Фотомонтажа: „Нова Македонија“

Родовиот пристап изразен преку неколку параметри во ЕУ

Темите за женската рамноправност и нивната правична затапеност во функционалноста на општеството вообичаено се најексплоатирани во контекст на одбележувањето на Меѓународниот ден на жената, 8 Март, секогаш со забелешка дека тие треба да бидат во фокусот на јавноста во текот на целата година. Во интерес на таквите препораки, Евростат постојано прави анализи што ја покажуваат застапеноста на жените во вработувањето, менаџерските позиции, платите, перцепцијата на задоволството од животот, здравјето, образованието…

Показатели за вработувањата

Во првиот дел од анализата се извлечени податоци за стапката на вработеноста кај жените, која е помала од стапката на вработеност кај мажите, која дополнително се намалува кај жените со повеќе деца. Помал број жени се на менаџерски позиции, а и послабо се платени.
Во 2021 година, во просекот на ЕУ, стапката на вработеност кај лица од 18 до 64 години била поголема кај мажите (76 отсто), отколку кај жените (66 отсто). Разликата во стапката на вработеност меѓу мажите и жените се зголемува со зголемувањето на бројот на децата. Така, стапката на вработеност за мажи без деца била 72 отсто, а кај жените без деца – 65 отсто, односно разликата била седум процентни поени. За лицата со едно дете, разликата меѓу стапката на вработеност кај мажите (80 отсто) и жените (68 отсто) изнесувала 12 проценти поени. За лица со две деца, таа разлика се зголемувала на 17 процентни поени (88 отсто за мажите во однос на 71 отсто за жените), додека за оние со три или повеќе деца, разликата била уште поголема, 27 процентни поени, со стапка на вработеност на мажите од 83 отсто и стапка на вработеност кај жените од само 56 отсто. Ситуацијата е слична во големо мнозинство кај државите-членки на ЕУ.

Скратено работно време

Понатаму, жените со низок степен на образование и без деца во ЕУ имале стапка на вработеност од 54 отсто, а оние со деца 46 отсто. Од друга страна, стапките на вработеност биле многу слични за жени со висок степен на образование, во споредбата правена меѓу оние со и без деца (87 отсто во споредба со 86 отсто).
Мажите со низок степен на образование, исто така покажуваат најголема разлика во споредба со оние без деца (67 отсто) и со деца (79 отсто), односно разликата е 12 процентни поени.
Повеќе од една четвртина вработени жени работат со скратено работно време. Во ЕУ, во 2021 година, 29 отсто од вработените жени работеле со скратено работно време, во споредба со 8 отсто кај мажите. Тоа се разликувало меѓу земјите-членки. Најголемиот удел кај жените што работат скратено работно време е во Холандија (61 отсто), Австрија (50 отсто), Германија (48 отсто) и Белгија (39 отсто), а кај мажите во Холандија (20 отсто) и Австрија (11 отсто).
Најнизок процент на жени и мажи што работат со скратено работно време е забележан во Бугарија (2 отсто кај жените и 1 отсто кај мажите). Потоа следуваат Романија и Словачка, па Хрватска, каде што само 5,8 отсто од жените работат со скратено работно време, како и 3,7 отсто мажи.

Стапката на невработени жени во ЕУ е поголема отколку кај мажите

Стапката на невработеност во 2021 година во ЕУ била 7,4 отсто кај жените и 6,7 отсто кај мажите. Во 14 земји-членки на Унијата, стапката на невработеност била поголема за жените, а во 12 земји била повисока кај мажите, додека во Полска – стапката и кај мажите и кај жените била изедначена. Најголема разлика меѓу стапките на невработени жени и мажи, каде што стапката била повисока за жените отколку за мажите, имало во Грција (18,9 отсто за жените и 11,4 отсто за мажите), потоа следува Шпанија (16,7 и 13,1 отсто). Најголемата разлика во спротивниот образец, пониски стапки за жени отколку за мажи, имала Летонија (6,6 отсто за жените и 8,5 отсто за мажите), а меѓу земјите со најниска стапка на невработеност за жените се нашле: Германија, Литванија, Ирска, Малта, Австрија, Бугарија… Хрватска е кон врвот според стапката на невработеност и таа била поголема кај жените, 8 отсто, додека кај мажите била 7,3 отсто.

Дури 35 отсто повеќе менаџери отколку менаџерки

Мажите почесто имаат повисоки позиции на работа од жените. Па така, податоците на Еуростат покажуваат дека во 2021 година имало малку повеќе од една третина (35 отсто) менаџери во ЕУ. Уделот на жените на менаџерска позиција не бил поголем од 50 отсто во ниту една земја-членка: најголеми проценти се забележани во Летонија (46 отсто), Полска и во Шведска (двете со 43 отсто), како и во Естонија (41 отсто). Од друга страна, најмали удели се забележани во Кипар (21 отсто), Луксембург (22 отсто) и во Холандија (26 отсто).
Според последните податоци, жените во ЕУ заработувале 13 отсто помалку од мажите, кога ќе се споредат нивните просечни бруто-плати по час.
Во просек, жените заработувале помалку од мажите во сите држави-членки, но разликата во платите меѓу родовите варира. Најголеми разлики се забележани во Летонија (18,3 отсто), Естонија (21,1 отсто), Австрија (18,9 отсто) и во Германија (18,3 отсто). Од друга страна, најмали разлики во примањата меѓу жените и мажите се утврдени во Луксембург (0,7 отсто), во Романија (2,4 отсто), и Словенија (3,1 отсто). Разликата во Хрватска била 11,2 отсто.