Доколку малку повеќе се задлабочиме во пораките на Крсте Петков Мисирков, можеме да заклучиме дека како нација и општество не сме ја разбрале неговата суштинска порака, односно дека националните и државните интереси се бранат или остваруваат со заеднички напори, без разлика на политичките теснопартиски определби или религиската припадност
Некаде овој период, но во далечната 1903 година, во Софија од печат излезе легендарната книга „3а македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков, човекот што останува запаметен како пророк на македонскиот литературен јазик и правопис, поради редовната употреба тројниот македонски член (к’иошот, чо’еков, селово, очиве, долон) и честото испуштање на интервокалното в (чое’к, гласо’и, краста’и). Но Мисирков е многу повеќе од пиететот таткото на македонистиката (наука што ги проучува развојот, правописот и другите одлики на македонскиот јазик). Доколку внимателно се проследи пројавата на употребата на македонските говорни особености во литературата, може да се заклучи дека Мисирков не е оригинален автор. Затоа Гане Тодоровски вели дека за да се сфати и протолкува целосно Мисирков, треба да се укаже и на неговите претходници во Македонија, како што се Спиро Гулапчев и Петар Поп Арсов. Тука сосема логично се наметнува прашањето – доколку Мисирков не е првиот Македонец што воведува нов македонски фонетски правопис, тогаш зошто е високо ценет во македонското општество и македонската интелектуална средина.
Одговорот е едноставен, Мисирков е првиот Македонец што излезе со целосно македонска национална и политичка програма, а токму тоа е големото значење на книгата „3а македонцките работи“. Споменатата книга не случајно беше објавена во декември 1903 година. Имено, Мисирков по неуспехот на Илинденското востание и веќе забележливите поделби во македонското револуционерно движење, ја согледал потребата од обединување на македонскиот народ, како и одделувањето на македонските национални и политички интереси од интересите на соседните балкански народи, преку т.н. македонски сепаратизам. Вистина е дека македонскиот сепаратизам се пројавува многу пред Мисирков, особено видливо во однос на употребата на македонскиот јазик во литературата уште во средината на 19 век, или политичкиот сепаратизам на Македонската револуционерна организација, но Мисирков е првиот Македонец што јасно и недвосмислено ги образложи македонските национални интереси.
Додека многумина Македонци тактизираа со концептот за македонски сепаратизам, Мисирков во книгата „3а македонцките работи“ пишува: „Идејите за полно отцепуајн’е на нашијот народ од друзите балканцки народи, не сет протиоречје на досегашното работејн’е на нашијот народ за слободија, а само продолжејн’е на негоото досегашно работејн’е, на почва евол’уцијна. До сега нашијот народ се интересуал поеке само со полна политична автономија, а во националните наши интереси допушк’ал башибузукци да му се набркуат разни неканени гости, како: бугари, грци и срби. По политичната борба идит значи и националната“. Од напишаното Мисирков никогаш не отстапил, а тоа е совршено јасно и од неговата статија „Македонски национализам“, објавена во 1925 година, во која меѓу другото вели: „Јас не се каам што уште пред 28 години се објавив за македонски сепаратизам. Последниов беше и си останува за мене единствениот излез, најдобриот пат по кој македонската интелигенција би го исполнила и ќе го исполни својот долг пред татковината и пред нашиот народ“.
Денес кога некој ги негира и омаловажува македонските национални особености – јазик, култура, историја итн., ликот и делото на Крсте Петков Мисирков имаат уште поголемо значење, а тоа е евидентно од постојаното укажување на т.н. мисирковштина од страна на научната фела, како и од институциите. Но доколку малку повеќе се задлабочиме во пораките на Мисирков, можеме да заклучиме дека како нација и општество не сме ја разбрале неговата суштинска порака, односно националните и државните интереси се бранат или остваруваат со заеднички напори, без разлика на политичките определби или религиската припадност.
Од денешна перспектива, кога се соочуваме со многу егзистенцијални проблеми, како што е корупцијата или нефункционирањето на институциите, мораме да разбереме дека решението лежи во обединувањето, а не во партиската или политичката припадност. Не случајно Мисирков пишува: „Секој чоек, како член на некоја обшчина или некоје другарство, имат извесен долг и извесни праа кон и од ниф. Народот не јет нишчо друго, осим једно големо другарство, осноано на крвно родство, на обшч произлез, на обшчи интереси. Паметуајн’ето на тоа родство, тоја произлез и тије интереси, заставуат секој член од некој народ, да се одречит од некоји своји праа и интереси, за да посветит част от своите сили на обшчата арнотија. Тоа јет долгот кон народните интереси, за шчо членот од народноста добијат зашчита на својите лични интереси тамо, каде не сет доста само негоите сили. Долгот кон народот јет тесно врдзан со долгот кон таткоината, зашчо пон’атјето народ јет тесно врдзано со пон’атјето таткоина… Долгот кон таткоината и народот, до негоото осашчествуајн’е, се велит народен идеал и кон негоото осашчествуајн’е требит да се стремит секој снесен чоек“.