Последната глобална економска криза ни ги акцентираше познатите нескриени слабости на македонското стопанство. Веројатно тоа го наметна и размислувањето за потребата од поголема државна контрибуција на повеќе полиња на националното стопанство заради обезбедување стабилност, раст и развој. Кризата со сите свои удари малку повеќе ја разбиструва дилемата дали во една мала и отворена економија, како што е Македонија, треба сѐ да се препушти на (нео)либералноста на трендовите на пазарот или да се направат реформи во кои, меѓу другите чинители, ќе се вклучат и државните институции како импулс за синхронизација на економските односно пазарните движења, во корист на државата и граѓаните, се разбира
Владата ќе продолжи да ги следи движењата на цените на основните прехранбени производи со цел да го заштити стандардот на граѓаните. По замрзнувањето на цената на лебот, на тестенините, оризот и млечните производи, од Министерството за земјоделство ќе подготват анализа и за цените на овошјето и зеленчукот. Доколку се констатира дека постои дисбаланс на пазарот во формирањето на цените, ќе биде донесена и одлука за замрзнување на малопродажните цени и на овие производи. Се разбира дека добрата намера е да се спречи досегашната практика на македонскиот пазар за вештачко зголемување на цените, што се случуваше во периодот на енергетската и здравствената криза. Но неконтролираните движења на домашниот пазар се во голем дел и плод на немањето систем, или поточно анахрон стопански систем, кој долго време „плаче“ за длабоки економски реформи што ќе направат системски промени во националната економија.
Во последно време се случија неколку турбулентни активности на пазарот што имаа концептуални различности, но веројатно се случуваат од некоја причина, верувам „за да ни ги отворат очите и видиците да погледнеме подалеку низ дурбинот на економијата кон иднината на националното стопанство“.
Неколкуте познати интервентни потези на Владата, некои од производителите и трговците го перципираа како преголемо „државно мешање“ во пазарната економија. Спротивно, за Владата, однесувањето на преработувачите на храна беше знак на отсуство на „општествена одговорност“ и обид за остварување високи приходи на сметка на осиромашените граѓани.
Меѓутоа, факт е дека последната глобална економска криза ни ги акцентираше познатите нескриени слабости на македонското стопанство. Веројатно тоа го наметна и размислувањето за потребата од поголема државна контрибуција на повеќе полиња во националното стопанство, заради обезбедување стабилност, раст и развој. Кризата со сите свои удари, како сѐ повеќе и повеќе да ја разбиструва дилемата дали во една мала и отворена економија, како што е Македонија, треба сѐ да се препушти на (нео)либералноста на трендовите на пазарот или да се направат реформи во кои, меѓу другите чинители, ќе се вклучат и државните институции како импулс за синхронизација на економските односно пазарните движења, во корист на државата и граѓаните, се разбира.
Во досегашниот развој на нашата земја сме имале искуство и со двата система на т.н. „договорна“, а и на денешната „пазарна“ економија. Добро ни се познати и слабостите и придобивките од двата економски модела. Се чини дека во нашата триесетгодишна независност не успеавме да изградиме сопствен (фит развоен модел) модел што токму нам ни прилега, во кој успешно би била искористена постојната материјална основа, со кој би се оствариле очекувањата на сите општествени фактори: граѓаните што би ги оствариле своите очекувања за подобар животен стандард, приватниот бизнис-сектор што би остварувал пристоен тренд на одржливост, со кој би го планирал сопствениот деловен развој и на крајот е државата, која ќе создаде услови за „еднакво општество за сите“.
Минатата недела во организација на Стопанската комора на Македонија се направи почетен и „срамежлив“ потег за отворањето на прашањето за избор меѓу либерална пазарна економија и координирана пазарна економија! Пораката што беше испратена од овој собир беше дека „отсуството на решение околу изборот на модел на пазарна економија на долг рок креира сериозни последици што го загрозуваат бизнис-амбиентот во земјата и иднината на бизнисите“. Но повторно изостана соодветна реакција од пошироката општествена и економска стручна јавност околу пронаоѓањето на вистинскиот одговор за тоа кој пазарен модел треба да биде најприменлив за македонските услови.
Новите прегрупирања на глобалниот економски пазар ја наметнуваат неопходноста од реиндустријализација и електрификација на нашата земја. Тоа се модели што не се непознати ни за развиените пазарни економии. Тешките моменти во животот на секој човек, но и политичките и економските кризи низ кои поминува едно општество, се можност за нов почеток. Македонија во изминатите години има(ше) многу тешки моменти. Ќе ги научиме ли лекциите од нашето неискуство и незнаење и, конечно, ќе го избереме вистинскиот пат што ни носи долгорочен развој и сигурна иднина
Последната економска криза и случувањата со цените на храната и енергетската неизвесност со кои се соочија граѓаните и приватните компании ги детектираа главните области во кои во наредниот период треба да се примени т.н. „планска пазарна економија“. Како прв приоритет за државата е да застане зад ревитализација на македонското земјоделство и индустрија. Неопходно е државата, преку своите институции да ја (пре)земе раководната палка и координирано со земјоделците да најде начин за унапредување на земјоделието, да се фаворизираат оние сектори за производство на култури што е конјуктурно. Одгледувањето на овие земјоделски култури (пченицата, пченката, сончогледот, оризот, градинарските култури…) да се планира однапред и да се договара на централно ниво. Добро би било Министерството за земјоделство или некое друго тело да им помогне во тоа, заеднички да се планира што и како ќе се одгледува. Наедно и да се воспостават праведни и пазарни односи меѓу земјоделците, производителите и трговците при формирањето на откупните цени. Наедно да се изгради и систем за поголема искористеност на земјоделските површини. Што се однесува до пласманот, повторно заеднички да се настапува на странските пазари, да се најдат нови пазари. Ова значи да се обезбеди повисок степен на преработка за повисоки приноси. Но ова не значи да се подржави земјоделството, туку преку поширока и подиректна помош да им се даде импулс и логистика на земјоделските производители.
Во делот на индустријата, преку координирана активност меѓу државните институции и приватните компании, да се отвори процес на „реиндустријализација“ на македонската економија. Тоа би подразбирало побрзо заздравување на индустриските капацитети што во минатите години претставувале силна економска база за голем извоз и за поголеми вработувања на домашната работна сила. За таа цел треба да се искористи и домашното производство на струја, за да се добие конкурентен производ што ќе може да се пласира на странски пазари. За тоа какво може да биде влијанието на извршната власт во градењето стабилна енергетска иднина во Македонија, може да ни послужи и примерот со Европската комисија, која предложи реформа на пазарот на електрична енергија, чија цел е да се обезбеди стабилност на цените преку долгорочни договори и да се поттикнат инвестициите во обновливи извори на енергија.
Новите прегрупирања на глобалниот економски пазар ја наметнуваат потребата од нова „индустријализација“ и „електрификација“ на нашата земја. Тоа се модели што не се непознати ни за развиените пазарни економии. Тешките моменти во животот на секој човек, но и политичките и економските кризи низ кои поминува едно општество, се можност за нов почеток. Македонија во изминатите години има(ше) многу тешки моменти. Ќе ги научиме ли лекциите од нашето неискуство и незнаење и, конечно, ќе го избереме вистинскиот пат што ни носи долгорочен развој и сигурна иднина.