Бајките се бегство од суровиот свет на реалноста. Во нив секогаш победува добрината над злото, доброто над лошото, убавото над грдото… Световите на бајките се бескрајни и бесконечни. И додека има родители и деца, баби и дедовци и внуци, на светот и во векот ќе има и бајки, вели писателот Христо Петрески

Времеплов – Која е тајната на долговечноста на бајките на браќата Грим

Повеќе од два века децата растат слушајќи ги бајките за „Пепелашка“, „Принцот жаба“, „Снежана и седумте џуџиња“, „Јованче и Марика“, „Среќниот Ханс“, „Заспаната убавица“, „Мачорот во чизми“, „Волшебната масичка“, „Храбриот кројач“, „Волкот и седумте јариња“ и многу други, напишани од перото на германските писатели браќата Јакоб и Вилхелм Грим.
Нивната прва книга, насловена „Детски и семејни бајки“, излезе од печат на 20 декември 1812 година. Таа и денес може да се најде во германските книжарници, само во модерно пакување и со етикетата „книга стара два века“. Досега овие бајки се преведени на повеќе од 170 светски јазици и, покрај Лутеровата верзија на Библијата, се сметаат за најпознато дело во историјата на германската книжевност. Оригиналните ракописи на браќата Грим се чуваат во нивниот музеј во Касел, а од 2005 година се дел и од светското културно наследство на УНЕСКО. Но меѓу списите на славните браќа нема само бајки туку и митови, нордиски саги, легенди, разни видови усни народни преданија, приказни за животни, поучни сказни…
Објавувањето на оваа збирка, што преставува кулминација на нивната собирачка активност, имало огромно влијание низ светот врз собирачите на народната книжевност, а меѓу нив секако и на нашиот Марко Цепенков и други наши собирачи на народни дела.
Интересирањето на браќата Грим за прозното народно творештво всушност го поттикнале германските поети, кои први почнале да ги откриваат бисерите на народната поезија.

Акцент на моралните и етички норми

– Заслугата на браќата Грим е тоа што се труделе да ги зачуваат оние бајки во кои главните личности се мали деца и млади луѓе, бидејќи тоа ги прави привлечни и за најмладите читатели. Тие низ овие сказни биле воспитувани во духот на етичките и моралните норми, упатувајќи ги во духот на протестантизмот, да бидат ведри, да ги слушаат постарите, да прават добро, да ги почитуваат десетте божји заповеди – објаснува во еден есеј Ханс Јорг Утер, уредникот на „Енциклопедијата на бајките на Грим“, со 2.700 енциклопедиски единици и автор на обемниот прирачник за првото нивно дело „Детски и семејни бајки“.
Оваа книга, во која се отпечатени 207 бајки, има неброено многу изданија во Германија. Таа била богато илустрирана и приспособена според должината, јазикот и стилот на разни возрасти.
Првата бајка во неа е „Кралот жаба и принцезата“. Овие сказни браќата Грим ги собирале цели десет години, но нивниот голем труд и пожртвуваност им донесоа бесмртност, а на многубројните издавачи, не само во Германија туку и во целиот свет, големо богатство и шанси постојано да прават нови избори на најубави сказни на славните германски браќа, со кои нови генерации момчиња и девојчиња ќе почнат да учат за животот, станувајќи инвентивни, но стекнувајќи и добри карактерни особини.
Бегство од реалноста

Многумина се прашуваат во што е тајната на нивната долговечност и фактот што и по цели два и повеќе века повторно им се интересни на најмладите, го разгоруваат нивното љубопитство и наоѓаат пат до нивните детски срца?
– Бајките никогаш не умираат, тие имаат вечен живот. Пред сѐ затоа што се необични, интересни, поучни, привлечни. Нив ги сакаат не само децата на кои им се раскажуваат и прераскажуваат, односно прикажуваат. Бајките се неисцрпни, трајни и незаборавни и затоа што се фантастични, волшебни, нестварни. Светот што е реален е многу суров и груб, па бајките се мало бегство од сето тоа. Во нив секогаш победува добрината над злото, доброто над лошото, убавото над грдото… Па, има ли нешто попрекрасно, поблагопријатно и попосакувано од тоа. Световите на бајките се бескрајни и бесконечни. И додека има родители и деца, баби и дедовци и внуци, на светот и во векот ќе има и бајки. А оние што ги напишаа браќата Грим се бесмртни, но тука речиси рамо до рамо се и бајките на Ханс Кристијан Андерсен, Шарл Перо, Александар Сергеевич Пушкин и многу други – вели писателот за деца и возрасни Христо Петрески.
Кај нас, за жал, бројот на бајкописците и на книгите со бајки не е голем, но сепак може и треба да се споменат: Марко Цепенков, Славко Јаневски, Видое Подгорец, Светлана Христова Јоциќ, Славка Манева, Александар Прокопиев, Владо Јаневски, Христо Петрески…

Децата лесно влегуваат во илузијата на бајката, која им помага емоционално да созреат и позитивно да се надградуваат. Дечињата ги сакаат сказните и ги прифаќаат нивните пораки, бидејќи во нив секогаш победуваат добрината и љубовта, а лошите се казнуваат, посочува авторката Татјана Гогоска. Според педагогот Весна Пецева, бајките го поттикнуваат развојот на детската фантазија, на говорот, на социјалната комуникација и на творештвото во различни области

Збирката за деца „Златно јаболко и други бајки“ од Христо Петрески, чиј издавач е „Вермилион“, е преведена и објавена на англиски јазик, од страна на издавачка куќа од Лондон. Преводот го направи Марија Тодорова, а книгата содржи богатство на теми раскажани со несомнена наративна вештина, кои на извонредно успешен начин ги поврзуваат современите проблеми од животот на децата со мотивите на народното творештво, притоа давајќи им нов живот на традиционалните приказни на различните народи што живеат на нашето поднебје. „Златно јаболко и други бајки“ на Петрески е добитник на наградата на „Вермилион“ за најдобар ракопис за деца и млади што промовира мир и толеранција во 2011 година.

Сликовницата – прва детска книга

За жал, децата и младите сѐ помалку читаат, но во почетокот на нивниот живот бајките се онаа задолжителна лектира што тие не можат никако да ја одминат и покрај експанзијата на интернет, мобилните и сите други технолошки чуда со кои се опкружени од најмали нозе…
Според Весна Пецева, дипломиран педагог, сликовницата е првата детска книга и преку неа детето се воведува во светот на литературата од најмала возраст.
– Децата навистина ги сакаат сликовниците и уживаат да слушаат додека некој им ги чита, но и самостојно „читајќи“ од илустрациите. Помеѓу многубројните наслови што се среќаваат во секојдневната работа со децата, несомнено значајно место имаат легендарните бајки на браќата Грим. Суптилната испреплетеност на фантазијата и реалноста, разновидноста на емотивните стимуланси и неизвесноста на дејството имаат магнетна привлечност за децата, но и за возрасните, кои им ги пренесуваат најчесто со емоции што ги доживувале во своето детство. Бранувањата што ги предизвикуваат овие прекрасни бајки го поттикнуваат развојот на детската фантазија, на говорот, на социјалната комуникација и на творештвото во разни области. Восхитени од убавината на Пепелашка, возбудени од авантурите на Мачорот во чизми и многу други ликови, децата се идентификуваат со оние што ќе ги изберат и ненаметливо, низ разновидни игровни активности, ги проектираат своите мисли, желби и потреби. Сето тоа децата го изразуваат преку разговор, прераскажување, цртање, креирање, драматизација, куклени претстави, музика, танцување и други активности – објаснува Весна Пецева.

Сите ја сакаат  „Пепелашка“

Според м-р Татјана Гогоска, авторка на многу детски телевизиски емисии и серии и на повеќе книги наменети за најмладите, дечињата ги сакаат бајките и ги прифаќаат нивните пораки бидејќи во нив секогаш победуваат добрината и љубовта, а лошите се казнуваат. Таа истакнува дека бајките ги развиваат позитивните особини кај децата, а оваа литература е најсоодветна за возраст од пет до осум години.
– Да, бајките на браќата Грим сѐ уште се актуелни. Кога во нашето драмско
студио „Ѕвезда“ ја поставувавме „Пепелашка“, за деца од 6 до 14 години, оваа скратена верзија ја подготвувавме со петмина млади актери и, каде и да настапевме, реакциите беа одлични и секаде бевме испратени со бурно ракоплескање. Интересни беа и реакциите на децата во публиката. Тие секогаш беа на нејзина страна, па дури им довикуваа и им се смееја на „лошите“ сестри. Помалите деца лесно влегуваат во илузијата на бајката, која им помага емоционално да созреат и позитивно да се надградуваат – вели м-р Татјана Гогоска.
Покрај многубројните емисии и серии што таа ги реализирала во Македонската телевизија, таа е и еден од авторите и на серијалот „Во светот на бајките“, кој се емитуваше од 1996 до 2000 година, кога беа екранизирани вкупно 26 бајки.
– Тогаш ни беше интенција да оживееме малку понепознати бајки од разни краишта на светот. Проектот, кој и денес може да се гледа на Јутјуб, беше повеќе од успешен, а во неговата реализација учествуваше голема креативна екипа. Би било убаво кога и денес би се снимале слични емисии – дополнува Гогоска.