во овој момент ги засегаат сите граѓани во Македонија
Минатата недела македонската јавност беше преокупирана со неколку настани, кои јасно ни покажуваат зошто нашата држава долго стои во место кога станува збор за непроменетите позиции на внатрешен и на надворешен план. Ако за закочувањето на добивањето датум за преговори со Европската Унија вината можеме да ја припишеме на бугарското вето, тогаш причините за застојот на реформите во сите сфери на македонското општество треба да ги побараме исклучиво во нашиот двор, односно во неподготвеноста на претставниците на власта и на опозицијата да изнајдат заеднички решенија за клучните проблеми што во овој момент ги засегаат сите граѓани во Македонија. Изминатите денови бевме сведоци на многу чудни потези кај македонските политички партии, со цел да се стекнат ситни политички поени.
За домашната јавност е навистина чудно и збунувачки зошто повеќе од четири години Македонија нема пратено свој амбасадор во САД, која е наш стратегиски партнер. Зарем стратегиското партнерство со една од најмоќните и највлијателни држави во светот се гради со таков, во најмала рака, несериозен однос и без свој дипломатски претставник. Настрана и редицата гафови и пропусти изминатиов период околу предлагањата и испраќањата дипломатски претставници на други нивоа, кои немаат ниту искуство ниту знаење за некоја таква висока и одговорна позиција. На Македонија ѝ треба репрезентативна листа дипломати, кои ќе треба да ги бранат позициите на нашата држава, во најпресудниот период кога се води најголемата надворешна битка за зачувување на македонскиот идентитет и јазик во спорот со Бугарија. И досега нашата надворешна дипломатија, која долги години е „десеткувана“ поради непополнување на испразнетите амбасадорски места, не успеваше да се справи со сите предизвици. Речиси четири години, Македонија нема свој амбасадор во САД, со што покажува сигнали на крајно небрежен однос кон својот стратегиски партнер и се става во позиција да не може во целосен обем да ги користи придобивките што ги носат ваквите специјални врски, особено кога станува збор за партнерство со најмоќната држава во светот. САД како стратегиски партнер на земјава имаат многу понеутрален пристап и се водат првенствeно од своите стратегиски интереси, во кои членството на Македонија во ЕУ е јасно поставено.
Па затоа, и сопките и пречките што се ставаат меѓу главните политички ривали во земјата се бесмислени и на штета токму на македонските надворешнополитички интереси.
Состојбата е уште понеповолна, ако се знае дека Македонија со години има повеќе испразнети амбасадорски места и во други земји, само поради разни политички игри и надмудрувања меѓу партиите. Па затоа, водењето на нашата надворешна политика им се препушта на поединци што се обидуваат да „солираат“ во преговорите со Бугарија, што се покажа и катастрофално со изразување подготвеност за правење отстапки од македонска страна, без притоа да се добијат гаранции од Софија околу признавањето на посебноста на македонскиот народ. За тоа колку Бугарија е (не)подготвена да отстапи од своите „националистички“ позиции покажува и последната анкета за јавното мислење, во која вкупно 31 отсто од бугарските граѓани го поддржуваат најавениот нов, „пофлексибилен“ пристап во преговорите со Македонија.
Во групата на чудни и необични партиски надмудрувања е и блокирањето на работата на собраниската Комисија за образование, наука и спорт, која беше прекината по петтото продолжение! Граѓаните што ги видоа веќе подзаборавените слики од „опсадите“ на пратеници на собраниските говорници не може да разберат за што, всушност, спорат пратениците од власта и од опозицијата. Како што беше пренесено од медиумите, проблемот бил околу неизгласување на дневен ред за седница на комисијата, која била закажана на 17 јуни 2021 година!? Уште некој месец, па ќе одбележат и едногодишен јубилеј од закажувањето на седницата. Тоа ли е израз на продуктивност и на работата на народните избраници, кои патем земаат и максимална плата за нивната (не)работа? Речиси една година да не може да се договори дневен ред за седница? А граѓаните од нив очекуваат максимално залагање, продуктивна работа и носење квалитетни решенија за доброто на сите.
Од осамостојувањето на државата, главните политички фактори не успеаја да воспостават ефикасен политички дијалог, во кој преку изнесување аргументи ќе се градат заеднички прифатливи решенија, кои ќе придонесат за градење функционални институции. Од меѓународната заедница и во извештаите на Европската комисија постојано ни се укажува на ниското ниво на меѓупартискиот дијалог. Неподготвеноста за конструктивен разговор меѓу власта и опозицијата ѝ нанесува сериозна штета на Македонија
Во оваа нелогична серија меѓупартиски дебати и расправии се и недоразбирањата или повеќе отсуството на политичка волја за изнаоѓање решенија и околу изборот на судии што ќе ги пополнат испразнетите места во Уставниот суд, кој не ќе може полноправно да одлучува по иницијативите доставени до нив.
Од осамостојувањето на државата, главните политички фактори не успеаја да воспостават ефикасен политички дијалог, во кој преку изнесување аргументи ќе се градат заеднички прифатливи решенија, кои ќе придонесат за градење функционални институции. Од меѓународната заедница и во извештаите на Европската комисија постојано ни се укажува на ниското ниво на меѓупартискиот дијалог. Неподготвенсота за конструктивен разговор меѓу власта и опозицијата ѝ нанесува сериозна штета на Македонија. Пораките за одговорно и разумно однесување, кои се упатуваат и од различните политички групации, брзо се губат во пренагласената желба за наметнување на сопствените ставови. Последиците од ваквото неодговорно однесување на политичарите ги чувствуваат најмногу граѓаните, кои се „исклучуваат“ од директните преноси од собраниските сали, кои одамна се претворија во јавни сцени за упатување меѓусебни навреди меѓу пратениците, без да се води сметка за сериозниот момент во кој се наоѓа државата на домашен и на надворешен план.