Македонија во соработка со редица релевантни светски организации, како ГРЕКО, ОБСЕ, ЕУ итн., има донесено еден куп државни програми, акциски планови, стратегии и слично. Но како што растеше бројот на овие стратегиски документи правопропорционално се зголемуваше и нивото на корупција во државата. Значи нивниот севкупен ефект беше и остана една голема нула. Краците на октоподот никој не ги пресече, од ТАТ до денес. Може ли сега работите да се сменат на подобро? Мора да може, зашто едноставно немаме друг избор
Вчера, 9 декември, беше Меѓународен ден за борба против корупцијата. Неговото одбележување годинава кај нас почна многу порано и поминува во сосема поинакво светло од претходно. Потврда за тоа беше и доаѓањето на специјалниот тим од САД за борба против високата корупција, за кој многу се говореше деновиве, но и најавата за нова проширена црна листа од Стејт департментот, на која ќе се најдат и личности од Македонија. По сѐ изгледа овој пат ѓаволот ја однел шегата. Изгледа допрва ќе има вриштење-пиштење, како што своевремено жаргонски се коментираше во политичките кулоари.
Специјалниот тим и црната листа би требало да бидат само почеток. Крајот, претпоставувам, ќе биде многу поспектакуларен и поинтересен. Но зависно за кого и од која гледна точка. Зашто едно се очекувањата и интересите на граѓаните и јавноста, а друго се намерите и интересите на големите сили и центри на моќ. Кога станува збор за борбата со корупцијата тие може да се поклопат, но некогаш може и целосно да се разидат.
Да поедноставам. Низ призма на граѓаните и пошироката јавност, успешна битка против корупцијата значи разоткривање, обелоденување и санкционирање на сите случаи на коруптивно однесување во државата, почнувајќи од највисоко до најниско ниво. Тоа значи да не биде поштеден никој, без разлика дали е претседател, премиер, министер, судија, обвинител, пратеник, инспектор, цариник итн. Секој што се огрешил пред законот да биде изнесен пред лицето на правдата и да одговара. Тоа се очекувањата на јавноста.
Од друга страна, низ призма на одредени центри на моќ, борбата против корупцијата може да се претвори и во алатка за наметнување нечие туѓо мислење и влијание, алатка за политичко моделирање, притисок и уцена. Тоа е веројатно полошо и од самата корупција. Во стилот беспоговорно ќе слушате што ќе кажеме или ќе замавне камшикарот. А тоа повеќе е вовед во протекторат отколку пример за правна држава. И за ова има редица примери, кои нема да ги набројувам сега.
Да бидеме начисто, воопшто немам никакво сомнение во искрените намери на новата американска амбасадорка и другите странски дипломати за енергично расчистување со корупцијата како најголемо зло на денешницата. Но сѐ додека не видиме конкретни, опипливи и вистински резултати, секогаш ќе има едно големо но. Додека не видиме лов на крупни риби, судења, обелоденување докази, секогаш ќе има едно големо но.
Зашто изминативе три децении сме имале редица примери на најави, планови, стратегии, кои потоа се претворале во лов на вештерки и завршувале без резултати од аспект и во полза на граѓаните. Ќе потсетам дека само на планот на борбата против корупцијата, Македонија во соработка со редица релевантни светски организации, како ГРЕКО, ОБСЕ, ЕУ итн. има донесено еден куп државни програми, акциски планови, стратегии и слично. Но како што растеше бројот на овие стратегии, акти, програми… правопропорционално се зголемуваше и нивото на корупција во државата. Значи, севкупно нивниот ефект е една голема нула.
Краците на октоподот никој не ги пресече, од ТАТ до денес. Корупцијата е толку длабоко навлезена во системот на државата што нејзиното искоренување често се поистоветува со границата меѓу можното и неможното. Но оваа работа сепак мора да се сработи.
Македонија и сега има Државна стратегија за превенција од корупција и од судир на интереси, со важност до 2025 година, во која точно се лоцирани сите извори на коруптивно однесување и начините како да се справиме со нив.
Токму во оваа важечка стратегија како клучни точки за успешна борба против корупцијата се наведуваат зголемување на нивото на политичка одговорност и демонстрирана политичка волја, совесно управување со политичкото влијание во јавниот сектор, спречување на политичкото влијание во работата на независните тела и органи, јакнење на интегритетот и отчетноста во јавниот сектор, јакнење на надзорните и контролните механизми итн.
Кога добро ќе се прочита и проанализира целиот документ, како клучен збор се издвојува злоупотребата на политичката моќ и влијание. Тоа е изворот на корупцијата во државата. Високата системска корупција чии краци допираат до врвот на политиката. Кога ќе се расчисти со неа ќе биде многу полесно на другите пониски нивоа.
Истото тоа го увиде и поранешниот премиер Зоран Заев, кога пред четири години отворено побара да ни дојде камшикар однадвор за да нѐ среди.
– Ни треба камшикар, ни треба некој од ЕУ и НАТО да дојде овде и малку да нѐ потсреди сите, од мене на чело, па сите надолу. Затоа што мора да има европски ред и поредок, мора да има европски правила, тоа е нешто што сакаме и тежнееме да го постигнеме – порача Заев пред четири години.
Еве, желбата му се исполни. Камшикарот дојде. Само не е од ЕУ, туку директно од Вашингтон. Сега претстои директното соочување. Октоподот со своите отровни краци наспроти камшикарот. Ќе може ли со замавнувањата на камшикот да му се отсечат краците на октоподот. Многумина се скептични, но едноставно немаме друг избор. Мора да може, без разлика во чии раце е камшикот. Ламјата мора да биде поразена и државата ослободена.
Проблемите се детектирани одамна и веќе сите ги знаат. Како проблематични сфери се посочуваат политичкиот систем, правосудството, органите за спроведување на законот, донесувањето на закони по скратена постапка, дискрециските права на функционерите, политичкиот имунитет, тендерите и јавните набавки, партиските вработувањата во државниот и јавниот сектор, институционалната инертност и неспособност итн.
Секоја „злоупотреба на функцијата, јавното овластување, службената должност за остварување лична корист, треба да се обелодени и санкционира. Битката против корупцијата не е можна без транспарентност, без граѓаните и без медиумите. Зашто граѓаните подобро од кого било ги знаат проблемите со кои се соочуваат. Затоа и посочив претходно дека не е битно кој замавнува со камшикот. Мора сите да удрат јако и беспоштедно по злото што ни ја одзема иднината на сите. Притоа, улогата на медиумите во целата оваа битка е од суштинско и непроценливо значење. Мислам на оние професионални медиуми, со кредибилитет, интегритет, традиција и доверба во јавноста. Медиуми со изградено чувство и сензибилитет, кои можат да препознаат што е јавен интерес, а што обид за политичка манипулација или дезинформација. Зошто е ова особено важно? Па, затоа што во една таква беспоштедна битка со корупцискиот октопод мора да бидете подготвени на секакви искушенија. Се лажат тие што мислат дека октоподот тукутака ќе се предаде. Особено ако станува збор за висока корупција и вмешаност на политички субјекти. Притоа не смее да се занемарат ниту најновите истражување на јавното мислење, кои покажуваат дека политичките партии и државните институции се најголеми проширувачи на дезинформации во Македонија.
Значи, партиите и институциите најмногу ги лажат граѓаните, кои, за среќа, успеваат да го препознаат тоа.
Но ако партиите и институциите толку лажат во редовни околности, замислете што ќе прават доколку се соочат со опасноста некој да ги разобличи и фати во некакви незаконски дејанија. И во битката со корупцијата ќе има многу обиди за дезинформации, пренасочување на вниманието на јавноста итн. Но тука се медиумите, кои треба да бидат прва брана да не поминат обидите за дезинформации. Зашто отпосле ќе биде веќе доцна и штетата веќе направена. Македонија речиси три децении се бори со октоподот, но никако да му ги пресече краците. Ако и сега не успееме во тоа, се плашам дека може да ја проголта и целата држава.