Обединување зад заедничка национална платформа за Македонија

Покрај сите стравови и поделби и надворешни закани, пред три децении македонскиот народ покажа дека знае да донесе вистинска одлука. Немаме причина да се сомневаме дека и во претстојниот период граѓаните ќе го изберат вистинскиот пат, а политичките водства ќе успеат да ги надминат сите разлики, поделби, партиски интереси и лични суети и ќе застанат и ќе се обединат зад една заедничка национална платформа за продолжување на патот на Македонија

„Да ви ја честитам на сите слободна, суверена и самостојна Македонија“. Ова е пораката од првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, која ја испрати до насобраните граѓани на скопскиот плоштад по објавувањето на резултатите од успешно спроведениот референдум за осамостојување на нашата држава, во далечната 1991 година. Сеќавањата на овој настан и денес се еднакво свежи и предизвикуваат еднакви емоции, исто како пред 32 години, кога бев непосреден сведок на овој историски миг за Македонија, со која заеднички зачекорувавме на новиот животен пат, полн со многу неизвесност. Имаше многу предизвици и пречки што требаше да се пребродат за да се стигне тука каде што сме. Преживеавме многу блокади од соседите и декларации со кои се сакаше да се негираат македонската државност и јазик, но и покрај сѐ успеавме да ги одржиме нашата независност и идентитет. И сега, по толку години изминат период, повторно сме исправени пред нова неизвесност, како да се продолжи во исполнувањето на стремежот на многу генерации Македонци, кои се бореле за создавање сопствена, слободна, суверена и независна држава.
Годинашното празнување на 8 Септември – Денот на независноста, помина со вообичаените државнички протоколи и со празнични политички пораки до македонскиот народ за сплотеност и обединување на сите граѓани, низ призмата на партиско-политичката диоптрија на испраќачите на овие пораки. Така, премиерот Димитар Ковачевски порача „да се фокусираме на она што нѐ обединува како општество и како земја и да ја донесеме одлуката за уставни измени заедно“. Гласот на 8 Септември, според него, е глас за европска држава, глас за европска република. Претседателот на државата, Стево Пендаровски, се заложи за „нов колективен напор“, но карактерот на тој потфат треба да биде соодветен со времето во кое живееме. Наедно, претседателот на државата побара да имаме „функционални институции, законите да важат еднакво за сите, и општествени реформи од кои благодат ќе видат граѓаните, а не само оние што се привилегирани“. Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски порача дека 8 Септември е празник за надеж и празник за борба за Македонија и додаде дека заедничката обврска на неговата партија е „со народот да ја ресетира и да ја издигне Македонија од оваа апатија и овие црнила“. Така домашните политичките лидери го видоа овој 8 Септември.

Неодминлив впечаток е дека меѓу политичките водства отсуствуваше искрената желба за постигнување национално заедништво. Разликите околу клучните чекори пред значајните политички одлуки се видливи. Според мислењата на комуниколозите, пораките што ги испратиле политичарите не соодветствуваат за одбележување на еден ваков голем државен празник, а со нив уште еднаш се докажала поделбата меѓу граѓаните. Друго што можеше да се забележи при годинашното празнување е реторика на некои поединци, кои на социјалните медиуми и во јавните настапи како да сакаа да го минимизираат значењето на референдумското изјаснување на граѓаните, кои во огромен процент се изјаснија за самостојна Македонија. Изминатиот период, недвосмислено се покажа дека изборот за самостојна држава не беше „изнудено“ решение, поради пропаѓањето на поранешната југословенска заедница, туку израз на вековниот стремеж на македонскиот народ за самостојна држава. За тоа недвосмислено говорат и резултатите од референдумското изјаснување. Од вкупно 1.495.626 гласачи, на гласање излегле 1.132.981 со право на глас, што е 71,85 отсто, или вкупно 1.079.308 или 95,09, што претставува вкупно 72,16 отсто од вкупниот број гладачи со право на глас.

Неспорно е дека партиите од власта и од опозицијата се за продолжување на реформите со кои во македонското општество ќе бидат вградени и европските вредности, но наедно тоа да биде и држава со заштитен национален
идентитет

Покрај сите стравови и поделби и надворешни закани, пред три децении македонскиот народ покажа дека знае да донесе вистинска одлука. Немаме причина да се сомневаме дека и во претстојниот период граѓаните ќе го изберат вистинскиот пат, а политичките водства ќе успеат да ги надминат сите разлики, поделби, партиски интереси и лични суети и ќе застанат и ќе се обединат зад една заедничка националната платформа за продолжување на патот на Македонија. Клучните точки на обединувањето се дадени во празничните обраќања по повод 8 Септември, но со таа разлика што ќе треба да бидат вградени во новиот „колективен договор“. Неспорно е дека партиите од власта и од опозицијата се за продолжување на реформите со кои во македонското општество ќе бидат вградени и европските вредности, но наедно тоа да биде и држава со заштитен национален идентитет. Како втора точка треба да биде создавање „функционални институции“ и спроведување на законите, кои ќе важат еднакво за сите, без разлика на партиска и етничка припадност на лицата што се огрешиле од законот или учествувале во економски криминал. Секако, потребно е и „целосен ресет“ во делот на економскиот систем на државата, преку целосни економски и општествени реформи од кои најголемата корист „ќе ја имаат граѓаните, а не само оние што се привилегирани“. Одговорноста за изградување слободна, суверена и самостојна Македонија, а во исто време и економски просперитетна држава е на сите нас, но пред сѐ на политичарите, кои треба да си подадат рака за соработка, со што ќе ги спречат поделбите меѓу луѓето, но и масовниот одлив на младите генерации.