Не знам како го видел крајот на светот апостол Јован кога го пишувал последниот дел од Новиот завет, но силните два земјотреси, со јачина од 7,8 и 7,5 степени, кои во понеделникот, на 6 февруари, во раните утрински часови, додека најголемиот број жители беа во длабок сон, ги погодија Турција и Сирија на најдобар начин му покажаа на светот како би изгледал крајот на светот и колку човечкиот род е немоќен и беспомошен против природата. За само нецели две минути земјотресите ги срамнија со земја погодените територии во Турција и Сирија.
Ни најпедантните спасувачки екипи и луѓето од Светската здравствена организација и Црвениот крст, кои се справуваат со последиците од земјотресите и настојуваат што повеќе луѓе да спасат и да ги извлечат од урнатитните, не знаат колку има загинати, повредени или заробени. Точниот број на жртвите во овој момент не го знаат ни официјалните лица, ниту пак хуманитарните организации на Турција и Сирија. Дури и секогаш добро информираниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на прес-конференцијата додека ги објавуваше бројките на загинатите и повредените го „демантираа“ новите информации што стигнуваа за нови жртви. Велат дека ги има илјадници, како во Турција, така и во Сирија.
Засега не се знае точно ни бројот на урнатите згради и објекти. Очевидците јавуваат дека во земјотресите биле урнати десетици илјади згради и цели станбени блокови. Да биде судбината уште пострашна придонесува и лошото време, кое го отежнува спасувањето и ја прави уште потешка судбината на преживеаните, кои се тресат на студот во шатори или импровизирани засолништа.
Снимките и сликите што доаѓаат од Турција и Сирија, најблаго речено, се апокалиптични. Дигиталната технологија, која од сите луѓе направи сниматели и камермани, ни овозможи во живо да гледаме како се уриваат цели станбени блокови, како луѓето паѓаат во несвест за изгубените најмили, како молат за помош, како спасувачите со натчовечки напори ризикувајќи ги своите животи настојуваат да спасат што повеќе луѓе од под урнатините, како загинале цели семејства, спортски екипи, познати спортисти…
Ни луѓето со најтврдо срце и кои се скарани со емоциите не можат да ги гледаат апокалиптичните слики што во секој момент доаѓаат од Турција. Овие денови во Турција и Сирија живите луѓе им завидуваат на мртвите.
Затоа во тоа цунами од лоши и трагични вести, со огромна радост граѓаните на Турција и целиот свет ги поздравија успесите на спасувачите, кои успеаја од под урнатините да извлечат едно мало девојче и тригодишно дете, кое 22 часа било заробено под бетонските блокови на заградата каде што живеело.
По веста за апокалиптичниот земјотрес во Турција и Сирија, светот веднаш се крена на нозе. Земјите низ светот испраќаат специјализирани тимови за да помогнат во спасувачките напори да се извлече човек повеќе. Се испраќа и секаква друга помош, во храна, облека, лекови, санитетски материјали…
Меѓу нив е Македонија, која знаејќи како светот се обедини околу помошта по скопскиот земјотрес, веднаш се организира и се понуди да им помогне на луѓето погодени од земјотресите во Турција и Сирија. Владата на вонредната седница донесе одлука за испраќање не само парична помош, во висина од 100.000 евра, туку и секаква друга помош, а специјализирана екипа од 40 добро обучени спасувачи, со целокупната потребна опрема, веќе се наоѓа во Турција. Меѓу нив се и петмина битолски спасувачи, кои како за земјотресот што ја погоди Албанија, така и сега веднаш доброволно се пријавија да бидат вклучени во експедицијата за спасување на луѓето од Турција. Многу општини одржаа итни седници на советите за да доделат финансиска и друга помош за настраданите од земјотресите.
По земјотресот, светот се обедини да им помогне на Турција и Сирија. Тоа е најдобра потврда дека кога некоја земја е погодена од каква било природна катастрофа, светот знае да заборави на несогласувањата и да се обедини и помогне. Сега, кога ги гледаме овие катаклизмични слики од разурнатите подрачја и кога гледаме како светот се обедини да им помогне на настраданите од Турција и Сирија, само по себе се наметнува прашањето дали не е крајно време како малото девојче, кога беше спасено и праша „каде е мајка ми“: да се запрашаме: „Каде оди светот?“
Се добива впечаток некако како да се навикнавме да живееме во сурова реалност. Две години како статистичка бројка ги третиравме секојдневните жртви од коронавирусот, од кој починаа милиони луѓе. И додека сѐ уште ги чувствуваме последиците од коронавирусот, светот со војната меѓу Русија и Украина влезе во нова авантура, која може да ескалира со нуклеарна војна, по која нема да има ни победени ни победници.
Природата ни покажа како само за миг може да уништи некои земји. Зарем не е доволно што во некои моменти природата со сите свои непредвидливи катастрофи ни кажува што нѐ чека доколку светот не се вразуми.
Сега, кога Турција и светот ги пребројуваат жртвите од катастрофалниот земјотрес, крајно време е светските лидери да се потсетат колку жртви паднаа во Украина. Пред земјотресот во Турција и Сирија исто такви апокалиптични слики гледавме во Украина. Но некако како да се навикнавме на нив, па во последно време жртвите како да не ги бројат, не ги ни спомнуваат.
Затоа, пред да нѐ снајде предвидувањето на апостол Јован од Новиот завет за крајот на светот, крајно време е конечно светот да се вразуми. За почеток да почне да интервенира таму каде што навистина може да влијае. А потоа можеби и природата ќе биде помилостива кон нас.