Македонската Охридска архиепископија – македонско бесценето културно наследство

Во контекст на македонското културно наследство треба да се спомене и Охридската архиепископија, затоа што таа е еден од најзначајните сегменти од македонската историја, култура и идентитет. Во македонската наука има еден момент што се пренебрегнува, а има особено значење. Имено, по освојувањето на Македонија, османлиските султани ја зачувале Охридската архиепископија и во недостиг од други институции, македонското христијанско население ги реализирало своите потреби, барања и стремежи преку оваа црковна институција

Културното наследство може да се разбере како израз на обичаите, практиките, местата, предметите, уметничките изрази и вредностите, односно израз на начините на живеење, кои се развиени од заедницата и пренесувани од генерација на генерација. Како составен дел од човековата активност, културното наследство овозможува опипливи претстави на вредносниот систем, верувања, традиции и начин на живеење, односно ги содржи сите видливи и опипливи траги од минатото до денес. Културното наследство ги вклучува материјална култура (како што е црквата „Св. Софија“ – една од најголемите македонски средновековни цркви и во еден долг временски период соборна црква на Охридската архиепископија) и нематеријалната култура (како што е Охридската книжевна школа формирана во 886 година од Климент Охридски или Слепченската книжевна школа, која располагала со богата ракописна збирка со словенски и оригинални византиски ракописни книги).
Споменатото нематеријално културно наследство е особено интересно бидејќи се состои од нефизички аспекти на одредена култура, односно од начините и средствата на однесувањето на една заедница или општество. Овие аспекти ги вклучуваат општествените вредности, традицијата, обичаите, уметничкото изразување, јазикот и духовното верување, односно етничките, религиозните и филозофските вредности на одредена група луѓе. Ако се земе предвид искажаното, не случајно секое општество, нација или држава се насочени кон институционално зачувување на културните материјални нематеријални добра (како што се активностите на истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ или Слепченскиот манастир, кој денес ја продолжува својата вековна традиција и врши дигитална реституција на црковното книжевно наследство).
Во контекст на македонското културно наследство треба да се спомене и Охридската архиепископија, затоа што таа е еден од најзначајните сегменти од македонската историја, култура и идентитет. Во македонската наука има еден момент што се пренебрегнува, а има особено значење. Имено, по освојувањето на Македонија, османлиските султани ја зачувале Охридската архиепископија и во недостиг од други институции, македонското христијанско население ги реализирало своите потреби, барања и стремежи преку оваа црковна институција.

Црквите и манастирите биле единствените јадра околу кои се обединило македонското христијанско население, а црквите и манастирите биле центарот и тежиштето на културно–народниот живот, смислата на нивите погледи и мислења за светот околу нив. Затоа Георги Томалевски (писател, есеист, и публицист) вели дека во македонската црква „се сретнувале сите блиски, еснафите, мајсторите. Секоја недела таму се читало божјото слово на мајчин јазик. Тоа за тие што знаат како се изградуваат и зачувуваат светилниците на народниот дух не е нешто мало, вообичаено. Во тој акт се крие едно особено чувство, еден култ, едно второ верско исповедување. Одењето во црква, таа бесчујна демонстрација е ден пред народната свест“.
Доколку внимателно се анализира, Охридската архиепископија има особено значење за македонската историја, култура, јазик и идентитет затоа што го зачувала македонскиот народ од асимилација низ вековите. Охридската архиепископија како институција го има истото она значење како црногорската верска автономија преку цетинскиот владика или српскиот алтернативен верски центар во Сремски Карловац. Не случајно кога одредени Грци добиле привилегиран статус во 1766 и 1767 година ги укинале црковните организации во Пеќ и во Охрид, со цел да го наметнат своето културно и јазично влијание во Србија и во Македонија. Оваа одлука негативно се одразила врз процесот на македонското национално обособување бидејќи македонскиот народ ја изгубил единствената автохтона институција.

Во втората половина на 19 век, македонските преродбеници биле свесни за значењето на Охридската архиепископија и затоа бараат нејзино возобновување. Ова е особено очигледно во песната „1762 лето“ од великиот Григор Прличев, во која се вели: „Грцкиј патрик ќе ни строши славна Охридска Столица и мене до смрт ќе држи в заточение. Еј! В заточение. Ќе прати владици Грци лицем светци срцем в’лци ќе ве дават, ќе ве стрижат, ќе м’лзат до крв. Еј! Ќе молзат до крв. Меѓу народа ќе сејат несогласје и раздори, да се мразат син со татка и со брата брат. Еј! И со брата брат“. Значењето на Охридската архиепископија ја разбрал и Петар Поп Арсов, па затоа во своето дело „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“ ги повикува на помош сите „чесни Македонци! Елате да ги спасиме црковните општини бидејќи тие се единствен наш парламент, каде се закрепнувал и зачувал стариот демократски словенски дух на нашиот народ… единствена народна институција, која ја зачувале нашата националност и човечка физиономија во петстогодишниот период“.
Од денешна перспектива, кога некои ги негираат македонските особености – јазик, култура, историја, традиција, обичаи итн., не смееме да заборавиме на значењето на Охридската архиепископија како културно наследство на Македонија и македонскиот народ. Но тука има уште еден позначаен момент, не смееме да заборавиме дека современата Македонска православна црква го негува и одржува наследството на старата Охридска архиепископија и оттука има право да се повикува на оваа црковна традиција. Со други зборови, денес МПЦ-ОА го има истото значење како и Охридската архиепископија во рамките на Османлиското Царство, не случајно МПЦ-ОА го негува македонското нематеријално културно наследство, односно македонските вредности, традиција, обичаи, јазикот и духовното верување, како и етничките, религиозните и филозофските вредности на македонскиот народ.