Несериозниот, па и неодговорен однос на политичките фактори на кои им припаднала (како политичка награда) довербата да го организираат и да го водат образованието во Македонија, се чини дека повеќе ги саботира перспективите, како на учениците така и на целото општество, отколку што нуди поддршка на амбициите
и визиите за прогрес
Секакви демагогии и политички метафори со оправдувања и пронаоѓања олеснителни околности за вонредноста на состојбите во кои се одвива образовниот процес во Македонија паднаа како што падна таванот во тоалетот на битолското средно медицинско училиште. Повредената ученичка, која имала лоша среќа врз глава да ѝ паднат парчињата од руинираниот таван, како предупредувачка иронија почувствува дека лошите услови за образование можат да бидат опасни и по животот. Девојчето интервентно заврши во Клиничката болница во Битола, каде што се јавила поради болки во раката. Директорката на училиштето ургентно информира дека таваните прокиснале, иако неодамна биле реконструирани. Градоначалникот на Битола експресно побара одговорност од директорката поради ненавремено пријавен проблем. И така, уште еднаш еден несреќен случај во училиште (овој пат, за среќа, без големи физички повреди за девојчето) навлезе во вителот на политичката (не)одговорност, зголемувајќи го досието на предизвици и проблеми со кои треба да се справува образованиот систем во Македонија.
Вградениот предизвик на секој образовен систем, во секоја држава е да создаде, да воспитува и да образова човечки потенцијал што ќе одговори на потребите за одржлива функционалност на општеството во сегашноста, но и да размислува за развојните проекции во иднината. Дополнителен предизвик за образованието во денешнава ера на глобализација е создавањето образовани кадри што ќе бидат конкурентни и ќе можат да одговорат на потребите на светскиот пазар на трудот. Значи, актуелниот предизвик на образованието е да создаде образовани личности што ќе го подигнат развојниот потенцијал на општеството (државата) во која се образоваат да ги следи глобалните развојни тенденции, но исто така индивидуалниот интерес на учениците е да бидат подготвени со знаење и вештини за работа без ограничување исклучиво на пазарот на трудот само на своето општество од каде што потекнуваат…
Наспроти таквите глобални тенденции и цели на образовните системи, приоритетите на реалните предизвици на македонското образование почесто се моделирани од неконзистентни политики и ад хок решенија донесени под притисок на некоја моментална ситуација. Неколку дена пред јавноста да биде анимирана со паднатиот таван во битолското средно училиште, како информативен куриозитет од „училишниот живот“, актуелниот министер за образование и наука Јетон Шаќири со леснотија соопшти дека „државата реално нема пари да печати учебници за сите стручни предмети во средното образование“, зашто биле премногу такви предмети. Како наједноставно решение, при буџет за образование од 450 милиони евра, министерот смета дека учениците можат да стекнат знаења без учебници, па нема потреба за некаква прераспределба на средствата за подготовка и печатење книги од кои би учеле. Впрочем, оваа учебна година, од која остануваат уште два и пол месеци, цели генерации ја минаа без учебници, веројатно со импровизации во наставата и снаоѓање на наставниците. Целата оваа ситуација, а уште повеќе односот во решавањето на предизвиците на највисоките инстанци во образованието, кој многу наликува на несериозност, не влева доверба во квалитетот на стекнатите знаења и вештини на учениците, кои утре-задутре треба да бидат носители на општествено-економскиот развој.
Во прилог на скептичноста за постигнатиот задоволителен успех на образовниот систем во смисла на соодветно пренесување знаења на барем две-три генерации ученици се надоврзува фактот дека во двете изминати пандемиски години, образовниот процес беше изместен со онлајн наставата. Годинава, пак, голем дел од наставата е загрозен со лажните дојави за бомби во училиштата и неизвесност секој нареден ден (со месеци) дали воопшто ќе се одржат часовите.
Имајќи ги предвид ваквите отежнати околности за образование, годинешниве матуранти, пак, успеаја да се договорат со Министерството за образование и наука за одредени олеснувања, односно попредвидлив процес за полагање на матурскиот испит. Навистина, учениците покажуваат инвентивност и приспособливост на ситуациите што како пречки се наметнуваат во нивното време на учење и формирање како личности. Тие покажуваат ентузијазам за системски да го валоризираат знаењето што успеале да го стекнат во досегашниот процес на образование и да продолжат да се надградуваат, соочувајќи се и прифаќајќи ја иднината што е пред нив. И покрај сите слабости на образованите политики, учениците, матурантите со својата индивидуална иницијативност и енергија не се откажуваат од онаа иманентна младешка амбиција да го освојат или да го променат светот. Неуспех на општеството, на државата е ако таа младешка енергија и амбиција за откривање и создавање „нови светови“ ги пропушти и не успее да ги канализира за заеднички општествен напредок и развој.
Предизвиците во образованието во Македонија многу лесно добиваат политички контекст, на сметка на учениците, кои и не се сѐ уште свесни за реалните проблеми со кои се соочуваат и ќе се соочуваат. Несериозниот, па и неодговорен однос на политичките фактори на кои им припаднала (како политичка награда) довербата да го организираат и водат образованието во Македонија, се чини дека повеќе ги саботира перспективите како на учениците, така и на целото општество, отколку што нуди поддршка на амбициите и визиите за прогрес. Таквата политичка несериозност и неодговорност спрема образованието, истовремено ги разнишува и основата и сводот на општеството, на државата, на луѓето во неа и создава неизвесност како во сегашноста, така и за иднината, што дури и изгледа како перспектива „опасна по живот“. Можеби звучи како претерано дефетистичка проекција на иднината, но потребно е посилно да заѕвони училишното ѕвонче, и да го прекине „политичкиот час“ на ноншалантен однос спрема образованието во Македонија.