Парадоксите во домашната политика никако не стивнуваат. На македонските пратеници изгледа им е поважно Швеѓаните и Финците да се чувствуваат сигурно и да спијат мирно, додека македонските граѓани стравуваат како ќе ја преживеат оваа зима и дали нивната земја воопшто ќе ја биде. Па, така, секогаш кога станува збор за нечии други туѓи интереси, Собранието функционира беспрекорно, но кога требаше да се решава за пакетите помош за граѓаните и компаниите, за справување со ковид-кризата, или за некои други прашања важни за државата, тогаш го немаше ова единство. Домашните политички субјекти се поделени и разединети речиси по сите стратегиски прашања за државата и за граѓаните. Дури да се запраша човек чии претставници се тие, на македонскиот народ или на нечии туѓи влијанија и интереси
Пратениците во македонското собрание, завчера, со 103 гласа „за“, ги ратификуваа протоколите за пристапување на Република Финска и на Кралството Шведска во НАТО. Македонскиот парламент првпат ратификува протоколи на нови земји аспиранти за членство во Алијансата, откако земјава официјално стана членка на НАТО на 27 март 2022.
За ратификацијата на протоколите за влез на Финска и на Шведска во НАТО заеднички гласаа пратеници од владејачкото мнозинство и од опозицијата.
Сето ова кога на своите телевизии го виделе Швеѓаните и Финците веројатно си помислиле колку Македонија е среќна кога има ваква перфектна собраниска машинерија, која кога се приоритетите во прашање, заеднички работи и носи одлуки.
Но очигледно оваа претстава на заедништво и ефикасност важеше само за Шведска и Финска, оти од денеска повторно ќе се врати старата практика на блокади, опструкции, навреди, нефункционалност…
Трагедијата што се одвива во овој македонски театар на апсурдот во изминатите неколку години е токму тоа – секогаш кога станува збор за нечии други туѓи интереси, Собранието функционира беспрекорно, но кога требаше да се решава за пакетите помош за граѓаните и компаниите, за справување со ковид-кризата, или за некои други прашања важни за државата, тогаш го немаше ова единство.
Ќе заборавев за малку, вакво исто единство се покажуваше уште и кога пратениците гласаа за зголемување на нивните плати и дневници.
Нејсе, се случи очекуваното гласање за зачленувањето на Финска и на Шведска во НАТО и тука нема ништо спорно, некој ќе каже тоа се големи геополитички стратегии и нема што тука да филозофираме. И веројатно е така, но прашањето што се наметнува е зошто нема ваква ажурност кога станува збор за македонските приоритети.
Две и повеќе години Бугарија спроведува активна асимилаторска политика кон земјава, но пратениците ниту еднаш не се собраа да најдат заедничко решение како да ги надминат овие закани и да најдат решение земјава да ги почне пристапните преговори под нормални европски услови, а не под услови од кои тешко може да се констатира дали преговараме со ЕУ или, пак, со Бугарија.
Дури и Резолуцијата што еднаш заеднички ја изгласаа за заштита на македонските национални интереси, потоа ја погазија со дадената поддршка и гласање за францускиот предлог, кој е во целосна спротивност со Резолуцијата.
Едно е сигурно, Албанија ги почна преговорите под условите што ги имаа сите досегашни членки и дефинитивно преговара со Брисел. Се донесе божем некаква заедничка резолуција во Собранието за нашите црвени линии, со која подоцна се избриша подот и веќе никој и не се сеќава на неа.
Сега од сите страни се најавува дека ни претстои тешка енергетска криза, вклучувајќи и економска, на врата тропа нов пандемиски бран, цените на храната и гривата отидоа до небо, а нашите парламентарци продолжуваат со опструкциите и меѓусебните надмудрувања. И сето тоа се прави заради партиските интереси, на едните како да останат што подолго на власт, на другите како да се доберат до власта. Да бидеме начисто, во политичката реторика и потезите и на власта и на опозицијата тешко може да се препознаат државните и граѓанските интереси. Синтагмата „народот“ сите ја употребуваат како алатка за остварување на своите партиски цели, а не дека навистина им е грижа за народот. Впрочем, се виде овие 30 години колку се грижеа вистински за народот. Го направија најнесреќен и најсиромашен во Европа, го натераа масовно да се иселува, згора на тоа, го доведоа во ситуација да гледа како пред очите му исчезнува државата.
Затоа и завчерашното заедничко гласање на македонските пратеници за членството на нордиските земји во НАТО е чин на лицемерство кон своите гласачи, кои им дале мандат првенствено да ги решаваат нивните проблеми. Вака произлегува дека ним им е поважно Швеѓаните и Финците да се чувствуваат сигурно и да спијат мирно, додека македонските граѓани ќе стравуваат како ќе ја преживеат оваа зима и дали нивната земја „ќе ја биде“. Муабетот е дека истите тие пратеници треба да покажат исто такво единство и кога станува збор за националните интереси, а не да си поигруваат со македонското достоинство и со народот.
Хипотетички гледано, можеби требаше точката за ратификација на протоколите на Финска и на Шведска за членство во НАТО да ја стават последна на дневен ред на седницата, па претходно да расправаа и за справувањето со енергетската криза, со економската криза, со здравствените предизвици, па потоа на крајот да се грижиме за Швеѓаните и за Финците. Едноставно кажано, не може надворешните приоритети да бидат поважни од домашните.
За ова најголемата вина е кај поголемите македонски партии од власта и опозицијата, кои се закрвени до таа мера што веќе се во состојба да се пазарат дури и со националните интереси само да му наштетат на политичкиот опонент. Веќе никој не се сомнева дека за нив е поважен партискиот интерес, отколку државниот. Затоа крајно време е да ги закопаат воените секири и да почнат да разговараат. Како што завчера заеднички гласаа за Финска и за Шведска, така заеднички нека седнат и нека почнат да работат за Македонија, таа би требало да им е поблиска од Нордијците. Добра можност за тоа би било за почеток да формираат заеднички работни групи и да се посветат на зачувување на националните интереси, да се фокусираат на економијата, на енергетиката, на здравството, образованието, екологијата, да почнат да ја градат државата заеднички. Како што завчера сите заеднички го стиснаа копчето „за“ за Шведска и Финска, така нека го стиснат копчето во својата глава и нека помислат дека граѓаните ги избрале да работат за доброто на својата држава, а не за доброто на партијата. Тоа значи одговорно однесување кон оние што им го дале мандатот, преку цивилизирана политичка дебата во Собранието, преку нудење идеи, проекти, решенија, работи со кои ќе се подобрува животот и земјата ќе оди напред. На овој начин и законодавниот дом ќе стане респектабилна институција, вистински дом на демократијата, наместо сегашниот имиџ на театар на апсурдот и политичката лакрдија.
На крајот, ако може да се постигне единство за работи што се далеку од нас, тогаш истото тоа единство е многу поважно за работите што нè засегаат директно нас. Ако сакаме европска иднина како Македонци со свој идентитет, јазик, култура и историја, тогаш завчерашното гласање е рецептот. Истото заедништво е потребно за секоја идна борба, оти минатите ги поминавме поделени и раскарани. Затоа можеби не треба да се пропушти оваа последна шанса, оти други повеќе нема да ни се укажат. Тогаш повеќе нема да биде ништо важно. Шведска и Финска и натаму ќе бидат безбедни и напредни држави. А ние?