Потребен е брз и енергичен одговор. Каде е милијардата од поддршката? На што е потрошена, каде исчезна? Зошто нема никаков ефект од неа? Ќе одговара ли некој за тоа? Чија одговорност е тоа и кој ќе даде отчет? Многу прашања, а веројатно ќе има уште повеќе. Се разбира, одговорот е поважен во случајов. Ќе го добиеме ли некогаш воопшто или одговорните ќе се прават дека не се од тука. Тука пред сѐ мислиме на оние институции на чии адреси биле испраќани средствата што требало да ни донесат некаков напредок. Едно време тоа се викаше отчет. Да се даде извештај за примените и потрошените средства. Нешто што кај нас генерално како да е подзаборавено
Што доживеавме, не можам да поверувам. Кога мислев дека не може никој да ги симне политичарите од тронот на најприсутни ликови во медиумите, не верував дека некој кај нас ќе успее толку да им се доближи, па дури и да ги смени. Но, очигледно титулата на најспоменувани ликови по медиумите во последно време преминува во рацете на врвот на нашиот правосуден систем.
И тоа е колективна титула, бидејќи поединечни кандидати има многу. Сакате судија, сакате јавен обвинител, претседател на судски совет, море на совет на обвинители, па првите луѓе на Академијата, на судовите – нека ми простат тие што незаслужено сум ги испуштил – ама многу се, кој ќе ги запамети. Сите тие даваат сесрден придонес за освојување на колективната титула, со своето (не)дејствување во својот дел од областа што ја покриваат.
Интересно е дека до пред некое време за половината од нив или за нивните институции не ни знаевме дека постојат, а камоли и кои се челниците, па уште и каков е нивниот бекграунд и што е уште поважно – политичките врски, неизбежното скалило за напредување во кариерата во една област за која отсекогаш сме мислеле дека основен критериум е професионалноста. Но, човек учи додека е жив.
А особено добро се учи кога лекциите доаѓаат од правец од кој не се очекува многу. Но, ова е Македонија, земја на чудата, па затоа и секоја лекција е добредојдена, од каде и да доаѓа.
Па, така, веќе ни стана нормално да велиме дека Македонија веќе подолг период се наоѓа под засилени критики и повици да ја зајакне борбата против корупцијата и да спроведе реформи во судството, што ќе резултира со поголем број судски постапки против случаи на висока корупција. Ова го научивме како почеток на лекцијата, која допрва ја совладуваме. А колку ќе научиме, од нас зависи.
Се разбира, критиките и повиците доаѓаат главно од странците, пред сѐ од дипломатите во земјава, но и од граѓаните, кои зачудувачки здушно ја мониторираат состојбата и кои не можат да се начудат како некои работи можат да функционираат кај нас. Не им завидувам на луѓето. За да дојдат до своите оцени и процени вложуваат натчовечки напори да ги апсорбираат сите можни информации што секојдневно се пласираат за нови и нови случаи што целосно го разголуваат правосудството.
Сѐ уште се свежи сеќавањата на поништените решенија против високи профили што Апелацискиот суд ги врати на повторно судење, што предизвика остра реакција на Амбасадата на САД во Скопје. Како бомба одекна писмото што амбасадорката Ангела Прајс Агелер на 11 април годинава го испрати до судските и извршните органи, во кое изразува загриженост за овие случувања поврзани со предметите од висок профил.
Но она што особено доби гласност беше фактот дека амбасадорката во писмото ги потенцира „напорите на САД и вложените половина милијарда евра за реформи во судството“.
И како тоа да не беше доволно, пред некој ден и холандскиот амбасадор во Скопје, Дирк Јан Коп, во телевизиска емисија зборуваше дека уставните измени се користат како изговор од македонските власти за неспроведување на реформите.
„Неопходните реформи можеа да бидат направени пред 10-15 години, а не беа направени. Неиздржано е да се зборува за евроскептицизмот од тој аспект, дури е и навредливо, зашто по 20-30 години поддршка за да влезете во ЕУ, прашањето е каде се милијардите, каде се и што се случи со обуките што ги спроведувавме. Зошто сите нови правила и регулативи не се правилно имплементирани?“
Опа, значи не е половина туку цела милијарда се истурила во земјава за реформи, а резултатите ги гледаме секојдневно. А дека човекот не зборува напамет, потврдува уште еден мал сегмент од неговото обраќање: „Луѓе се жалат на судовите, обвинителството, полицијата… Добиваме писма и мејлови. Па, ние не сме слепи“, рече холандскиот амбасадор.
И сега? Ако имаше скептици и неверни томи по изјавата на американската амбасадорка, еве и нејзиниот холандски колега ја потврди тезата, па дури и ја надгради до една милијарда.
Во една таква ситуација, потребен е брз и енергичен одговор. Каде се парите од поддршката? На што се потрошија, каде исчезнаа? Зошто нема никаков ефект од нив? Ќе одговара ли некој за тоа? Чија одговорност е тоа и кој ќе даде отчет?
Многу прашања, а веројатно ќе ги има уште повеќе. Се разбира, одговорот е поважен во случајов. Ќе го добиеме ли некогаш воопшто или одговорните ќе се прават дека не се од тука. Тука пред сѐ мислиме на оние институции на чии адреси биле испраќани средствата и на оние што раководеле со нив. Одговорност мора да се преземе: морална, материјална, политичка, кривична…, како во секоја правна држава. А едно време се даваше и отчет. Да се даде извештај за примените и потрошените средства. Нешто што кај нас генерално како да е подзаборавено.
Но, во случајов ситуацијата налага итен отчет и бескомпромисна одговорност. Затоа што ако повторно се обидеме да го забошотиме ова, тогаш навистина ќе си ја закомплицираме работата. Ова беше втор жолт картон за кратко време, а не би било добро да ни биде покажан и црвениот.
Но, да не го одвлекуваме вниманието со фудбалски термини. Без дискусија, без компромис – одговорност мора да има – и политичка и морална, но и кривична, ако се најдат елементи за тоа. Само така ќе можеме да го рестартираме системот за чија „зарибаност“ добиваме секојдневни потврди.