Вниманието ни го привлече една фраза што во последно време како да станува сѐ поприсутна и која боде очи, а од неразбирливи причини беше потенцирана и во обраќањето на Скопско кале од страна на премиерот. Станува збор за фразата „мултиетничка држава“ со која се опишува Македонија, а која не е најсоодветна. Формулација што веднаш асоцира на некогашна Југославија, која беше сложена, федерална и мултиетничка држава, но републиките и според Уставите беа на народите во неа. Користењето на истата фраза денес, во Македонија, асоцира на некаква федерализација, наспроти нашата уставно загарантирана унитарност, при што произволната употреба на првичниот термин веднаш предизвикува непријатни чувства.
Експертите ќе се согласат дека соодветен, прикладен и формално и правно исправен термин е „мултиетничко општество“. Впрочем, тој е одомаќен кај нас и тука веќе нема ништо спорно, но затоа, пак, ставањето на државата во контекст што не одговара наведува на размислување. Македонија е држава на македонскиот народ и на делови на други народи (што е правно нејасен еуфемизам за малцинства) и тука не би требало да има никакви дилеми
Помина уште еден голем национален празник, уште еднаш се навратија сеќавањата на славните илинденци, од првиот и од вториот Илинден. Македонија знае, таа почитува и ги слави своите државни празници. Македонија го покажа тоа многупати досега со масовните собирања низ Македонија, во Ташмаруништа, во Лазарополе, во Трново, во многу места во кои сѐ уште се негуваат револуционерниот дух и споменот на празникот. Реките луѓе што се слеваа во овие места најдобро ги потврдуваат нештата.
А помина и одбележувањето од страна на државниот врв, при што нашите челници на повеќе локации се обидоа достоинствено да го одбележат празникот и да испратат пораки до сите луѓе што живеат во Македонија, а и надвор од неа. Веројатно дека државниот врв си има своја зацртана стратегија зошто се дисперзираат на толку многу локации одеднаш за да положат венци и да одржат пригодни говори, наместо да се направи една централна, грандиозна прослава, како што заслужува денот и таму сплотени со народот да си го кажат тоа што имаат да го порачаат. Така и ефектот би бил поголем и пораките посилни и навистина би се демонстрирале желба, стремеж за сплотеност, единство и сето она што во моментов толку многу ни недостига.
Но тоа е одлука на државниот врв и нам не ни преостанува ништо друго туку со внимание да ги следиме нивните обраќања и да ги анализираме нивните пораки. Се разбира, и годинава слушавме главно очекувани пораки и малку што можеше да нѐ изненади, но сепак некои работи не може да останат непрокоментирани.
Пред сѐ, вниманието ни го привлече една фраза што во последно време како да станува сѐ поприсутна и која боде очи, а од неразбирливи причини беше потенцирана и во обраќањето на Скопско кале од страна на премиерот. Станува збор за фразата „мултиетничка држава“ со која се опишува Македонија, а која не е најсоодветна. Формулација што веднаш асоцира на некогашна Југославија, која беше сложена, федерална и мултиетничка држава, но републиките и според Уставите беа на народите во неа. Користењето на истата фраза денес, во Македонија, асоцира на некаква федерализација, наспроти нашата уставно загарантирана унитарност, при што произволната употреба на првичниот термин веднаш предизвикува непријатни чувства.
Експертите ќе се согласат дека соодветен, прикладен и формално и правно исправен термин е „мултиетничко општество“. Впрочем, тој е одомаќен кај нас и тука веќе нема ништо спорно, но затоа, пак, ставањето на државата во контекст што не одговара наведува на размислување. Македонија е држава на македонскиот народ и на делови на други народи (што е правно нејасен еуфемизам за малцинства) и тука не би требало да има никакви дилеми. Но мултиетничката држава значи дека оваа држава уставно е на повеќе народи, дека конститутивноста и државотворноста се поделени меѓу нив, дека тоа ја става де факто и де јуре во сложени, федерални или конфедерални државни ентитети, а не во унитарни, и тука веќе работите стануваат спорни. Тука веќе навлегуваме во размислувањата на некои други луѓе, главно „добронамерни соседи“.
Треба ли да се навраќаме и да потсетуваме дека токму овие два термина беа тема на опширни опсервации, дискусии, па дури и научни трудови во периодот од пред деценија-две? Тогаш многу јасно се направи дистинкција и дилемите изгледаа расчистени.
Затоа останува само да веруваме дека се работи за ненамерен лапсус и дека времето ќе го потврди тоа. Сѐ друго е веќе прашање на сериозна анализа и на дополнителна дискусија.
А дискусија, секако, заслужува уште еден момент. Можеби за некого небитно, но вреди да се обележи. Имено, во Крушево, на Мечкин Камен, каде што, нели, треба да биде централната прослава во Републикава, покрај официјалниот дел и говорите на политичарите, предвидено е да има и пригодна културно-уметничка програма.
Забележливо е дека последниве години, веќе како да станува традиција, на прославата на Мечкин Камен во Крушево да настапуваат две национални установи, ансамблот за народни песни и ора „Танец“ и Ансамблот на албански народни ора и песни. И до тука е работата во ред, да се презентира богатството на народни песни, ора, традиција на едно мултикултурно општество, како што сакаат да кажат политичарите, кога не ја користат фразата мултиетничка држава.
Но ако е веќе мултикултурно општество, каде се во случајов другите народи и народности, да не речам малцинства, оти овој збор кај нас се толкува како навредлив. Ако сме веќе мултикултурни, зошто не се поканат, макар симболично и Турците и Србите и Власите и сите други што се застапени не само во Уставот туку и во реалниот живот. Можеби немаат национални установи, но секако дека имаат што да покажат уметниците што ги негуваат културата и традициите на своите матични држави. Вака, целата работа останува недоречена од тој аспект. И остава простор за дополнителни дискусии. Па колку и да му изгледало некому неважно за спомен.