Има едно село на бреговите на Охридско Езеро. Калишта се вика, непосредно по Струга, кога се движите на југ покрај езерскиот брег, кон Албанија. Тоа е старо рибарско место. Поточно со рибарскиот занает се занимава со генерации и стотици години само една фамилија, Македонци, со презиме Танаскоски. Другите жители на селото се етнички Албанци, но тоа воопшто не било проблем тие отсекогаш да живеат едни со други во заедништво, да ги говорат и македонскиот и албанскиот јазик, да се помагаат и соработуваат, да живеат во слога и длабоко заемно почитување. И не дека немало кавги помеѓу нив. Нормално е тоа, живот е тоа, со генерации. Па, дури имало и крвна одмазда (повеќе убиства) помеѓу едно албанско семејство и Танасковци, но времињата одминуваат и сѐ се менува… Денес жителите на селото живеат токму онака како што треба да живее една мултиетничка средина – во слога.
Во семејството Танасковци, попрецизно во кланот, отсекогаш постоела хиерархиски поставена пирамида, речиси војничка хиерархија и субординација. Постоел и еден неформален совет на старци, совет на мудреци, кои со своите размислувања и ставови му помагале на лидерот на фамилијата Танаскоски да преживеат премрежиња.
Јас лично ги паметам мудреците како што се дедо Васиљ, дедо Павле, па и Ламбе, дедо Коста, па сѐ до Вангел, Наце итн. И сите тие се познати по некои свои мудрости, кои се пренесуваат како преданија од колено на колено. И како куриозитет, нивните предвидувања се исклучително прецизни и точни, како нацртани погодоци за тоа како ќе се одвиваат нештата во иднина… Од обични временски услови поврзани со езерото, со рибите и живиот свет на езерото, па до одредени општествено-политички движења и безбедносни процени. И тоа, како компјутерски точни предвидувања, а сепак искажано од устите на стари, искусни, но извонредно итри и интелигентни луѓе.
Сум слушал преданија за нивни точни предвидувања, постапки и поведенија уште од Кралството Југославија, па потоа преку СФРЈ и на крајот приказни од денешно време за предвидувањата и флексибилноста на фамилијата Танасковци, благодарение на мудрите мисли и совети на Советот на старците. Така тие опстанале до ден-денес, отпорни на сите надворешни државни и меѓудржавни влијанија, војни и притисоци… Денес, покрај рибарството, тие имаат и два рибни ресторана во селото, токму непосредно на брегот на езерото, со надалеку прочуени рибини специјалитети… Кога одам таму, не пропуштам рано наутро рибина чорба… И се разбира неизбежен е разговорот со еден од најстарите рибари, Наце. Човек не знае колку години има тој сега, а има избраздено лице и брчки длабоки како и јазовите на планината Јабланица, која се издига над Калишта. Очите му се веројатно со перде (катаракта), па изгледа небаре како слепите мудреци од бајките за деца… А, пак, неговите мисли се толку остри и чисти, што човек не може да се изнаслуша од неговата ризница на приказни.
Така, едно утро, слушајќи ми го гласот и препознавајќи ме, бидејќи не може да ме види јасно, се доближува да се поздрави, да праша за јуначко здравје и да се распраша што има ново во престолнината ни Скопје и како „Нова Македонија“ гледа на актуелните политички, домашни и странски состојби…
Во еден момент, кога мојата експликација заврши, тој исклучително мирно, со драмска пауза, со главата свртена кон езерото, небаре гледа сѐ што е пред него, дури до Самуиловата тврдина и Галичица на спротивната страна на езерото, ја изустува легендарната негова мисла и реченица: „Слушај ме, синко, без диктатура нема демократија!“
И повторно следува драмска пауза, за тој да види како ќе реагира соговорникот на овој став, кој сам по себе е парадокс, оксиморон, како сакате, кој сам по себе и за себе е толку противречен што не доаѓа предвид овие два општествено-политички феномена да стојат во реченица еден до друг, а не пак да ги поврзе човек толку тесно и еден до друг и да се има впечаток дека тие се дијалектички неразделни!?
Фрапиран од мислата, се обидов да си објаснам во себе дека за целава работа, за мислата што нема смисла, во прашање е некој негов гаф, сенилност, некритичност или, не дај боже, незнаење, кое ако го кажев гласно, не знам што ќе се случеше… По нова и длабоко подраматична и подолга пауза, во која мојата вилица веќе беше падната од зачудување, рибарот Наце, чувствувајќи дека не сум му дораснат за конверзација по оваа длабоко филозофска мисла, продолжи со монолог во кој ме паркира на друго место – на ново триножно ниско столче, предвидено за ученичиња, на кои од премногу впивање на знаење некојпат им се заматува во главата и паѓаат на земја… Среќа, затоа е ниско столчето, за да не се повредиме ние ученичињата…
Имено, рибарот Наце, сега веќе во улога на професор по филозофија, со рапав но авторитетен глас продолжи: Ако сметаш дека не разбирам јас, еве, кратко, пред да ти ја образложам мојата клучна теза „за демократијата и диктатурата“ и дека едно без друго не може, ќе ти објаснам точно што е нивната разлика, а потоа ќе ти го кажам нивното единство. Тоа ти е исто како водата и рибата!
Еве, за тие како тебе што не знаат, почна да раскажува Наце: Диктатура е форма на владеење во земја управувана од страна на едно лице (диктатор), каде што власта се остварува преку различни лостови за да се обезбеди моќта на владејачот да остане цврста. Диктатура е еден вид авторитаризам во кој политичарите го регулираат секој аспект од јавното, а и приватното однесување на граѓаните. Диктатурата користи политичка пропаганда за да се намали влијанието на застапниците на други, алтернативни мислења, спротивни на диктаторот. Диктаторите ја користат моќта што ја поседуваат за извршување на своите цели, не водејќи сметка за моралните и етичките последици по луѓето и државата со која владеат. Диктаторите многу ретко доаѓаат на власт со помош на т.н. демократски средства, најчесто до власта доаѓаат насила. Тие најчесто ги оправдуваат своите постапки велејќи дека ја користат силата и моќта што ја поседуваат за да се справат со некои тешкотии односно опасности, без разлика дали тие опасности се реални или измислени. Диктаторите многу ретко се откажувале од својата моќ и власт дури и тогаш и кога кризата односно опасноста ќе поминела. Ти звучи познато? Од друга страна, демократијата, демек „владеење на народот“, е управување со државата каде што наводно врховната моќ му е дадена на народот. Власта наводно му е дадена на народот, кој делегира негови избрани претставници во услови на демек слободен изборен систем. Што би се рекло, демократијата е облик на владеење каде што сите државни одлуки се спроведуваат или директно или индиректно од страна на мнозинството граѓани преку наводно праведен изборен процес. Ме разбираш ли или само ме слушаш?!
Фрапираноста, поточно одземеноста продолжи да владее со мене. Мислите му течеа како да чита од енциклопедија. Смирено, спокојно, уште еднаш ме потпраша дали можам да го следам… Само пропелтечив дека го слушам и со едно мое потпрашање… да помине на главното… како демократијата не може без диктатура…
Рибарот Наце како едвај да дочека да поентира: Јас знам што е диктатура, а што е демократија. Како што знам и што е демократски централизам, што владееше во Титова Југославија. Но, знам и што е анархија, која е најлошиот облик и каде што нема никакво владеење во државата и во општеството. Демократијата и диктатурата се „злато спрема анархијата“!
И треба тие наизменично да се менуваат, но анархија не треба никако да се дозволи. Како што е сега, процеди низ заби, повеќе за себе, државата мора да е арбитер ако сакаме да го избегнеме животот без правила (анархија). Државата е неопходна за да живее народот некако, малку добро, малку полошо, кога како. Но да живее! Се разбира дека е подобро да се живее во некаков вид демократија отколку во диктатура, која се покорува само на барањата на државата. Но народот кај нас не го цени тоа. Затоа одвреме-навреме власта треба да покаже заби. Ама не на сите, туку кога малцинството што ги крши Уставот и законите ќе стане мнозинство и ќе земе залет… Логиката е многу едноставна: за да може во општеството да се живее, тоа треба да се припитоми. Државата и моќта служат како средство за припитомување. Силата, моќта на државата, колку и да е страшна, никогаш нема да биде толку погубна како човекот без држава: затоа не смеат да се поставуваат граници на нејзината моќ. А ние сме на пат да ја изгубиме нашата држава. Моите мудри предци велеа дека на крајот на краиштата не е важно дали станува збор за кралство или за република, дали моќта е апсолутна или демократска – важно е да постои држава. Преостанатото зависи од периодите и обичаите и колку одредена доба е подготвена да прифати. Треба да сфатиме дека овие два начина не се спротивставени, туку меѓусебно се надополнуваат. Сите демократии имаат на располагање устав и закони што им дозволуваат суспензија на некаквиси „демократските слободи“ (читај анархија на одредена група граѓани) ако на државата ѝ се заканува нарушување на интегритетот. Попожелна е надмоќта на државата од нејзината немоќ. Ако не сакаш демократија, ќе добиеш диктатура, затоа што таа ќе спаси од нешто многу пострашно: анархија!
Наце потоа стана од столот, потпрен на бастунот, се истетерави до рибарското кајче, задоволно заклучувајќи, повеќе за себе, дека разговорот бил продуктивен и квалитетен и дека кога ќе размислам во блиска иднина, повторно ќе ме очекува да развиеме „заеднички“ нова теза…