Не смееме да дозволиме академски и културен молк за најкрупните постаменти на националната култура, бидејќи што друго може толку силно да одекне во одбрана до идентитетските напади однадвор и недозволивите компромиси однатре? Една сериозна културна политика, освен за живата култура, мора да се грижи и да ги зачува од заборав делата на великаните што најмногу придонеле за македонската посебност. Особено што во повеќе наврати се докажа дека политиката, сама по себе, а уште повеќе политичките структури и моќници не успеваат во тоа
„Најкрупната мана на македонската култура е што перманентно ги заборава нашите великани“, ми кажа во една пригода нашиот писател и новинар Томислав Османли, видно револтиран од амнезијата на нашите културни и научни институции, во крајна линија и на нашата културна политика, која честопати ноншалантно се однесува кон темелните вредности со кои некои личности од нашето минато ги задолжиле овој народ, книжевност и култура. Ова прашање се чини особено важно во ова време на негирања на македонскиот културен и јазичен идентитет, време во кое е исклучително нужно приказната за посебноста на македонскиот јазик да се шири низ светот.
Покрај големиот Мисирков и неговиот научен став за посебноста на македонскиот јазик, или Конески, кој констатира: „Јазикот е нашата татковина“, постојат и низа други дејци, кои можеби не толку директно, ама на посреден начин, преку своето творечко дело, придонеле македонската приказна да се прераскажува, а кои се заборавени. Минатата година, за среќа, не потфрливме во оваа смисла, кога стогодишнината од раѓањето на Конески беше достојно одбележана во текот на целата година, а да се надеваме дека тоа нема да се случи ни наредната, кога ќе се одбележуваат 100 години од раѓањето на уште еден наш великан, поетот Ацо Шопов, кој не помалку ги водел истите битки со кои се соочуваме и денес, негација на македонскиот идентитет и јазик, битки да се обезбеди и промовира местото на македонската книжевност во пошироки рамки. Денеска се навршуваат 40 години од смртта на Шопов, и тоа некако нечујно поминува во културниот и медиумски простор, иако станува збор за еден од најголемите македонски поети и втемелувачи на современата македонска поезија, преведувач и дипломат.
Но тивко поминаа и низа други важни јубилеи.
Само како пример, лани не беше само година на Конески, лани исто така се навршија и сто години од раѓањето на други не помалку важни дејци – Коле Чашуле и Благоја Корубин, сликарот Пецо Видимче и театарскиот и филмски актер Трајко Чоревски… Веројатно имаше уште. А низ годиниве којзнае уште колку такви „тивки чествувања“ ни се провлекле.
Не смееме да дозволиме ваков академски и културен молк за најкрупните постаменти на националната култура, бидејќи што друго може толку силно да одекне во одбрана до идентитетските напади однадвор и недозволивите компромиси однатре? Една сериозна културна политика, освен за живата култура, мора да се грижи и да ги зачува од заборав делата на великаните што најмногу придонеле за македонската посебност. Таков систем на вредности ги води културните процеси и само така може и пошироко, во регионални, европски и светски рамки, да се афирмира македонската литература, театар, сликарство, музика, филм… И затоа што во повеќе наврати се докажа дека политиката, сама по себе, а уште повеќе политичките структури и моќници не успеваат во тоа.
„Кога татко ми заедно со своите колеги поети ги создале ‘Струшките вечери на поезијата’ имале идеја светот да го донесат тука и Македонија да ја постават на светската културнa мапа. Тој многу добро знаел дека мора да се претставиме надвор со нашиот јазик и култура. Затоа и го направив порталот за Ацо Шопов, ако не ги ставаме нашите класици на интернет на различни јазици за да се шири нивното творештво, ние ќе си останеме затворени во нашата дупка и ќе си ги заборавиме нашите класици“, изјави деновиве Јасмина Шопова, ќерка на поетот Ацо Шопов, по повод 40 години од неговата смрт. Да не се ваквите индивидуални иницијативи и заложби, и навистина ќе пропаднеме во таа дупка, која најмногу самите си ја копаме.