Нема простор за лежерност и лесно дадени ветувања

Од моментот кога поранешниот премиер Зоран Заев, на 31 октомври минатата година, по завршувањето на вториот круг на локалните избори ја најави својата оставка, Македонија практично речиси два и пол месеци функционира со влада во лер. Ако на тоа се додадат и претходните четириесет-педесет дена посветеност на кампањата и двата круга на локалните избори, изгледа како македонската држава да може да си дозволи опуштена лежерност во соочувањето и со предизвиците на сопственото опстојување, како и со сите глобални предизвици (пандемијата што не стивнува, енергетската и економската криза), кои неминовно се рефлектираат и на внатрешнополитички план.
Сите вербални политички престрелки, партиски престројувања, коалициски прекројувања и пазарења што се случуваа во ова политичко интермецо, сепак не оставаат аргументи, дури и со напор за добронамерност, во нив да се пронајдат некаква конструктивност и заложба за просперитет на општеството и на граѓаните. Како на единствена (и тоа условна) придобивка од сите политички превирања во изминатиот период би можело да се гледа на создавањето парламентарно мнозинство доволно за да се изгласа нова влада, која треба да биде функционална, ефикасна и со решенија за старите нерешени предизвици и новите што се напластија во меѓувреме.
Денеска и утре треба во Собранието да се расправа за програмата и предложениот владин кабинет на мандатарот Димитар Ковачевски, а законски предвидениот рок за изгласување на новата влада треба да се исполни до недела на полноќ. Иронично или прагматично, но изборот на новата влада доаѓа еден ден пред посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје, на 18 јануари. Иронијата за некои, но прагматичноста за други, се огледа во ставот дека за нас како држава е добро Ковачевски да го пречека високиот гостин како премиер. Во случај владиниот избор да беше во друг термин, а Ковачевски да го пречекаше Петков како мандатар, без изгласана доверба од македонското собрание, уште повеќе би се нагласила нерамноправната асиметричност на комплексните македонско-бугарски односи, почнувајќи од Договорот за добрососедство, кој се претвори во основа за идентитетско-историски уцени на Бугарија за македонските евроинтеграции.
Освен тоа, како поинаку освен како иронија да се протолкува дека Бугарија минатата година трипати спроведуваше избори по кои не можеше да добие премиер (но и покрај тоа го блокираше почетокот на нашите преговори за членство во ЕУ), за сега, кога конечно доби политичка влада, да нема соодветен соговорник во Скопје, кој мора да се изгласа спроти најавената средба.

Инаку, почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ е приоритет на секоја влада веќе 17 години, од 2005 година, кога земјата се стекна со статусот кандидат. Фрустрираноста од долгогодишниот престој во чекалницата на ЕУ е уште поголема по продолжувањето на серијата вета за почеток на преговорите, откако се покажа дека не беше доволно ни отстранувањето на она што се сметаше за последна пречка на патот кон ЕУ – менувањето на името на државата со Преспанскиот договор, по желба на Грција. Само неколку месеци по потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018-та, Франција (која сега е претседавач со Советот на ЕУ) повторно го блокира почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, со изговор дека сака да ја промени методологијата на преговарање. По шест месеци изгледаше како да е надминат и тој наводно „технички проблем“, кога Бугарија, која дотогаш се претставуваше како најголем поддржувач на македонските евроинтеграции, се „пријави“ во ЕУ за својот „дел“ од нејзините историски аспирации спрема Македонија. И по две и пол години од Декларацијата на бугарското собрание со услови за македонските евроинтеграции, кои се сведуваат на барање за признавање на „бугарските корени“ на македонската нација, нема суштинско поместување на позициите.
И очекуваната посета на новиот бугарски премиер на Скопје, иако под „мотото“ за одбележување на триесетгодишнината од бугарското признавање на независноста на Македонија, наводно е со намера за подадена рака за приближување на македонските и бугарските позиции. Но случувањата што ѝ претходеа на средбата, и во Софија, и во Скопје, не даваат оптимистички сигнали за такво приближување. Бугарскиот претседател Румен Радев, по одржувањето на неговиот совет за национална безбедност, дополнително ги радикализира барањата спрема Македонија, стеснувајќи му го просторот за добри намери на неговиот премиер Петков. Во Скопје, пак, пред завршувањето на мандатот на старата влада, досегашниот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров, практично, фрли „бомба“ во редовите на македонската дипломатија, оставајќи сомнежи дека е подготвена на ги прифати сите бугарски услови, повторно без гаранции дека нема понатаму да бидеме блокирани во евроинтеграциите.

Во секој случај, новиот премиер уште од првиот ден на мандатот го очекуваат жешки предизвици, од кои надминувањето на бугарската блокада за ЕУ е само увертира. Пандемијата, енергетската и економската криза веќе не се пред вратата на македонските граѓани и на македонското стопанство, туку веќе се внатре и одомаќени, што домаќините се чувствуваат како во базен, втурнати во водата во која веќе не го допираат дното ниту со врвот од прстите на нозете.
Иако со декларирана намера за одржување на мандатот до 2024 година, владата на Димитар Ковачевски никако нема простор за лежерност и ветувања во стилот – уште само да направиме нова влада, да го решиме по секоја цена ветото на Бугарија…, па да „шишаме“ со полна брзина во ЕУ.
Веќе на сите ни е јасно дека ЕУ воопшто не е така близу, а во меѓувреме Македонија и македонските граѓани треба да опстојат.