Начинот на кој јазикот се користи и третира во медиумите претставува еден вид дијахрониски пресек на состојбите во општеството на повеќе нивоа. Не само културното, интелектуалното, духовното или уметничкото ниво туку со внимателно слушање/читање на јазичното изразување во медиумите може во голема мера да се открие и економското ниво на развој во општеството, како и политичкиот капацитет и визионерство за дејствување во сегашноста и иднината. Употребата на јазикот, во нашиот случај – македонскиот јазик, непристрасно ја отсликува „крвната слика“ на македонското општество
Одбележавме уште едно чествување на 24 Мај како Ден на сесловенските светители Кирил и Методиј. Ден потоа – остануваме со истите предизвици за писменоста во општеството, за правилната употреба на македонскиот јазик во секојдневниот говор, а особено во медиумите… Остануваме со предизвикот да ги зачуваме и одржиме посебноста и автентичноста на македонскиот јазик во (гео)политичките и идентитетски премрежиња што им се наметнуваат на Македонија и на Македонците.
Јазикот е основното средство за работа во медиумите, било тие да се печатени (весници), електронски (радио, телевизија) или дигитални (интернетски медиуми). Иако во динамичниот предизвик на медиумската работа печатените медиуми постојано бараат начин како да бидат конкурентни на пазарот на информирањето, со условно кажано „побрзите“ медиуми, мора да се истакне дека денес во весниците најмногу се внимава на правилната употреба на македонскиот јазик, како своевиден професионален стандард. Од една страна, тоа е можеби затоа што трајноста на пишаниот збор повеќе ги обврзува новинарите, а потоа и поради тоа што текстовите и понатаму минуваат уште низ неколку читачки филтри, уреднички и лекторски, пред да бидат пуштени во печат.
Во контекстот на значењето на печатените медиуми во стандардизирањето на македонскиот јазик треба да се нагласи дека дневниот весник „Нова Македонија“ има голема улога во неговото официјализирање како службен јазик во Република Македонија. Имено, на 5 мај 1945 година со објавата во „Нова Македонија“ е официјализирана азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо. Во историското значење на првиот број на „Нова Македонија“ е содржан и моментот што тој бил првиот официјален документ во кој Блаже Конески го извршил нормирањето на јазикот. Таквата историска испреплетеност на постоењето на „Нова Македонија“ и нормирањето на македонскиот јазик и денес ја чувствуваме како обврска за негово зачувување и континуирана афирмација.
Сите сме свесни дека употребата и развојот на јазикот е динамичен процес подложен на влијанија од сеопштиот развој, како на домашен така и на глобален план. Брзиот развој на технологијата, новите појави и поими произлезени од овој аспект на животот, како и феноменот на глобализација на политичките и економските процеси, често нѐ ставаат во ситуација да мора брзо да се пронајде соодветен македонски збор за тој новоговор произлезен од нови поими, кои се најчесто изведени од англискиот јазик. Таквите зборови често се „новосоздадени“, компилирани дури и во англискиот јазик. Линијата на помал отпор во такви ситуации ја исфрла фразата за најлесна одбрана: „многу ни е сиромашен македонскиот јазик“ и се пристапува кон некритичко преземање на англиските зборови и поими, без никаков труд да се пронајде македонскиот збор или фраза. Постои тенденција, особено во ТВ-прилозите и репортажите, соговорниците сосема „природно“ во македонскиот говор да употребуваат зборови како: „постови“ (објави), „рандом“ (случајно), „рич“ (посетеност), „хејтање“ (омраза – говор на омраза)… На политичарите во Македонија веќе како да им е вродено да зборуваат за своите „нотирања“ (забелешки), „наративи“ (приказни), „моментум“ (миг), „дисфункционалност“ (неспособност, но често и со значење на неприспособеност, па дури и заостанатост)… Дури ни интернетската алатка „Гугл транслејт“ (гугл-преведувачот) не го преведува на македонски изразот „ЕУ-скрининг процес“…
Ваквите ситуации, кога зборува соговорник во радио или ТВ-прилог, односно кога политичари или други општественици даваат изјави, интервјуа… на некоректен македонски јазик, речиси се практично нерешливи. Но во печатен или во дигитален медиум (портал), кога се пренесува изјавата, сепак би требало јазично (а често и логично) да се коригира и коректно да им се „сервира“ на читателите.
Кога како новинари, или воопшто како медиумски работници, ќе се најдеме во ваква ситуација, прво мора да ни биде јасно дека: македонскиот јазик воопшто не е сиромашен, ниту со зборови, ниту со изрази. Ако ние не ги употребуваме, или сме мрзливи да ги побараме во речниците, или имаме комплекс од странските зборови…, не значи дека македонскиот јазик е сиромашен. И воопшто не е „кул“, односно нема да изгледаме поважно или поавторитетно ако употребуваме зборови што читателите, гледачите, слушателите не ги разбираат. Секако, не треба секогаш да се инсистира на македонски зборови по секоја цена за новопојавени, но општоприфатени глобални поими и термини, особено во технологијата и комуникациите. На пример, „интернет“ не мора да се нарекува „внатрешна мрежа“.
Специфичен феномен во македонскиот медиумски простор се синхронизираните странски ТВ-серии. Во јавноста, овие серии често се потценувани во однос на интелектуалните и културните вредности што ги пренесуваат, но исто така е факт дека тие зафаќаат значителен временски простор во програмите на македонските национални телевизии речиси две децении. За сето ова време, непријатно е забележливо дека во медиумите што ги емитуваат овие серии воопшто нема никаква грижа за квалитетот на преводот на македонски јазик. Освен што реченичната структура на македонскиот јазик е целосно изместена при синхронизацијата на сериите, многу често погрешни се преводите на одредени топоними што се споменуваат во нив, имиња на историски личности и низа други фактички и граматички грешки. Одговорноста на медиумите за јазикот во преводот на странски содржини е еднаква како и за домашните програмски содржини.
Впрочем, одговорноста на медиумите за одржување на културната посебност на македонскиот јазик во современото опкружување и неговиот развој во контекст на лингвистичката глобализација е на практично ниво и е секојдневна. Во голема мера медиумите и не се свесни за тоа, па се однесуваат како македонскиот јазик да е споредна (законска) обврска за нивната дејност, а не основно средство и смисла за нивно постоење.
Начинот на кој јазикот се користи и третира во медиумите претставува еден вид дијахрониски пресек на состојбите во општеството на повеќе нивоа. Не само културното, интелектуалното, духовното или уметничкото ниво туку со внимателно слушање/читање на јазичното изразување во медиумите може во голема мера да се открие и економското ниво на развој во општеството, како и политичкиот капацитет и визионерство за дејствување во сегашноста и иднината. Употребата на јазикот, во нашиот случај – македонскиот јазик, непристрасно ја отсликува „крвната слика“ на македонското општество.