Каков пример оставаме како држава што претрпе низа понижувања на трнливиот пат кон ЕУ? Го сменивме името, допрва ќе го менуваме Уставот, покажуваме дека имаме добра волја и дека нѐ бива за да влеземе во европското семејство, а од друга страна не можеме да ја решиме корупцијата што ни го поткопува правниот систем? Па, зар толку ли мислиме дека некој е глупав или некој откај нас се надева дека корупцијата, која како ’рѓа ни го поткопува целиот систем, ќе остане незабележана од надвор?
Низа коруптивни скандали ја тресат македонската политичка сцена. Ја тресат и тоа од надвор. Првиот случај е случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој деновиве заедно со своите блиски членови на семејството беше ставен на црна листа на Соединетите Американски Држави, поради, како што велат, голема корупција.
Вториот случај е неодамнешниот скандал во кој австрискиот амбасадор во земјава Георг Вуцас бара да се сменат судии и обвинители и да одговараат нотари и извршители во земјава, оти го одолжувале процесот на наплата на долг што македонска фирма го има кон австриска фирма, инвеститор во земјава. Македонската фирма, во меѓувреме, го префрлила имотот на друго име и сега долгот не може да биде наплатен. Во овој случај, повторно се споменува име од политичката сцена во земјава.
Третиот скандал од мај годинава, пак, е оној во кој Холандија стави во мирување голем проект со Судскиот совет, заради случувањата во Судскиот совет во кои долго време се одолжуваше седницата за избор на претседател. Целата оваа ситуација ја зголеми загриженоста за независноста на судството. Колку за потсетување, претседателката Весна Дамева, која ја презеде функцијата лани, беше разрешена во постапка што според судската фела беше незаконска. Таа стана претседателка откако нејзината претходничка Павлина Црвенковска поднесе неотповиклива оставка со обвинение за притисоци од судска бизнис-елита.
Иако во нашава земја за корупција имаме многу примери, кои за да се набројат најверојатно ќе треба да се напишат цели томови, последниве три што не доаѓаат од нашите институции, туку од странски, доволно говори за гнилиот систем во кој живееме, а во кој, за жал, нема правда.
Каков пример оставаме како држава што претрпе низа понижувања на трнливиот пат кон ЕУ? Го сменивме името, допрва ќе го менуваме Уставот, покажуваме дека имаме добра волја и дека нѐ бива за да влеземе во европското семејство, а од друга страна не можеме да ја решиме корупцијата што ни го поткопува правниот систем?
Па, зар толку ли мислиме дека некој е глупав или некој од кај нас се надева дека корупцијата, која како ’рѓа ни го поткопува целиот систем, ќе остане незабележана од надвор? Немаме систем, немаме владеење на правото, немаме ништо од обележјата на една современа европска земја, епитет со кој сме горди да се китиме…
Очигледно е и јасно е како ден дека корупцијата е навлезена во сите општествени пори. За да се лекуваш мора да потплатиш, за да завршиш работа мора да најдеш човек, и тоа не кој било, туку некој близок на кој задолжително ќе му однесеш бонбониера или ќе го почестиш кафе, еден ручек во кафеана или пак „пеевче“ за самиот да се почести.
Па, и ние толку се изненадивме на сите овие информации, џанам ни е првпат. Не, не ни е ниту прв, а се чини дека нема да ни биде ниту последен.
Во земјава работите треба да се менуваат од корен. Сега, веднаш! Без никакви изговори. Да се почне од сегашните и бившите владини функционери, па судии, па обвинители, па градоначалници, дури потоа кај пониските државни службеници. Не да се чисти со метла, не со багер, туку торнадо да ги вшмука корумпираните ни функционери!
Ова што ни се случува е срамота. Дали дозволувате некој од надвор да ви чисти дома или си средувате сами? Е, сосема исто е и решавањето на корупцијата. Амбасадори на странски земји со право нѐ прават парампарче за корупцијата во земјава, иако имаме регулатива (не совршена, но сепак имаме закони) што предвидува како да се постапи со корупцијата и организираниот криминал. Но немаме човечки ресурси. Или, поточно, немаме мнозинство некорумпирани човечки ресурси. Следствено, немаме ниту институции што би требало тоа веќе да го откријат и да го решаваат.
За да бидеме конечно држава каква што сите само сонуваме да бидеме, мораме од корен да почнеме да се менуваме. Да средиме дома, пред да го вперуваме прстот во другите.
Ако нешто со години ни претставува сериозен проблем во итањето напред, тоа е долгогодишниот проблем со корупцијата, за која години и години нѐ предупредуваат и странците и домашните невладини институции.
Не знам кој е механизмот, навистина, немам идеја како би се извело тоа. Со кого и да разговарам, сите се подготвени да потплатат и подмитат за да завршат работа, а така во ЕУ не можеме, другари!
Размислувам за едукација на децата, ама па и тие веќе научија како се функционира тука. Па, тие за една петка добиваат ургенции преку разни високи инстанци во земјава.
Од каде да почнеме, навистина не знам. Но знам дека сите жртви што ги направивме како држава ни се залудни. Европа не сака и нема да нѐ прими вакви какви што сме. Џабе го сменивме името, џабе допрва ќе менуваме сѐ. Битките допрва почнуваат, а се чини дека промената на името беше една од најлесните. За неколку дена се заврши работата. Ама искоренувањето на корупцијата… е тоа ќе биде новина.
И за тој што ќе се нафати, ќе се најде чаре да се замолчи, затоа што корупцијата е како дрога. Тој што зел еднаш, ќе земе пак. Станува зависен и ќе бара уште повеќе, ќе му понуди на друг, и така во круг до недоглед. И исто како и зависноста од дрога што ги поткопува домот и семејството, корупцијата ги уништува државата и општеството.
А ние како општество и единки што живееме во него веќе имаме сериозен проблем со зависноста од корупцијата и додека не се излечиме, тешко дека ќе успееме да мрднеме еден чекор напред кон светлата иднина, за која само сонуваме.