Следната фаза на детронизација на мнозинскиот македонски народ може да биде уште поболна. Впрочем и најновите најави од владини извори околу можноста за укинување на етничката квота од 20 отсто оди токму во таа насока. Наместо процентуалната застапеност од 20 проценти на помалите етнички заедници, како што сега предвидува Уставот, да се овозможи неа да ја толкува кој како сака и како му одговара. За тоа, секако, ќе треба и нова промена на Уставот. А секоја промена е и ново отворање на Пандорината кутија и можност за ново разнебитување на македонскиот народ и држава
Мноштво апсурди и една константа. Ова е, веројатно, најкраткиот опис за пописот и пописните резултати, без претензија да биде и најточен, иако има големи шанси и за тоа.
За апсурдите подоцна, ајде најпрво за константата.
Што може да биде константа, или постојана и непроменлива величина, во држава како Македонија, која дури 20 години нема спроведено попис. Во која до вчера, што се вели, не се знаеше ниту колку сме, ниту кои сме, ниту каде сме. Па токму тоа. Збунетоста, ексклузијата и самоуништувањето се нашата константа. Обидите за негација и исклучување на мнозинскиот народ во сопствената држава. Овој пат преку манипулација со бројки. Тоа е таа постојана и непроменлива величина, која, за жал, ни станува судбина. Не велам бришење, зашто никому не му успеало и нема да му успее да избрише цел еден народ со вековна традиција и историја како што е македонскиот народ. Но обидите за негово етапно и системско исклучување, тргање настрана се повеќе од евидентни. Пописот е најдобар пример за тоа.
Пописот и пописните резултати оставија таква конфузија во македонското општество што, веројатно, ќе ни требаат години и години во дорасчистување на целата таа збрка. А не дека не претпоставивме што може да се случи. И тука веќе доаѓаме до првиот апсурд во низата, иако многу често апсурдите ни се повторуваат како појава и во високата политика. Чуден и по малку бесмислен е сега бунтот или плачот на воздржаните, во однос на резултатите од пописот. Оние што претходно молчеа или само шепотеа кога се крчкаше методологијата за пописот, сега се најгласни. Пискотници и оспорување сега се слушаат од Галичник до Река, а тогаш никој ни да зуцне. Ова никој се однесува главно на политичките субјекти што и тогаш и сега имаат можности и обврска да реагираат и да ги отстранат навреме сите нелогичности поврзани со методологијата и начинот на спроведување на пописот. А не да чекаат како ќе испадне, па отпосле да реагираат.
Така беше и при промената на името на државата, асиметричните договори со Бугарија и со Грција. До кога вака со синдромот на самоуништување? Некоординираност, брзоплети решенија и политики и паѓање во замки од кои потоа не можеме да се извлечеме. Кому му се потребни резултати што никој не ги признава, па сега се најавува ново политичко самопопишување на Ромите, Србите, Турците итн.? Или, пак, формирање специјална собраниска комисија што ќе истражи и утврди што се случувало со пописот и ќе донесе соодветни заклучоци. Зошто не се направи ова пред пописот? Да се зголеми будноста на највисоко можно ниво, да се засилат контролите и да се оневозможат сите обиди за евентуална злоупотреба на целата операција. Но пред сѐ и над сѐ, строго да се придржуваме до меѓународните стандарди за попис, без какви било отстапки.
Во животот, и посебно во политиката, пост фестум реакциите се безначајни. За ова нашиот народ има убава изрека, па вели по свадба тапани.
Во интерес на вистината и како потсетување на јавноста, „Нова Македонија“ уште при споменувањето на методологијата по која ќе се врши пописот со серија текстови и во интерес на јавноста предупреди на евентуалните последици и нејаснотии што може да произлезат. Уште тогаш напишавме и укажавме дека внесувањето на графата за нерезидентно население не е практика никаде во Европа, ниту светот. Дека такво нешто е спротивно и на стандардите на Евростат и на стандардите на Обединетите нации. Како што не се практика ниту попишување преку социјални мрежи, самопопишување, дадената можност за неколку пати пролонгираното и повеќемесечно попишување на дијаспората итн. Така, наместо 40 дена како што е предвидено, нерезидентите се попишуваа, самопопишуваа, допишуваа, запишуваа речиси седум месеци. Сега гледаме до каде нѐ доведе тоа.
Човек не треба да е пророк или јасновидец за да сфати дека сето ова беше во функција на пумпање на бројките и запоставување и исклучување на македонскиот народ, како мнозински и државотворен народ, на сметка на калемење уште поголеми права на други малцински етнички заедници, кои преку играта на бројките треба да се прикажат како некаков фактор. Еве, да го земеме само овој податок.
Човек не треба да е пророк или јасновидец за да сфати дека сето ова со пописот беше во функција на постепено и етапно отпишување и асимилација на македонскиот народ во сопствената држава. Исклучување на македонскиот народ како мнозински и државотворен народ на сметка на калемење уште поголеми права на други малцински етнички заедници, кои преку играта на бројките треба да се прикажат како некаков фактор. Пописот и пописните резултати оставија таква конфузија во општеството што, веројатно, ќе ни требаат години и години во дорасчистување на целата таа збрка
Замислете имаме 66 проценти попишани нерезиденти Албанци наспроти 24 проценти Македонци. Или односот е 3:1 во однос на Албанците. Притоа никој досега не објасни каде тоа во ЕУ и во светот се врши регистрирање на иселениците, кои со децении не живеат во своите матични држави. Ако воопшто овие новозапишани 66 проценти Албанци се иселеници од Македонија. Или се самопопишувале сите иселеници Албанци и потоа се прикажувало како да се од Македонија. И потоа ваквиот податок се користи за домашни потреби и се внесува во домашната статистика. Затоа со право политички аналитичари, експерти и огромно мнозинство граѓани реагираат и бараат расчистување на сите дилеми поврзани со пописот.
Зашто следната фаза на детронизација на мнозинскиот македонски народ може да биде уште поболна. Впрочем и најновите најави од владини извори околу можноста за укинување на етничката квота од 20 отсто оди токму во таа насока. Наместо процентуалната застапеност од 20 проценти на помалите етнички заедници, како што сега предвидува Уставот, да се овозможи неа да ја толкува кој како сака и како му одговара. За тоа, секако, ќе треба и нова промена на Уставот. А секоја промена е и ново отворање на Пандорината кутија и можност за ново разнебитување на македонскиот народ и држава. Со евентуално бришење на квотата за помалите етнички заедници се брише и предзнакот како малцински заедници. Тие стануваат рамноправни и на исто ниво со мнозинскиот македонски народ. Како Али Ахмети што и порано и сега со само десетина пратеници го имаше пресудниот збор и држеше и сѐ уште држи превласт над 100 други пратеници од македонските партии, така сега некоја етничка заедница со помалку од 20 проценти ќе му диригира на мнозинскиот народ во сопствената држава. И тука доаѓаме до поентата од насловот – ни волкот сит ни Македонците на број. Повторно македонскиот народ треба да биде ставен во улога на жртвено јагне за остварување нечии погубни партиски, етноцентрични или глобални надворешни политики.
Оттука и дилемата дали пописот беше само смислена политичка операција за исклучување на мнозинскиот македонски народ и обид за негова асимилација во сопствената држава? Граѓаните очекуваат одговори на сите овие прашања.
И кога сме веќе на теренот на инклузија или ексклузија во процесите, односно нечија вклученост или исклученост, деновиве во јавноста повторно се шират информации за постоење некакви нацрт-документи за веќе договорено решение околу спорот со Бугарија.
Бидејќи се работи за навистина многу сензитивно прашање доколку навистина постојат какви било појдовни точки за договор со Бугaрија, јавноста и македонските граѓани мора први да бидат запознаени со сите детали. Не смее да се дозволи да ни се повторат грешките од минатото со обидите за исклучување на јавноста и народот од процесите.
Од тој аспект во поглед на спорот со Бугарија мора да се почитуваат принципите за инклузивност, отчетност и заедничко работење на сите институции, со цел заштита на интересите на државата.
И најважно од сѐ е какво било идно решение да се темели на меѓународното право, со целосно уважување на националните и идентитетски посебности на македонскиот народ, признавање на македонскиот јазик, нашата историја, култура, како и признавање на сите права на македонското малцинство во Бугарија.