Новинарскиот леб со десет корки

Последните резултати од студијата финансирана од Друштвото за заштита на авторските права на новинарите во Хрватска покажале дека над 50 проценти од новинарите во Хрватска се жалат на симптоми на хроничен стрес, односно т.н. брнаут (Burnout), а алармантен дел од нив не можат да се справат со исцрпеност, замор и стрес. Ако во Хрватска, како членка на ЕУ, резултатите се вакви, што мислите колкав е тој процент кај нас. Колку македонски новинари, медиумски работници, директори и менаџери страдаат од синдромот на т.н. брнаут или изгорување. Затоа додека не изгориме или прегориме целосно, како новинари, медиуми, време е за акција. Ова нека биде и поттик и повик до сите што на еден или друг начин се вклучени или се дел од медиумската индустрија да дадат свој придонес и да ја издигнат оваа гранка на нивото на кое заслужува да биде

Денеска (сабота 3 декември) Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) избира нов претседател и членови за позициите во органите на здружението. За оние што немаат допир со новинарската професија, веројатно, ова е сосема неважна вест. Но, секако, претставува одлична можност да се проговори за медиумите и новинарството како професија, која, според редица истражувања, е на маргините на македонското општество, иако не би требало да биде така. За новинарството кај нас се говори само кога ќе биде претепан некој новинар (што, за жал, е чест случај), кога се пцујат и навредуваат новинари и новинарки, кога згаснуваат медиуми, кога доаѓаат укори за пад на новинарските слободи итн.
За ваквите состојби делумно сме и самите виновни. Зошто? Па затоа што сиве изминати години како професионална фела не успеавме да се избориме за подобар статус во општеството. Затоа што на грб ги носевме и се боревме за исправање на сите проблеми и неправди во општеството, но нашите тегоби постојано ги потиснуваме длабоко во себе. Пред некоја година ми се јави колегата Тачко Локвенец, долгогодишен дописник и соработник на „Нова Македонија“, да ме извести дека подготвува книга за кризата во македoнското новинарство и медиумскиот простор. За жал, Тачко почина и книгата не се отпечати. Но предизвикот отворено да се проговори за кризата во македонското новинарство и за кризата во медиумите остана како аманет да ги копка и понатаму сите оние што се занимаваат со оваа професија. Да се проговори за болната и долга транзиција и трансформација на државата, која, секако, се одрази и врз новинарството, згаснувањето на еден куп медиуми изминатите години, медиумските реформи што често завршуваа пред и да започнат, формирањето некакви ад-хок медиумски тела за еднократна употреба, поларизацијата и поделеност внатре во самата фела, причините за атаките и затворањето новинари, па сѐ до феноменот на лажните вести, дезинформации и пропаганда.

Примери за набројување има многу, апсурди и парадокси уште повеќе. Можеби еден од нив што остана врежан во моите сеќавања, како некаков синоним или асоцијација за кризата во македонското новинарство, се турканицата и долгата редица на четвртиот кат во поранешната зграда на НИП „Нова Македонија“. Говорам за периодот 2001-2003 година, кога некогашниот медиумски гигант, во кој тогаш беа собрани сите весници и изданија на македонски, албански и на турски јазик, беше доведен на работ на бездна и пред целосен колапс. Во тоа време како млад новинар во весникот „Нова Македонија“ не можев да сфатам зошто сите молкум и со наведнати глави чекаат во редица во салата на четвртиот кат од зградата, која дотогаш служеше како бифе.
Набрзо разбрав дека долгата колона интелектуалци, докажани новинарски пера, лектори, техничари… практично чекаат да ја потпишат сопствената професионална и човечка евтаназија. Каков ли парадокс и поигрување на судбината!
Некогашните прекалени борци, бунтовници во душа, родољуби и правдољупци, одеднаш се претвориле во кротки јагниња што наредени во колона чекаат ред како пред кланица. Чекаат да земаат парче хартија со кое се прогласени за технолошки вишок и фирмата оди во стечај?!
Моќната интелектуална новинарска елита, која пишуваше за сѐ, се бореше да ги разоткрие, обелодени, исправи неправдите во државата, стои немоќна да стори што било за спас на сопствената кожа. Да стори нешто и за одбрана на интегритетот и дигнитетот на професијата, кој беше целосно згазен со еден ваков чин на колективна евтаназија.
Подоцна излезе дека таквиот впечаток и слика, веројатно, биле само мој наивен младешки занес во тоа време и дека некои, сепак, скапо и со умисла ја продале и наплатиле нашата кожа. Но нејсе, таа слика на немоќ, новинарска импотенција, до ден-денес ми остана како прва асоцијација на почетоците на кризата на македонското новинарство.
Состојбите, веројатно, не се многу подобри ниту денес. Новинарите во голем број случаи и денес се неми набљудувачи на обидите за газење врз професијата, достоинството, дигнитетот, професионалноста. Сигнал за криза во македонското новинарство, веројатно, се и многубројните трансфери низ годините на новинари во портпароли на разни државни органи од локално или од централно ниво. Можеби некои тоа го сметаат за напредок во кариерата, но во суштина е само уште еден показател за падот и девалвацијата на професијата.
Се разбира дека имало и има и редица светли примери на високопрофесионални медиуми и новинари (меѓу кои несомнено е и првиот македонски дневен весник, кој секогаш остана доследен на аманетот на неговите основачи да биде вистински народен лист, чие работење се темели исклучиво врз почитувањето на професионалните новинарски стандарди).

Она што е охрабрувачки во сферата на медиумите се резултатите од одредени истражувања во светски рамки, кои покажуваат глобален тренд на зголемување на довербата и влијанието на весниците секаде во светот. Во САД, на пример, според некои истражувања, весниците имаат трипати поголем рејтинг и доверба отколку Фејсбук, како најпопуларна платформа на интернет. Слично е и во Европа.
Тој тренд, кога-тогаш, сигурно ќе се почувствува и кај нас, што ќе биде од суштинско значење токму во насока на подигнување на интегритетот на новинарската професија и на нејзината примарна улога во секое демократско општество. Но за да се случи тоа, мора многу повеќе да поработиме дома. Свртување кон весниците со традиција и професионален интегритет е особено важно, особено во ова време на наплив на лажни вредности, на дефокусирање на јавноста, пропаганда од најдолен вид, измислување и креирање лажни вести. Кога веќе постојано се говори и се повикува на некакви европски стандарди, дајте тие искуства и практики да ги воведеме и кај нас, во однос на подобрување на состојбите со медиумите, кои се многу значаен сегмент на патот кон ЕУ. Новинарската професија, според сите светски истражувања и рангирања, спаѓа меѓу најстресните и најризични професии. Тоа, секако, се одразува врз здравјето и животниот век на новинарите, кои секогаш се во првите борбени редови и во услови на кризи, пандемии, конфликти итн. Последните резултати од студијата финансирана од Друштвото за заштита на авторските права на новинарите во Хрватска покажале дека над 50 проценти од новинарите во Хрватска се жалат на симптоми на хроничен стрес, односно т.н. брнаут (Burnout), а алармантен дел од нив не можат да се справат со исцрпеност, замор и стрес. Ако во Хрватска, како членка на ЕУ, резултатите се вакви, што мислите колкав е тој процент кај нас. Колку македонски новинари, медиумски работници, директори и менаџери страдаат од синдромот на т.н. брнаут или изгорување.
Затоа, додека не изгориме или прегориме целосно, како новинари, медиуми, време е за акција. Ова нека биде и поттик и повик до сите што на еден или друг начин се вклучени или се дел од медиумската индустрија да дадат свој придонес и да ја издигнат оваа гранка на нивото на кое заслужува да биде. И тоа во секој поглед. Сите права, бенефиции и одговорности што ги имаат европските новинари и медиуми да ги имаат и македонските. Ништо повеќе и ништо помалку.
Би завршил со констатацијата дека ако за рударскиот леб велат дека е со девет корки, новинарскиот веројатно има барем уште една повеќе. Зошто? Па од едноставна причина што може да се лизнете и да паднете и поради само еден збор. Зад секоја нова реченица, точка или запирка има нов свијок и кривина, кои треба успешно да ги поминете. И секогаш тоа да биде само и единствено во интерес на јавноста и на граѓаните. Ако издржите и опстоите на тој напорен и опасен пат, сте го научиле новинарскиот занает. Ако не, не сте ни биле за тука.
Сосема за крај, еве, меѓу првите му посакувам успех на новиот претседател на ЗНМ, без разлика кој и да е, со надеж дека во иднина многу повеќе внимание ќе се посвети на подобрување на положбата и статусот на медиумите, новинарите и другите медиумски работници. Еве, овој напис нека биде еден мал прилог кон таа цел.

[email protected]