По првиот училиштен ден …

Веќе со години општ впечаток во јавноста е дека образованието како еден од најважните фундаменти за надградба на една држава е најнесериозно третираниот ресор кај нас. Сите измени, промени, новини, пилот-проекти, стратегии, реформи, идеи на министри, директори или други образовни експерти направија повеќе неред отколку ред во основното, па и во средното образование. Децата станаа предмет на експерименти од различен вид, а наставниците, пак, веќе одамна се луѓе со изгубен статус и почит во државата. Училиштата полека но сигурно станаа објекти во кои повеќе се демонстрираат неквалитет и нестручност во образовниот процес.

Се чини дека 1 септември како ден најсилно ќе им остане врежан во меморијата на првачињата, на најмалите, кои возбудено и во нова облека итаат кон училиштата да го започнат својот училиштен животен пат. Учениците од другите одделенија, пак, поучени од претходно веќе претпоставуваат што ги чека. Со училишниот ранец го носат и товарот да не ги изневерат очекувањата на родителите, но и на наставниците – зашто петки мора да се имаат.

И еве, почна уште една учебна година, која и за учениците и за наставниците носи многу неизвесности. Импровизациите веќе станаа рутина, па, така, сега речиси никој не знае каде и како се спроведуваат реформи, кои од година на година не покажуваат речиси никакви ефекти. Едно е сосема сигурно, некои од учениците нема да имаат учебници веројатно подолг временски период. Ама и тоа не е некоја новина, немаа ниту минатата учебна година.

Над 200 илјади основци и средношколци ќе учат во оваа учебната 2023/2024 година, која, со одлука на Владата, првпат ќе заврши на 17-ти наместо на 10 јуни. Покрај зимскиот, учениците ќе имаат и пролетен распуст, од 29 април до 5 мај 2024 година.
По денешниот старт на учебната година, наставата ќе трае до 29 декември, кога завршува првото полугодие. Од 30 декември учениците ќе бидат на зимски распуст, а второто полугодие од оваа учебна година ќе го почнат на 22 јануари.

Во согласност со концепцијата за основно образование, која етапно се применува од 2020-та, во оваа учебна година по нови наставни програми ќе учат учениците во трето и во шесто одделение и поради тоа се изработуваат нови учебници.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вчера соопшти дека доцнење ќе има само на учебниците за трето и шесто одделение, кои се во фаза на одобрување и очекува да бидат испорачани во текот на септември. Во меѓувреме, на располагање ќе бидат помошни материјали за трето и шесто одделение, кои ги изработило Бирото за развој за образованието, наменети и за учениците и за наставниците, и достапни во електронска форма на веб-страницата на Бирото.

Многу фактори го чинат образовниот процес, но многу малку од тие фактори вложуваат позитивни вибрации за негов развој. Образованието е многу повеќе од дневна доза партиско препукување. Образованието мора да биде деполитизирано, департизирано, зашто, во спротивно, ќе биде инструмент за дезинтеграција и дисквалификација на универзалните општочовечки вредности

Во однос на средното образование, министерот информираше дека само во една година се одобрени 150 учебници, најголем дел во стручното образование, и тие етапно ќе се печатат и доставуваат до учениците во тираж што го пријавуваат самите училишта. Овие учебници се достапни и во електронска форма односно на страницата на Педагошката служба и прикачени на порталот e-ucebnici.mon.gov.mk.

Инаку, со години веќе општ впечаток во јавноста е дека образованието, како најважен столб во една држава, кај нас е најнесериозно третираниот ресор. Сите измени, промени, новини, пилот-проекти, стратегии, реформи, идеи на министри, директори или други образовни експерти направија хаос во основното, па и во средното образование. Децата станаа предмет на експерименти од различен вид, а наставниците, пак, веќе одамна се луѓе со изгубен статус и почит во државата.
Училиштата полека но сигурно станаа објекти во кои повеќе се демонстрираат неквалитет и нестручност во образовниот процес. Затоа на крајот од секоја учебна година имеме задоцнети учебници, необјективно оценети ученици, неписмени ученици, професори што не умеат да изградат авторитет. Како за финиш на целиот процес имаме и поразителни резултати на светско ниво во знаења.
Секако дека во целиот овој процес има и исклучоци, и од една и од друга страна. Секоја чест на нив.

Друг сериозен проблем во столбот на образовниот систем е социјалниот статус на наставниците. Какви резултати да се очекуваат во целиот процес на едукација и воспитување ако наставниот кадар е речиси на работ од егзистенцијата, со најниски плати? Можно ли е квалитетно образование, ако професорската професија станува сѐ помалку атрактивна?

Вистинскиот предизвик е дали за следните генерации воопшто и ќе има наставници ако државата не најде модел како да го вреднува нивниот труд. Дополнително, самата наставничка фела мора да најде сили за ветинг во сопствените редови, за да ги одвои професионалците од партиско-политичките кариеристи.

Многу фактори го чинат образовниот процес, но многу малку од тие фактори вложуваат позитивни вибрации за негов развој.
Образованието е многу повеќе од дневна доза партиско препукување. Образованието мора да биде деполитизирано, департизирано, зашто, во спротивно, ќе биде инструмент за дезинтеграција и дисквалификација на вредности.
А без вредности, нема морален и вредносен раст и развој на едно општество.