Без исполнување на принципот на вистинско владеење на правото внатре во државава нема влез во ЕУ, а во тој дел Софија нема одговорност
Неодамнешното писмо на бугарскиот претседател Румен Радев до европските челници, но и одговорот на еврокомесарот за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, дека билатералните прашања остануваат надвор од пристапниот процес, говорат дека Европската Унија ги проѕре бугарските намери во однос на Македонија и повторно се врати на својата изворна идеја, напредување во согласност со европските принципи и стандарди.
Токму враќањето на Унијата на темелните вредности е отворена порака и до Македонија, дека кога ќе се изземат билатералните прашања од пристапниот процес, треба да се покажат резултати во областите што ги бара Европа, пред сè во владеењето на правото.
Изјавите на амбасадорите се ставови на ЕУ
Ваквата порака неодамна директно ја испрати австрискиот амбасадор во земјава Георг Вуцас, кој побара да се сменат судии и обвинители и да одговараат нотари и извршители во Македонија, оти го одолжувале процесот на наплата на долг што македонска фирма го има кон австриски инвеститор во земјава.
Реакцијата на домашната стручна фела е дека амбасадорите си земаат преголема слобода и директно се мешаат во правосудниот систем на една суверена држава, но колку и да е тоа точно, во практика секој македонски граѓанин или фирма во земјава барем еднаш се соочиле со судска неправда и токму поради тоа немаат никаква доверба во правосудниот систем и на критиките врз судството што доаѓаат од надвор гледаат благонаклоно, поточно како единствена сламка за спас од корумпираниот судски систем.
Повеќе од сигурно е дека на австрискиот амбасадор не му дошло толку до некоја австриска фирма, бидејќи Австрија како држава има други канали по кои ги решава таквите проблеми, туку во неговиот остар тон повеќе треба да се бара (не)скриената порака што всушност на земјава ѝ ја упатува ЕУ. Со други зборови, ако досегашните бугарски барања се надвор од секаква логика и Европа по две години го увиде тоа, истата таа Европа не може да ги затвора очите пред невладеењето на правото и немањето правна сигурност кај инвеститорите, што е од фундаментално значење во главниот кластер – владеење на правото. Несомнено досегашната блокада беше некаков бугарски каприц и романтичарски сон, но сè почестото директно вперување на прстот од страна на меѓународната заедница кон правосудниот систем во земјава значи само едно, дека следната блокада сами ќе си ја ставиме и нема зошто да се приговара на тоа.
– Ако заложбата за борба против корупцијата и организираниот криминал е сериозна, сега е време да се погледне, а не да се гледа настрана – порачуваат од Амбасадата на Австрија.
Неодамна сериозни критики за правосудниот систем упати и холандскиот амбасадор во Скопје, Дирк Јан Коп, според кого Судскиот совет во земјава стана нелегитимно тело и поради тоа Холандија стави во мирување голем проект за зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет.
И САД се вклучија во критиките на правосудниот систем во земјава, со констатација дека без владеење на правото, се загрозува и безбедноста.
– Ние се грижиме за демократијата и владеењето на правото во целина за сите наши сојузници и партнери. Сметаме дека фокусирањето на тие работи и постоењето на силни демократии се важни за да се има силни системи за да бидат отпорни, да придонесат пошироко за регионалната и глобалната безбедност. Така што тоа е секогаш важно – истакна заменикот на помошник-секретарот за одбрана на САД за европска и НАТО-политика, Спенсер Бојер.
Сите овие пораки имаат еден заеднички именител – критика на невладеењето на правото во Македонија, што од друга страна може сериозно да го забави напредувањето на земјава кон полноправно членство во ЕУ, без оглед што секојдневно македонската јавност е бомбардирана со оптимистичките најави за брзо членство до 2030 година.
Потребен е радикален рез, за системски промени
Пратеничката во првото македонско собрание и коментаторка на актуелните политички состојби Ѓулистана Марковска смета дека ние како држава во сите сфери не сме подготвени за ЕУ, бидејќи не сме си ја завршиле домашната работа, а Унијата постојано нè потсетува на тоа преку разните пораки што ни ги испраќа.
– Ние со целокупната наша домашна задача во сите сфери не сме подготвени за ЕУ, особено во секторот правна држава и судство. Мислам дека треба да направиме нов старт, односно да почнеме од почеток. Тоа подразбира сè да се распушти со закон и да се изберат нови состави секаде, при што санкциите за правораздавачите ќе бидат таксативно наброени, за да се знае кој за што е одговорен – смета Марковска.
Според неа, потребен е и нов закон со кој ќе се избегне секакво застарување на постапките, проблем што постојано ни го посочуваат меѓународните претставници.
– Потребен е нов закон за сите постапки во судството и крајни рокови колку треба да траат постапките, без можност да застаруваат. Со други зборови, тоа значи комплет ново судство, со нови законски рамки, што ќе подразбира висока морална и одговорна судска власт, која е темел на секое општество и на секоја држава – потенцира Марковска.
И другите соговорници со кои се консултиравме сметаат дека амбасадорите објективно предупредуваат на слабостите, без оглед дали некој тоа го толкува како недипломатско однесување и мешање во внатрешните работи.
– Помина времето кога дипломатите ни ги кажуваа работите завиткани во ракавици. ЕУ турка сега нова агенда со проширувањето и добро е што конечно почнува да инсистира на европските стандарди и принципи. Бугарската неоснована блокада губи секаква смисла кога станува збор за пошироката европска слика, така што сега од нас ќе се бара побрзо да ги средиме состојбите дома, особено во делот на владеењето на правото, каде што сме повеќе од очајни – истакнуваат соговорниците
Тие сметаат дека пораките што ги упатуваат странските амбасадори во земјава треба да се толкуваат како пораки на Унијата, а не на одредена земја-членка.
– Нема причина да се лутиме зошто странците отворено ни го критикуваат правосудството, кога и нашите граѓани не веруваат во него. Ако постои владеење на правото, ќе има и ефикасна борба со корупцијата и криминалот, што секако ќе направи од Македонија подобро место за живеење и подобар кандидат за членство во Унијата. Доколку не направиме „длабоко орање“ во сите форми на власта: извршна, судска, законодавна, на сите нивоа на власта, почнувајќи од највисоката – централната, завршувајќи во локалните власти, и да не ја пресечеме веќе детектираната (криминална) спрега меѓу претставниците на власта, тогаш сами се блокираме и нема некој друг да ни биде виновен – предупредуваат соговорниците.