Ослободителите на Скопје - Македонските партизани, дефилираат на плоштадот

„Битката за Скопје претставува една многу сложена операција, како во смисла за прибирање на силите така и во смисла на самиот начин за спроведување на нападот“, Михајло Апостолски, генерал и командант на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија

Честит 13 Ноември, Денот на ослободувањето на главниот град на Македонија:

Битката за Скопје започнала на 11 ноември 1944 година, кога 42-та народноослободителна дивизија и Третата македонска бригада ги нападнале одбранбени позиции на германската армија во правец на Сопиште – Кисела Вода. Вечерта, по жестоките борби, македонските партизани успеале да ги поразат германските војници на линијата Лисиче – Сопиште и Кисела Вода – Бел Камен. Истовремено, 50-та народноослободителна дивизија ја разбила германската одбрана кај Катланово и се создале услови за напредување кон Петровец. По овие успеси, следниот ден силите на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија предводени од генералот Михајло Апостолски ги продолжиле борбите. На 12 ноември, борбите започнале да се одвиваат на скопските улици, а 42-та народноослободителна дивизија се борела во јужните делови на Скопје. Третата македонска бригада успеала да се пробие од Кисела Вода кон центарот на градот, поточно кај денешното македонско собрание, а на 12 ноември се воделе борби и кај старата железничка станица, учителската школа и поштата. Паралелно се воделе борби и за мостовите каде што германските војници жестоко давале отпор и биле подготвени да ги уништат со експлозив.
За овие настани, Михајло Апостолски вели: ,,Во текот на ноќта помеѓу 12 и 13 ноември се развија жестоки борби; одделни згради како Народна банка, Поштата и други, по неколку пати преминуваа од раце во раце. Во тие борби голема улога изиграа ударните групи од градот… се појавија и со самопрегорен елан, нападнаа на Германците в грб, и в бокови, се поврзаа со нашите единици и вршеа улога на незаменливи водачи, оти точно го познаваа не само градот туку и организацијата на германската одбрана, та со тоа им укажуваа огромна услуга на нашите единици“.
Борбата за Скопје продолжила и на 13 ноември 1944 година, меѓутоа германската команда ја согледала реалната состојба на теренот и одлучила да повлече еден дел од германската армија кон Качаник. При повлекувањето на германската војска од северниот, североисточниот и западниот дел од Скопје биле употребени и германски оклопни тенковски единици, меѓутоа тие не успеале да ги извлечат германските војници од центарот на Скопје. Оттука само еден дел од германската војска успеала да се повлече, а другите биле опколени од силите на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија што се бореле во Скопје.

Најсилен отпор дале германските војници што биле забарикадирани во учителската школа и поштата, тука борбите се одвивале до доцна во ноќта на 13 ноември, кога последните германски војници се предале. Воените операции во градот Скопје против непријателските вооружени сили се одвивале и на 14 ноември, односно македонските сили го проверувале теренот, барајќи остатоци од германската војска.
Борбите во околината на Скопје продолжиле бидејќи германската армија, со поддршка на голем број балистички воени групации, се обидела да ја уништи браната на Матка. Тука баталјонот од 12-та македонска бригада се судрила со околу 2.000 вооружени балисти. Битката се водела цел ден, сѐ додека не пристигнала помош од Скопје, а балистите имале значајни загуби. На 14 ноември, Скопје веќе било ослободено, меѓутоа борбите против соработниците на германската армија продолжиле кон Групчин и Тетово, а истовремено е спречен контранапад од западната и северозападната страна на Скопје.
Независно од овие настани, на 13 ноември во ослободено Скопје продефилирале дел од единиците на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија. Неколку дена подоцна во Скопје пристигнале претставниците на Президиумот на АСНОМ и на Главниот штаб на Народноослободителната војска, како и политичките раководители и истакнати македонски дејци. Во Скопје се одржува парада по повод ослободувањето на Скопје, а на неа меѓу другите биле присутни Методија Андонов-Ченто (претседателот на Президиумот на АСНОМ) и генералот Апостолски (командантот на НОВ и ПОМ), како и многу други истакнати дејци. Д.Ст.


Регистрираме обиди за ревизија на историографијата, преку манипулација на фактите во врска со ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор

Пет години по ослободувањето на Скопје, бугарската историографија се обидела да даде еден поинаков наратив на настаните, имено, дека бугарската армија има заслуга во ослободувањето на Скопје. Меѓутоа овој наратив се отфрла од многу директни ученици во борбите за ослободувањето на Скопје. Меѓу нив е и генералот Михајло Апостолски, кој во своите спомени вели дека не само што не учествувале во битките за ослободување за Скопје туку не биле вклучени во ниту еден од направените воени планови. Според командантот на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, Радио Софија секојдневно ширело дезинформации низ бугарските медиуми како нивните војски играат ослободителна улога во Македонија. Ова со гнев било увидено од страна на Апостолски, кој тогаш издал наредба, со која им се забранило воопшто да влезат во Скопје, а не пак да парадираат. На оние што се појавиле откако битките завршиле им било дозволено од генералот Апостолски да се одморат во касарните и да се вратат назад во Бугарија, без никакво право за нивно парадирање на улиците на слободниот град Скопје.
За овие случувања во своите мемоари говори и Боро Чушкар (македонски првоборец и генерал). Чушкар исто така потврдува дека Радио Софија ги манипулирала бугарските граѓани дека бугарскиот генерал Стојчев лично го ослободил Скопје.
Меѓу другото, Чушкар за овие настани вели: „Стигнавме кај Железничката станица во последна минута. Бугарските осмореди само што не беа тргнати по главната улица на параден марш. Рипнавме од коњот и Ѓуро и јас. Му пријдовме на најстариот по чин офицер. Беше тоа командант на дивизијата, а по чин беше – генерал мајор. Сув, слабичок и некако жолт, како лимон. Отидов и го прашав: ’Знаеш ли дека ова не е царска Бугарија? Знаеш ли ти, генерале, дека се наоѓаш во Југославија? Знаеш ли ти дека војуваме против вас четири години? Да ви… фашистичка! Знаеш ли ти, ѓубре едно…, ако направите уште еден единствен чекор кон градот, дека ќе наредам да се пука кон вас од сите оружја и орудија што ги има во градот!? Се влечете како лешинари по нас и јавувате по радио како ја ’ослободувате Македонија‘!? Каде вие испаливте куршум за ослободување на Велес и Скопје, да ви… Што ви дава за право така гадно и подло да се лажете себеси и светската јавност!? Сместа во овој момент ќе ѝ наредите на војската да се сврти на лево круг и сите да се вратите во касарните од каде и дојдовте. Дали разбравте, генерале? Со нас шали ќе нема‘, му реков нему, а кога завршив, видов дека сѐ уште го држам за градите како детска играчка‘“.