Патриотизмот на „дрим тимот“ од една владина канцеларија

Кога вистински и квалитетни луѓе ќе се најдат на клучните места во државата, тогаш можеби работите ќе тргнат во вистинска насока. Тоа значи дека образовниот систем мора итно да се реформира, така што младите генерации ќе се учат да ја сакаат и почитуваат својата татковина, но уште повеќе да веруваат дека нивната земја може да биде рамноправна и со најголемите и најмоќни земји, не мерејќи се според воената или економската сила, туку со интелектуалните капацитети, кои се потврдени во безброј случаи. Потребна е таква млада генерација што ќе верува во себе и во своите способности, која ќе верува во сопствената држава и неизмерно ќе ја сака. Потребни ни се и такви млади политичари, едуцирани, посветени, одговорни, кои ќе работат за доброто на својата земја и на нејзините граѓани, па потоа ќе можат заеднички со својот народ да си дозволат моменти на релаксација и да играат фудбал, но само на местата каде што треба, на спортските игралишта, а не во институциите

Тешко е да се разбуди барем малку надеж во оваа земја во која апатијата целосно го обзема општеството и каде што реткост е да се сретне насмеан човек на улица, а сè почесто можат да се забележат загрижени и намуртени луѓе, на кои прекуглава им е дојдено од играњето држава.
Неодамна заглавив во вообичаениот скопски сообраќаен метеж и додека стоев во колоната автомобили на која не ѝ се гледаа ниту крајот ниту почетокот, решив да направам еден мал експеримент. Имено, сакав да видам дали во автомобилите што ми доаѓаат од спротива ќе забележам расположени луѓе. И да напомнам, беше и 8 Март, Денот на жената, така што ги имаше сите предуслови за убаво расположение. Избројав 30 автомобили и само во еден видов госпоѓа или госпоѓица што беше насмеана. Во другите 29 возила имаше само намуртени, замислени и некако отсутни изрази. Не сум психолог за да извлечам некаков психолошки заклучок зошто е тоа така, но и не треба човек да биде некаков експерт за да сфати што кажува изразот на лицето.
Кога таа перцепција на апатија е сè поприсутна во македонското општество, тогаш љубовта кон својата татковина полека се претвора во рамнодушност, разочараност и одбивност. Никој повеќе не ја препознава оваа Македонија како што ја препознаваше пред 30 години, кога сите веруваа дека македонскиот народ конечно доби држава во која ќе биде свој на своето и кога тој патриотски наплив беше единственото нешто што го држеше народот сплотен во исклучително тешките времиња.
Сега таа енергија ја нема кај онаа генерација што во 1990-тите години веруваше дека гради македонска држава, па сопствената разочараност ја пренесува и врз младите поколенија. Многумина од нив наместо да ги учат своите деца да ја сакаат земјата, си ги спакуваа куферите и заедно со семејствата ја напуштија државата. Оваа сегашна млада генерација, основци, средношколци, па и факултетлии, буквално е препуштена самата на себе во глобалниот свет, без некој барем малку да се потруди да ја разбуди нивната идентитетска свест и чувство на припадност. Тие врски некој како намерно да ги раскинува, така што младите генерации, врз чии плеќи треба да падне товарот на идниот развој на државата, повеќе го немаат тоа чувство на гордост и припадност кон сопствената земја. Затоа голем дел од нив многу лесно се одлучува уште од најрана возраст да ја напушти својата земја и среќата да си ја побара надвор, што е погубно за иднината на Македонија.

Очигледно некој намерно го поставил целиот образовен систем на криви нозе само за да може што повеќе да ги отуѓува децата од сопствената татковина. Несомнено коренот на целиот проблем треба да се бара во образованието, и тоа почнувајќи од најмала возраст, па и подоцна. Затоа тие деца ниту ја знаат својата историја ниту својот јазик како што треба, а во глобалниот свет почнуваат да ја губат и идентитетската врска. Кај овие генерации нема патриотско чувство бидејќи никој не го разбудил во нив тогаш кога требало, од најмали нозе.
Образованието прво потфрли, но потфрлија и оние што ја предводеа државата сите овие години. Тие наместо со посветена работа да покажат како вистински се сака својата татковина, го покажаа спротивното, како се разградува сопствената држава и за тоа не се понесува никаква одговорност. Политичарите којзнае по кој пат докажаа дека нивна единствена и вистинска мотивација за влез во политиката беше само личниот интерес, никако државниот и интересот на граѓаните. Кога дури и децата ги гледаат секојдневните настапи на политичарите, седниците на парламентот, кај нив наместо чувство на достоинство и гордост што се граѓани на Македонија, се раѓа чувство на срам и понижување, како и желба што побргу да си заминат од неа.
Каков пример за патриотизам е играњето фудбал и кошарка во министерски кабинет, па кога некој на тоа со право ќе реагира да му се одговори дека хистерично реагирал. Па како тој „дрим тим“ очекува да реагира народот кога токму нивните „играчи“ го доведоа на работ на егзистенција, па сега сакаат граѓаните да не бидат хистерични, туку да им аплаудираат. Нивниот „дрим тим“ за народот е обичен „кошмарен тим“.
Уште помалку патриотизам има во тоа да ја занемариш државната функција и да се посветиш на партиската. Наместо секој државен функционер максимално да се посвети на работата што му е доверена од страна на државата, да бара решенија за проблемите, да ги следи состојбите 24/7, да воспоставува нови комуникации, несериозно е некој покрај функцијата за која е платен со народни пари, да се занимава со партиски ангажман, односно да ги консолидира партиските разграноци. Прашање е дали ќе ѝ дозволат германските даночни обврзници на нивната министерка за надворешни работи да се занимава со локалниот партиски разгранок во Штеглиц и истовремено да ја застапува германската надворешна политика. Се разбира дека не, ќе биде принудена да поднесе оставка за 24 часа, па после нека тера партиска агенда колку што ѝ душа сака. Ама бидејќи кај нас политичарите се оперирани од одговорност, прашање е дали и небото е граница до каде може да оди ова омаловажување на сопствените граѓани.
Највисок степен на патриотизам што може да се демонстрира е професионализмот, секој професионално, чесно и одговорно да си ја врши својата функција, давајќи пример пред младите генерации како вистински се сака и се работи за напредокот и просперитетот на својата држава.

За да почне да се случува тоа, крајно време е да се промени изборниот модел во земјава и таа да стане една изборна единица, со отворени листи, за да не може во политиката да влегуваат разни дилетанти. Од друга страна, тоа ќе ги демократизира и партиите, кои на граѓаните ќе мораат да им го нудат најдоброто што го имаат ако сакаат да победат на избори. Со фудбалски жаргон кажано, ако еден тим сака да ја освои Лигата на шампионите, мора на терен да истрча најдобриот состав и згора на тоа секој поединец да го даде најдоброто од себе. Така треба да биде и со партиите.
Единствено така Македонија ќе успее. Кога вистински и квалитетни луѓе ќе се најдат на клучните места во државата, тогаш можеби работите ќе тргнат во вистинска насока. Тоа значи дека образовниот систем мора итно да се реформира така што младите генерации ќе се учат да ја сакаат и почитуваат својата татковина, но уште повеќе да веруваат дека нивната земја може да биде рамноправна и со најголемите и најмоќни земји, не мерејќи се според воената или економската сила, туку со интелектуалните капацитети, кои се потврдени во безброј случаи. Потребна е таква млада генерација што ќе верува во себе и своите способности, која ќе верува во сопствената држава и неизмерно ќе ја сака. Потребни ни се и такви млади политичари, едуцирани, посветени, одговорни, кои ќе работат за добро на својата земја и на нејзините граѓани, па потоа ќе можат заеднички со својот народ да си дозволат моменти на релаксација и да играат фудбал, но само на местата каде што треба, на спортските игралишта, а не во институциите.
Кога така ќе ја средиме државата, тогаш секој човек, од најмалото дете, до највозрасниот, ќе биде горд на својата Македонија, сите ќе стојат гордо исправени пред нејзиното знаме, ќе ја пеат од срце нејзината химна и ќе се борат на секое поле за нејзин напредок. Можеби тогаш сите луѓе со кои ќе се разминуваме повторно ќе имаат среќни и задоволни изрази на лицето. Можеби тогаш ќе почнеме вистински да веруваме и да ја сакаме својата земја.