Вил Дјурант, истакнат американски писател, историчар и филозоф, во првиот том на својата единаесеттомна „Историја на светската цивилизација“ го запишал следното: „Кина ја нарекувале рај за историчарите. Со векови, дури и милениуми Кина имала официјални историографи, кои бележеле сѐ што се случувало, па дури и повеќе од тоа“
Мудреците велат дека историјата треба да се изучува зашто е учителка на животот, а минатото да се негува зашто е искуство и поука за иднината. Но ние како општество не ја разбираме оваа суштина, во спротивно романот „Црно семе“ на Ташко Георгиевски и драмата „Црнила“ на Коле Чашуле сѐ уште ќе се изучуваа при наставната програма по македонски јазик и литература за стручно образование, дела во кои се говори за голготата на Македонците од егејскиот дел на Македонија и братоубиствените пориви на Македонците во Бугарија, кои станаа орудија на една туѓа политика. Очигледно е дека во изминативе триесет години заборавиме многу нешта, но доколку ги заборавиме сопствената историја и минатото ќе останеме без иднина. Некој можеби ќе ни противречи дека минатото треба да се заборави и да се погледне кон иднината, но мораме да имаме предвид дека реалноста е каузалитет помеѓу минатото и иднината.
Ако ништо друго, можеме да се послужиме со искуството на другите. Еве, на пример ваквото размислување за односот кон минатото и иднината е особено карактеристично за Кина. И не случајно Дени Дидро (француски писател, филозоф и важна фигура во просветителството) напишал дека Кинезите се супериорни во однос на другите азиски народи во изучувањето на уметноста, интелектот, мудроста, политиката и филозофијата, како и дека за овие нешта можат „да водат полемика со најдобрите луѓе во Европа“.
Кина била интересна и за славниот Волтер (француски просветителски писател, историчар и филозоф), кој вели дека: „Царот како цар постои веќе четири илјади години, без некои битни промени на законите, традицијата, јазикот, дури ни во начинот на облекувањето… Организацијата на ова царство, искрено кажано, е најдоброто што светот некогаш го видел“.
Доколку во подалечното минато Кина се одликуваше со напредок и благосостојба, периодот од 1839 до 1949 година во кинеската национална меморија е запаметен како векот на понижување или сто години на национално понижување поради мешањето во внатрешните работи на династијата Чинг и Република Кина, како и обидите за потчинување од страна на западните сили и царството Јапонија, период што заврши со прогласувањето на Народна Република Кина и кинеското економско чудо, кое започна во последните децении на 20 век.
Денес Кина е работилница на светот и е на добар пат да ја елиминира апсолутната сиромаштија, откако претходно околу 850 милиони сиромашни Кинези се оформија како средна класа. Кинеското економско чудо се должи на реформите насочени кон зајакнување на економскиот раст, високата продуктивност, високите стапки на заштеда, политики насочени кон промовирање на извозот, високите стапки на инвестиции и странски инвестиции. Но во оваа равенка има уште една непознаница што ја дознаваме од Вил Дјурант. Овој истакнат американски писател, историчар и филозоф, во првиот том на својата единаесеттомна „Историја на светската цивилизација“ го запишал следното: „Кина ја нарекувале рај за историчарите. Со векови, дури и милениуми Кина имала официјални историографи, кои бележеле сѐ што се случувало, па дури и повеќе од тоа“.
Да се навратиме на веќе споменатиот историски период познат како векот на понижување, кога Кина била распарчена, ги загубила речиси сите војни во кои била вклучена и честопати била принудена да им дава големи отстапки на големите сили во нееднакви договори. Кина исто така била принудена да плати огромни суми за репарации, да отвори пристаништа за трговија, да даде територии на користење или да отстапи територии (како Надворешна Манџурија, делови од северозападна Кина и Сахалин на Руската Империја, заливот Џиаожу на Германија, Хонгконг на Велика Британија, Макао на Португалија, Жанџијанг на Франција и Тајван и Далиан на Јапонија) и да направи многу други отстапки за суверенитет на странските „сфери на влијание“ по воените порази.
Меѓутоа по завршувањето на Кинеската граѓанска војна и прогласувањето на Народна Република Кина постепено започнаа реформски процес и трансформација на оваа азиска нација во светска суперсила. Ова видоизменување се должи и на фактот дека кинеската нација никогаш не ги заборави своето минато и историја. Впрочем, кинеската цивилизација е стара речиси пет илјади години, период во кој се акумулираше многу корисно искуство и беше искористен за денешниот кинески напредок и благосостојба. Кина како нација и држава никогаш не го заборави првиот кинески цар Чин Ши Хуанг, ниту пак го заборави Конфуциј прочуениот филозоф, кој велел: „Ако сакаш себеси да се воздигнеш, воздигни ги другите.“
Денес, кинеското општество во некои сегменти наликува на западните општества, но Кина и понатаму ги негува своите особености – јазик, култура, историја итн., како носечки столбови на денешниот економски и општествен просперитет. Доколку го земеме примерот со Кина, која ги искористи минатите искуства за да се соочи со сегашноста, никогаш како општество не смееме да ги заборавиме сопственото минато и историја, зашто на тој начин можеме да останеме без иднина.