Македонското малцинство: европско Јети?

И покрај сѐ што ни се случува/ше, ум не ни доаѓа. Навистина ми е тешко да ги разберам оние што се чудат и жалат што Европа (мислејќи притоа на ЕУ) не се вознемирувала и реагирала на она што им се случува на припадниците на македонското малцинство во соседните земји. Искрено веруваат дека она што е напишано во основачките договори и во Европската повелба на фундаменталните права постои во стварноста. Настрана што ги мешаат правните акти/конвенции на Советот на Европа (посебна меѓународна организација) и тие на ЕУ, верувајќи во зашеќерена бајка за постоење на зона на мир, благосостојба и гарантирани права. Како некој што долги години предава за институционалната архитектура на ЕУ, можам да заклучам (како и многу други западни колеги) дека Унијата е претежно корпоративен ентитет, сочинет од држави ама воден од крупниот капитал. Малцинските права не се дел на она што се вика acquies communitaire, т.е. оваа материја е во исклучива надлежност и регулатива на државите-членки. Заштитата на малцинските права е во надлежност на државите, а ЕУ нема сопствена надлежност да развие единствена политика во делот на заштитата на малцинствата. Повелбата (која стапи во сила во 2009 г.) се применува исклучиво на институциите и телата на ЕУ, а на државите-членки само тогаш кога треба да го применат европското право.
ЕУ и натаму е повеќе фокусирана на т.н. четири слободи (слобода на движење на добра, капитал, услуги и луѓе), кои се основа за единствениот европски пазар, отколку на состојбата на индивидуалните и колективните права. Лисабонскиот договор создаде барем декларативно правна основа за малцинските права, но повеќе како јакнење на политиката на проширување и надоврзување на Копенхашките критериуми отколку самообврзувачка и европска норма, која би била задолжителна внатре, за сите држави. Не е за отфрлање да се разбере дека клучните меѓународноправни инструменти за заштита на малцинските права се оние на Советот на Европа и на ОБСЕ, а не на ЕУ.

Потоа, го имате примерот на Франција, една од четирите членки на Советот на Европа, која ја нема ратификувано Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (покрај Андора, Монако и Турција, но не треба да се заборави и дека Исланд, Белгија, Луксембург и Грција се потписнички што ја немаат ратификувано истата таа). Париз вложи целосна резерва во однос на членот 27 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права на ООН (кој се однесува на заштитата на различните малцински групи), а оттука и си води сопствена внатрешна политика. Изговорот е дека Републиката се држи до принципот на „единствен идентитет“, со што фактички се кажува дека во Франција не постојат малцинства. Дури и државите што се потписнички на сите меѓународни акти (балтичките држави се веројатно најдобра илустрација) имаат неславни резултати во однос на заштитата на малцинствата. Проблемот е што Рамковната конвенција е доволно „флексибилна“ за секој да си ја толкува како сака, а единствена дефиниција за малцинства не постои. Оттука брзината со која е таа ратификувана. Да скратам, наводното воведување грижа за малцинствата во ЕУ се однесува или на европските институции и уште повеќе кон надвор, кон земјите што треба да станат членки, но не и кон оние што се веќе внатре и се суверени во оваа област. На многу примери е евидентиран пад на статусот на човековите и малцинските права по влезот во ЕУ, т.е. откако ќе престанат надгледувањето и условувањето. ЕУ не сака себеси да се гледа во огледалото и да ги применува на себе стандардите што ги очекува од трети држави (дури и кога не бараат членство).
Жал ми е што е така, ама Маричиќ и Бујар се во право: почнувајќи од првата амандманска измена на Уставот (само два месеца по неговото усвојување во ноември 1991), па сѐ до преспанските амандмани од 2019 г., Македонија континуирано прави две работи, одново и одново (последниот пат беше дипломатската нота што ја прати премиерот чие име уште не можам да го запомнам): прво, се колне дека нема да ги нападне соседите (им го гарантира демек територијалниот интегритет и внатрешниот поредок) и, второ, се откажува од каква било грижа или свест за постоење македонско малцинство. За да го бетонира тој став, по сила на еден од преспанските амандмани беше поништен амандманот од 1992 година. Затоа сето повикување на меѓународните стандарди, на „вредностите“ на ЕУ, вербална „одбрана“ на нашите во соседните држави, се бесполезни. Проблемот е во послушничката и безрбетна политика на сите влади по ред. Фактички, ние се одрековме и од себе самите овде, а потоа и од нив таму. (За волја на вистината, некои нашинци не се вознемирија многу ни за себе ни за нас, па Воскопулос го поздрави Преспанскиот како чекор кон ЕУ.

Секоја чест на исклучоците…) Нашинците во Бугарија се можеби „последните борбени Мохиканци“, но како што слушам луѓето стареат, се изморија, младите бегаат во потрага по подобар живот. Прашањето е сепак: што правиме ние за самите себе? Прашањето е во духот на Гоцевата мисла дека ослободувањето на еден народ (од ропскиот дух) е пред сѐ негово сопствено дело.
Иако сум ја знаела историјата на мојот народ, сум учела за Букурешкиот договор, за нашата „замислена татковина“ (Вардар, Егеј и Пирин), која впрочем беше вградена и во АСНОМ и во химната, никогаш тие околу мене не сум ги гледала низ призмата на нивната семејна историја или географска припадност. Сите тие биле мои сограѓани и не сум размислувала за слоевитоста на тој наш идентитет. Откако почнаа непрестано да нѐ притискаат од сите страни, а секој од нас реагираше емотивно, од срце, тогаш на површина испливаа трагичните стории на моите колеги, пријатели, блиски. Ние, Македонците во оваа Македонија (како и да ја наречат) сме мозаикот на онаа „замислена Македонија“, бидејќи нѐ има од сите краишта. Приказните за мајките со ситни дечиња што бегале од Грција по Балканските војни или Граѓанската војна, или на оние што имаат први роднини во Бугарија, а кои бегале од качаците од западна Македонија, заедно со тие од Пирин, кои лежеле по зандани – сето тоа ја сочинува личната ама и колективната меморија на овој народ овде и тука. Тој не е „замислен“ – иако е замолчен. Не можете со декрет или амандмани некому да му го пресечете крвотокот, артеријата што води до покојниот родител или дедо што лежи во Егејска или Пиринска Македонија, за да сме влезеле во ЕУ! Не оди тоа така. Јас, која се сметам за „вардарска Македонка“ (од Галичник и од Дебар, по таткова линија, и кавадаречка, по мајчина), не можам, а да не сочувствувам со саканите и блиските, кои носат лузни од пред само една генерација. Тие луѓе ги знам, нивните болки и кога се потиснати клукаат непрестајно. Кога неодамна дознав дека мој студент од прва година е внук на еден од најистакнатите борци за правата на Македонците во Бугарија се запрашав: којзнае колкумина од нив, од сите изминати (40) академски генерации носеле такво или слично бреме или гордост од своите предци? Слепи за фактот дека оваа Македонија е сѐ што имаме, сега и „Вардарците“ (арогантни и толку убедени дека се свои на своето, а другите се „дојденци“ – како што безобразно ми се обрати газда Трифун во една преспанска колумна) станаа малцинство во сопствената држава. Оваа држава стана земја на малцинства без број (ред се редат, мале).

Нека не ве лажат со различноста на уставното уредување на Бугарија, кое не дозволувало внесување на македонско малцинство. Бугарскиот устав е не само устав за етнички/национално хомогена држава туку и на нехибридна парламентарна демократија. Прочитајте го и ќе видите хомогена, но исплашена држава, држава со нечиста совест и со влажни историски соништа (од Сан Стефано). Слично е и со грчкиот. Хрватскиот уставен систем ги признава Македонците што живеат таму за национално малцинство и може ќе остане раритет како што само во нашиот устав се спомнати Ромите (но, Хрватите во преамбулата надолго и нашироко си ја раскажале приказната за „тисуќулијетна повијест“, нагласувајќи дека таа е првенствено држава на хрватскиот народ). Нашиве „уставотворци“ не воспоставувале темели, туку разградувале, дел по дел, под притисоци и закани, или нешто друго. Во преамбулата на нашиот устав, го има Македонскиот народ (напишан граматички погрешно со големо М, колку да ни даде лажно чувство на посебност), ама и ДЕЛОВИ на ДРУГИ НАРОДИ! Ние дури и немаме малцинства, туку конституенти во вид на групи и делови на народи – со тоа што некои се поеднакви од другите. Бугарите го сакаат токму тоа. Во таа „македонска салата“, Македонскиот народ е само една од состојките – без која се може! Тоа е салата што трпи секакви зачини, импровизации, па и „монсанто генетски модифицирани“ северномакедонци.

Пред повеќе години, бугарски колега објави статија за македонското малцинство, кое го спореди со Јети. Како тргнало, или ќе нема докази дека некогаш сме постоеле или ќе станеме Јети, таа чудна „северна снежна ѕверка“ од легендите, дури и во оваа земја во која живееме. Ќе речете, пак дијагноза, а решение? Решение има, ама за тоа треба народ. Ни Советот на Европа, ни Европскиот суд за човекови права, ни ОБСЕ, ни ЕУ, ни света ЕУ, нема да се борат за некој што постојано докажува дека е аморфна маса што се приспособува на секој притисок.