Очигледно е дека политичките несогласувања не ѝ наштетија на културната соработка, која и натаму функционира, покажувајќи го начинот на кој соседите треба да се почитуваат меѓусебно. Народите на Балканот имаат добра културна комуникација, но непремостливи пречки во политичката
Археолошкиот музеј на Македонија годинава беше дел од неколку капитални проекти од областа на археологијата, а меѓу нив како позначајни се издвојуваат изложбите „105 години Требениште“, отворена годинава во Софија, и „Сребрена Тракија“, која од вчера може да се види во Скопје. Поставките предизвикаа голем интерес кај јавноста, особено кај стручната фела, а и двете се плод на живата културна соработка со соседна Бугарија. Изложбата „105 години Требениште“, поставена во Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија, е проект што започна во 2017 година и што создаде нова енергија во балканската музеологија, која се стреми кон обединување на професионалноста на експертите од музеите во Скопје, Охрид, Софија и во Белград. Археолошките предмети ќе бидат изложени во Софија до крајот на март 2024 година, а во 2025 година изложбата ќе патува во Народниот музеј на Србија во Белград.
Вчера, пак, во Скопје беше отворена импозантната изложба „Сребрена Тракија“, која се организира во соработка со Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките од Софија, Бугарија. Станува збор за археолошки предмети од поголемиот дел на тракиската територија, поточно од 17 музеи во Бугарија. Тракијците, како и сите други племиња што живееле во минатото, оставиле длабоки траги во материјалната култура.
Овие две изложби се само некои од заедничките заложби на двете земји за подобра соработка во културата. Има и безброј други примери. Годинашниот меѓународен театарски фестивал „Скупи“ беше затворен со гостување на театарската претстава „Орфеј“ на народниот театар „Иван Вазов“ од Софија. Скопската публика имаше можност да ги види големите имиња на бугарскиот театар од маестралната трупа на најголемиот и најпознат театар во Бугарија, инаку еден од омилените на нашата публика, кој гостувал повеќепати на фестивалот „Млад отворен театар“ во Скопје и секогаш ја одушевувал публиката.
Еден од најпреведуваните, најчитани и омилени писатели кај нас, бугарскиот писател Георги Господинов, во една пригода изјави: „Нема битка за минатото што е добиена. Тие битки само отвораат нови војни. Минатото е деликатно чудовиште…“, што недвосмислено зборува за фактот дека веројатно само политичарите и некои ригидни историчари сѐ уште му робуваат на историското и политичкото бреме од деветнаесеттиот век
Програмата за соработка меѓу Македонија и Бугарија, пак, која е темелен акт за интензивна комуникација во овој ресор, а се потпишува меѓу двете министерства, е обновена во 2022 година. За континуитетот во билатералните односи во културата голема заслуга имаат културно-информативните центри, македонскиот во Софија и бугарскиот во Скопје, кои се средиште на многубројни настани од сите области што ги поврзуваат културите на двете земји. Претстои и иницирање соработка меѓу Пловдив и Скопје пред претстојната манифестација „Скопје – европска престолнина на културата“, по успешните искуства што ги имаше Пловдив пред пет години. Потоа тука се соработката во визуелните уметности и повеќето изложби низ градови во Бугарија, соработката во музичката дејност со учество на фестивали од различни жанрови, учеството на бугарски поети на „Струшките вечери на поезијата“, многубројните преводи на книжевна дела на двата јазика и поттикнувањето на творештвото, цврстите врски што се постигнати во театарската и во филмската уметност, кои поттикнуваат меѓународна презентација на уметноста на двете соседни земји… Тука е и добрата комуникација што ја имаат културно-информативните центри во Софија и во Скопје, како и идеите за поинтензивна промоција на македонската и на бугарската култура, имајќи предвид дека годинава се прославуваат 20 години од постоењето на македонскиот КИЦ во Софија.
Сиве овие културни настани, иако независни едни од други, се показател дека културата може да се издигне над политиката и се доказ за одлична меѓусоседска соработка, тие покажуваат колку е вредна нашата соработка во регионот, особено на културен план, и колку таа непречено се одвива и покрај влошените односи предизвикани од неразумните барања на Софија и бугарската блокада за евроинтеграциите на земјава. Очигледно е дека политичките несогласувања не ѝ наштетија на културната соработка, која и натаму функционира, покажувајќи го начинот на кој соседите треба да се почитуваат меѓусебно. Народите на Балканот очигледно имаат добра културна комуникација, но непремостливи пречки во политичката комуникација. Парадоксално е што јазичната и културолошка блискост наместо поголема поврзаност, раѓаат политичка нетрпеливост, агресивни дипломатски изјави, обиди за ретуширање на историјата, присвојување истакнати личности… Таквиот тон на комуникација речиси отсуствува во комуникацијата меѓу креативните творци и луѓето од културата од двете земји, меѓу кои постојат и нераскинливи и блиски пријателства.
Ете, еден од најпреведуваните, најчитани и омилени писатели кај нас е токму бугарскиот писател Георги Господинов, кој во една пригода изјави: „Нема никаква логика ниту политичка, ама ниту човечка, денес во ваков збунет свет, да отвораме битки за минатото, наместо да мислиме на сегашноста. Нема битка за минатото што е добиена. Тие битки само отвораат нови војни. Минатото е деликатно чудовиште. Јас сакам да верувам дека разумот ќе надвладее и политичкиот јазол ќе се реши, ама другите рани, што емотивно ги нанесовме покрај спорот, тие ќе зараснат побавно“… Ова недвосмислено зборува за фактот дека веројатно само политичарите и некои ригидни историчари сè уште му робуваат на историското и политичкото бреме од деветнаесеттиот век.