И додека Економскиот совет мозга како да му помогне на македонското стопанство, компаниите ќе почнат една по една да го селат производството од тука. На таква опција размислува и симболот на моќната германска економија „Фолксваген“, кој поради недостиг од гас во Германија размислува да го префрли производството во Португалија или во некоја друга европска земја. Нашиве компании не можат да одат толку далеку, но тука им е Отворен Балкан, кој многу брзо ќе ги отвори вратите за илјадници фирми од тука, кои поради недостиг од енергенти ќе почнат да се селат кон соседна Србија, некои во Бугарија, а ништо чудно некои да се префрлат и во Грција
Ситуацијата со енергетската криза почнува сериозно да ескалира и веќе почнуваат превирањата во повеќето земји од светот, особено сега кога ОПЕК најави дека ќе го намали производството на нафта, што ќе значи нови повисоки цени на овој енергент од една страна, како и дополнителен раст на инфлацијата од друга страна.
Германија веќе почна да се жали од „пријателите“, кои наместо да ѝ понудат гас по прифатливи цени, ѝ понудиле гас што е десет пати поскап од она што претходно го плаќала.
Очигледно „пријателството“ постои само вербално, во пракса функционираат само интересите и ќе преживее само оној што најдобро знае да плива во матни води.
Земјите што со време си ги обезбедија потребните енергенти, било да станува збор за гас, нафта или за електрична енергија, сега помирно ја очекуваат зимата, за разлика од оние, меѓу кои сме и ние, што дури сега ќе вртат телефони некаде да прашаат да не им останало случајно вишок струја или гас по пониски цени.
Е, тоа е македонскиот проблем. Наместо да се спречи да избувне пожар, ние чекаме тој да се разгори, да ја пеплоса шумата, па потоа мудруваме што треба да направиме за во иднина да не ни се повтори истото сценарио.
Уште пред цела година беше јасно дека по пандемијата ќе следува енергетска криза и тоа го покажуваа сите економски параметри на берзите. Војната во Украина само го потврди тоа, а индикациите се дека оваа енергетска криза нема да биде година-две, туку дека ќе трае малку подолго.
Македонското стопанство навреме ја увиде целата ситуација и веднаш почна да предупредува дека ако продолжи актуелниот раст на цените на енергентите, тоа нема да може самото да го издржи тој удар без помош на државата бидејќи веќе и онака е на колена од последиците предизвикани од пандемијата.
Наместо надлежните прво да се зафатат со мерки за помош на економијата, тие ги оставија компаниите сами да се снаоѓаат на енергетските пазари, без оглед што цените на електричната енергија и на гасот скокнаа дури и за десет пати. Голем дел од македонските компании се бореа и во такви услови, но очигледно не можат да издржат на долг рок и веќе дури и големи компании најавија дека ако државата не помогне, тогаш ќе мораат да ги отпуштат вработените и да прекинат со работа.
Можеби навидум некому тоа не му изгледа страшно и затоа не му се брза со наоѓање решенија, но во пракса работата е многу пострашна. Ако неколку поголеми компании затворат, тоа ќе значи армија нови невработени, драстично намален прилив во буџетот, нови социјални случаи на товар на државата… Пред да затворат големите, многу е поверојатно да затворат илјадници мали компании што веќе работат редуцирано, што уште повеќе ќе го зголеми бројот на невработени, а ќе ја намали ставката по однос на придонеси во буџетот. Тоа ќе значи крах на економијата, а со тоа и колапс на државата.
Токму поради ваквото сценарио крајно е несериозно однесувањето на Владата, која во неколку наврати ја одложува средбата со бизнис-секторот, а кога конечно вчера заседаваше владиниот Економски совет, тој излезе со заклучок дека енергетската состојба е стабилна, a наредната недела Владата ќе излезе со мерки за најранливите категории граѓани и за компаниите.
Народски кажано и народски протолкувано, овој заклучок на владиниот Економски совет во јавноста се протолкува со онаа народната „Не умри магаре до зелена трева“.
Ако пред минимум шест месеци не беа подготвени мерките за помош на стопанството и на домаќинствата, сега е веќе доцна и кај што е доцна, туку уште и се одложува за следната недела. Па и тогаш речиси со сигурност ќе се одложи за уште некој ден. Ќе фатат празници, по некој споен викенд и, еве, дошла зимата. А во економијата секој загубен ден чини многу пари, особено сега кога цените на енергентите растат вртоглаво.
Тој Економски совет требаше многу одамна да биде во постојано заседание, а не да ги одложува средбите со бизнис-секторот само за да купи време за да најде побезболен начин да го соопшти она што на сите им е јасно, дека сме оставени сами на себе и дека кој преживее, ќе раскажува. Она што претходно се потврди со пандемијата, сега се повторува. Секој гледа да си ја спасува сопствената економија, така што никој нема да ни даде ниту струја, ниту гас, ниту јаглен во неизвесни времиња кога и самиот не знае дали утре и тој ќе може да си ги обезбеди енергентите во доволни количества.
Текот на војната во Украина и целите и на едната и на другата страна никој не може да ги претпостави, па дури ниту најпроникливите светски воени аналитичари. Околу едно сите се согласуваат, а тоа е дека конфликтот ќе потрае подолго време. Тоа значи повеќе години криза.
И додека Економскиот совет сега мозга како да му помогне на македонското стопанство, компаниите ќе почнат една по една да го селат производството од тука. На таква опција размислува и симболот на моќната германска економија „Фолксваген“, кој поради недостиг од гас во Германија размислува да го префрли производството во Португалија или во некоја друга европска земја. Нашиве компании не можат да одат толку далеку, но тука им е Отворен Балкан, кој многу брзо ќе ги отвори вратите за илјадници фирми од тука, кои поради недостиг од енергенти ќе почнат да се селат кон соседна Србија, некои во Бугарија, а ништо чудно некои да се префрлат и во Грција.
Што добива Македонија со едно такво сценарио? Стопански колапс, најблаго кажано. Тоа ќе значи дополнително прелевање на младата и способна работна сила во соседството, отворање нови компании и селење на постојните во соседните земји, драстично намалени приливи во буџетот и со тоа неможност да се креираат идни развојни политики. Во земјава ќе останат само пензионери и административци, кои ќе нема повеќе што да администрираат, а и ќе нема од што да земаат плати.
Затоа, за да не се случи ова мрачно сценарио кон кое се движи земјава, доста со одложувања, политички расправии и профитерство. Енергетската криза оди под рака со економската криза, па сите сили треба да се стават во функција на зачувување на македонското стопанство. Тоа подразбира максимално производство на електрична енергија, рационално користење, стопирање на ноќното производство на струја и зачувување на водниот потенцијал за дневна работа, кога на стопанството му е потребна евтина домашна електрична енергија, употреба на сите алтернативни горива што ги користи светот, но и поедноставување на сите процедури за инсталирање системи за производство на струја од обновливи извори. За овие мерки не треба многу мозгање и одложување, некој одамна ги смислил. Треба само волја да се спроведат.
Ако продолжи практиката не оваа недела идниот петок, тогаш огнот ќе ја изгори „шумата“, а од македонското стопанство ќе остане само пепел. Тогаш веќе ќе биде доцна за мудрување.